/Прочитано:

964

Сентенци на Вишиот управен суд за права од работен однос, даночни права, имотноправна област и други права

Вишиот управен суд  го објави Билтенот бр.13, во кој се наоѓаат сентенци на Вишиот управен суд за имотноправна област и други права,  за пензии, инвалидски, социјални права, права од работен однос и други права и за финансиски, царински, даночни и други права. Интегралниот текст на Билтенот во кој се објавени следните сентенци:

 С Е Н Т Е Н Ц И од прв судски совет за имотноправна област и други права 

– Државниот просветен инспектор нема овластувања да нареди на Високообразовна установа да поништи издадени дипломи од страна на установата, со оглед да такви надлежности не се предвидени ниту во Законот за високо образование, ниту во Законот за просветна инспекција, односно во член 28 и член 31 од овој Закон.

– Лиценцирано друштво за поштенски услуги доставата на писмените до судот треба да ги врши согласно одредбите од Законот за парничната постапка и одредбите од Законот за управните спорови, односно доколку пратката е пратена препорачано тогаш мора да има ознака за препорачана пратка.

– Министерството за образование и наука како и Државната комисија за решавање на управна постапка и постапка од работен однос, немаат надлежности во постапка за признавање на високо образовна квалификација да оценуваат дали високо образовни установи во други држави, можат да обавуваат високо образовна дејност. Доволно е, само да Факултетот од другата држава достави доказ дека работи како таква установа. Напред наведените органи, немаат надлежности да навлегуваат во оценка на докази доставени од друга Република, дали истите се валидни или не се валидни.

– Доколку пред Управниот суд со сигурност се докаже од надлежни институции дека некој од тужителите бил починат, пред да се поднесе тужбата, тогаш Управниот суд истата треба да ја отфрли.

С Е Н Т Е Н Ц И  од втор судски совет за пензии, инвалидски, социјални права, права од работен однос и други права

– Кога се исполнети условите предвидени во Законот за прекршоци, во член 16 став 1, органот дозволува оправдани случаи глобата да се исплати во рати, меѓутоа тоа не значи дека се исполнети  условите за условно одлагање на плаќање на глоба предвидени во член 17 од Законот за прекршоци.

– Оспорено решение од органот, за одземање на дозволата – овластувањето за вршење на стручни работи, е донесено, не поради недоставување известување за промена на адреса, туку затоа што за просториите на новоназначената адреса тужителот не обезбедил Записник за исполнети услови, односно добиено дозвола за вршење на стручни работи од областа на безбедност при работа, од една страна, како и дека не биле исполнети условите во однос на оспособеноста на вработените за обавување на дејноста, односно само одговорното лице во правното лице поседува уверение за положен стручен испит од областа на безбедноста при работа, а од друга страна, тоа е во спротивност со предвиденото во наведени одредби.

– Недавањето на вистинити и нецелосни податоци за своја семејно материјална положба, предизвикува изрекување на  забрана на остварување на ова право, во наредните 12 месеци, согласно член 53 од Законот за социјална заштита.

– Во наодите и мислењата на Комисиите за оценка на работната способност на граѓаните, потребно е да се образложат и наведат причините поради кои е дојдено до подобрување на здравствената состојба, за да може да престане правото на остварување на времена пензија.

– Тужителот, не се ослободува од плаќање на персонален данок од доход, според Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, од причини што бил основач, сопственик на Друштво за услуги ДОО Скопје, во периодот од 27.01.2012 година до 09.09.2014 година, а барањето за ослободување го поднел во својство на вршење дејност како адвокат на ден 24.11.2014 година. 

С Е Н Т Е Н Ц И  од трет судски совет за финансиски, царински, даночни и други права

– Доколку царинската вредност на увезена стока не може да се утврди врз основа на членовите 28,29,30,31,323,33 од Царинскиот закон (Службен весник на РМ бр. број 39/05, 4/08, 48/10, 158/10, 44/11, 53/11, 11/12 и 171/12 ), таа се утврдува врз основа на податоци кои се на располагање во Република Македонија, со употреба на средства кои се во согласност со одредбите од договорот за примена на член 7 од Општиот договор за царини и трговија од 1994 година, како и членовите 27 заклучно со член 45 од Царинскиот закон.

– Даночен обврзник не дал претходна согласност за електронска достава на даночен акт, опомена и истата ја нема примено од органот, што преставува повреда на одредбата од член 44 став 5 и 6 од Закон за даночна постапка.

