/ Прочитано:

1.753

Сексуалното образование мора да биде дел од образовниот систем во Македонија

Децата се препуштени сами на себе. Тие учат од сопствените искуства, со што се изложуваат на дополнителни ризици. Кај нив се јавува срам при купување кондоми. Во однос на ова прашање не ги исклучувам ниту момчињата, ниту девојчињата. Особено сметам дека треба да бидат отворени прашањата што се однесуваат на сексуалната ориентација. Истражувањето покажува дека дел од анкетираните момчиња се изјасниле дека се вљубени во момче, а дел од девојчињата дека имаат повеќе симпатии кон девојчиња. Овие деца не ни помислуваат да говорат отворено за ова бидејќи сметаат дека ќе бидат осудени од заедницата, од семејството, од друштвото. Затоа, на младите мора да им се обезбеди пристап до информации за сексуално образование, во согласност со нивната возраст и со нивните потреби.

Сексуално образование

За темите што се однесуваат на сексуалното и репродуктивното здравје на младите во Македонија се зборува многу малку и сè уште не постои подготвеност да се зборува отворено и аргументирано.

Резултатите од студијата „Колку се еднакви и безбедни младите во Македонија во нивниот сексуален развој и сексуални искуства?“, којашто денеска ја претстави Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, покажуваат дека влијанието на традиционалната култура е доминантно пред фактите и реалната состојба во врска со овие прашања. Ирена Цветковиќ смета дека недостигот на релевантни информации и ниската култура на толеранција на различностите го помага одржувањето на стереотипите кои се сериозна препрека за заштитата на правата на младите во однос на сексуалното здравје. Менталитетот и традиционалните сфаќања за ваквите теми во Македонија, како што вели Цветковиќ, се најголемиот проблем, поради што надлежните треба да заземат многу посериозен став за темите што се однесуваат на сексуалноста.

„Резултатите во оваа студија се алармантни и бараат итна акција. Проблемот не може да се решава врз основа на спроведување проекти, напротив потребни се реформи и тоа во образованието. Образовниот систем во Македонија мора да биде главниот катализатор во рушењето на табуата и во поставување на овие прашања меѓу приоритетите за еднаквоста за подобро здравје на младите. Само така може да се оствари правото на безбеден физички и емоционален развој на децата во Македонија. Општата добросостојба на младите подразбира здраво и безбедно сексуално однесување, со право на слободен сексуален и репродуктивен избор. За жал, истражувањето покажува поразителни податоци, вели Цветковиќ.

Лина Ќостарова-Унковска, автор на студијата, вели дека младите на возраст од 15 години (популација која е анкетирана во истражувањето) не располагаат со доволно информации за сексуалното и репродуктивното здравје, особено за употребата на кондоми, што ги прави недоволно подготвени за првите сексуални искуства.

„Децата се препуштени сами на себе. Тие учат од сопствените искуства, со што се изложуваат на дополнителни ризици. Кај нив се јавува срам при купување кондоми. Во однос на ова прашање не ги исклучувам ниту момчињата, ниту девојчињата. Особено сметам дека треба да бидат отворени прашањата што се однесуваат на сексуалната ориентација. Истражувањето покажува дека дел од анкетираните момчиња се изјасниле дека се вљубени во момче, а дел од девојчињата дека имаат повеќе симпатии кон девојчиња. Овие деца не ни помислуваат да говорат отворено за ова бидејќи сметаат дека ќе бидат осудени од заедницата, од семејството, од друштвото. Затоа, на младите мора да им се обезбеди пристап до информации за сексуално образование, во согласност со нивната возраст и со нивните потреби, односно нужно е системско решение за сеопфатно сексуално образование кое ќе биде извор на сите потребни информации за младите да можат да носат свесни и одговорни одлуки“, истакна Унковска.

А. Б.