/ Прочитано:

1.357

СЕКОЈ ТРЕБА ДА ИМА ЕДНАКОВ ПРИСТАП ДО ОБРАЗОВАНИЕ: Симулација на судење за дискриминација од областа на образованието

Симулација на судење за случај на дискриминација од областа на образованието: „Не дискриминирај!“ ќе се одржи денеска во организација на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и  Младинскиот oбразовен форум.

Двочасовниот настан, посочуваат од Хелсиншкиот комитет и од МОФ, ќе има за цел да ја запознае јавноста, а особено младите, со дискриминацијата – во овој случај онаа што се случува врз основа на попреченост. Присутните ќе можат на креативен начин да се запознаат со парничната постапка како механизам за заштита од дискриминација.

Симулацијата е дел од проектот „Поддршка од граѓанското општество кон политиките за социјална кохезија и различностите“ поддржан од Британската амбасада во Македонија. Симулацијата ќе ја изведат средношколци, членови на програмата „Учиме право“ на Младинскиот образовен форум. Членовите на клубовите „Учиме право“ посетуваат неделни бесплатни предавања и работилници водени од млади правници; учествуваат во обуки, посети на институции, симулации на судења, квизови и следат гостински предавања на адвокати, обвинители или судии.

„Учиме право“ е програма во рамки на Младинскиот образовен форум која цели да ги запознае младите со нивните права, демократијата, правниот систем и концептот на владеење на правото. Преку оваа симулација, организаторите сакаат да придонесат за развивање на свеста дека секој треба да има еднаков пристап до образование.

Во Законот за спречување и заштита од дискриминација, во делот на судската заштита се пропишува дека лицето што смета дека поради дискриминација му е повредено некое право е oвластено да поднесе тужба пред надлежен суд. Во постапката, се пропишува во Зaконот,  соодветно се применуваат одредбите од Законот за парничната постапка.  Постапката е итна.

Во новите решенија за Законот за спречување и заштита од дискриминација се предвидува и тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес (actio popularis), односно дека здруженија, фондации, или други организации од граѓанското општество, кои имаат оправдан интерес за заштита на интересите на одредена група или во рамките на својата дејност се занимаваат со заштита од дискриминација, можат да поднесат тужба, ако направат веројатно дека со постапувањето на тужениот се дискриминирани поголем број лица.

M.В