– Не е прифатен предлог за вршење функција помошник Нотар во Нотарска канцеларија, бидејќи предложеното лице, претходно вршел должност функција Нотар и е осуден за кривично дело Злоупотреба на службена должност и овластување по член 353 став 3 в.в. со став 1` од Кривичен законик, а покрај казната му била изречена и Забрана за вршење на професија, дејност, или должност на начин што му било забрането вршење на Нотарска професија во траење од две години. Ова од причина што во член 9 од Законот за нотаријат ,постои услов покрај другите таксативно наброени, да за Нотар може да се именува лице кое ужива углед во вршење на нотарски работи, а согласно член 100 став 1 од овој закон, помошникот Нотар, е лице кое треба да ги исполни сите услови за именување на Нотар и е вработено во канцеларијата на Нотарот.

– Тужениот орган, постапувајќи по службена должност во однос на повторувањето на постапката, бил должен да постапува согласно член 256 од Законот за општа управна постапка, односно најнапред бил должен да испита дали предлогот е навремен и изјавен од страна на овластено лице и дали околноста на која се заснова предлогот е сторена веројатна. Наведеното од причина што доколку условите од член 256 став 1 од Законот за општата управна постапка, не се исполнети надлежниот орган со свој заклучок ќе го отфрли предлогот, додека согласно став 3 од истиот член ако условите од ставот 1 на овој член се исполнети, надлежниот орган ќе испита дали околностите односно доказите што се изнесуваат како причина за повторувањето се такви што да можат да доведат до поинакво решение, а ако се утврди дека не се, ќе го одбие предлогот со свое решение. Тужениот орган, бил должен да постапува по предлогот за повторување на постапката, но не и со Заклучок да ја запре постапката за повторување на даночната управна постапка, поведена по службена должност.

– Согласно член 110 од Законот за даночна постапка, е предвидено дека утврдување на данок и споредни даночни давачки, нивна промена и престанок не е дозволено доколку истекол рокот за застарување.

– Неисполнувањето на условите предвидени во Правилникот за начинот, видот и висината на субвенциите (Службен весник на РМ бр.53/13) предизвикува одбивање на барање за субвенција за комбинирани кружни патувања во регионот, од страна на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

– Здружението за заштита на авторски и музички права, не може да биде тужена страна во управносудската заштита, затоа што не станува збор за здружение кое решава во управни работи

– Вишиот управен суд најде дека Решението на Управниот суд, со кое ја отфрлил тужбата на тужителот како неуредна, притоа повикувајќи се на членот 25 од Законот за управните спорови, е незаконита. Ова од причина што тужбата била јасна и истата била поднесена против известување кое го донел второстепениот орган. Според овој суд, второстепениот орган кој бил посочен да одлучува по жалба против првостепеното решение бил должен да донесе одлука по жалба и тоа не во форма на известување. Во конкретниов случај, второстепениот орган одлучувал по жалба на физичко лице кое не било задоволно од првостепеното решение на орган, кој одлучувал за негово право.

– Вишиот управен суд, најде дека во конкретниов случај Управниот суд ги немал во предвид законските одредби од Законот за управните спорови, кои се однесуваат на управни договори. Од содржината на членот 2 став 3, членот 8 став 4 и членот 20 став 8  од Законот за управните спорови, јасно произлегува дека законодавецот предвидел надлежност за постапување на Управниот суд  во случај  неисполнување на обврските од управните договори, како и предвидел  рок од 30 дена од денот дена за поднесување тужба и тоа од денот кога е утврдено неисполнување на обврската. За судот е неприфатлив рокот кој договорниот орган го ставил во известувањето за раскинување на договорот, а со оглед да таков рок не е предвиден во договорот. Од ова произлегува дека првостепениот суд донел незаконита одлука кога тужбата на тужителот ја отфрлил како ненавремена, без да има во предвид дека рокот во правната поука за поднесување тужба во известувањето за раскинувањето, не е во согласност со рокот предвиден од законодавецот.

– Вишиот управен суд смета дека во ситуација кога во Договор за концесија за експлоатација на минерална суровина на бакар, злато и сребро склучен помеѓу Владата на Република Македонија како концедент и договорната страна- концесионер е предвидено дека измените на прописите за висината, начинот и условите за плаќање на концесискиот надоместок, плаќањето ќе се уреди со посебен анекс на овој договор, а таков анекс не е потпишан помеѓу договорните страни, не може Управата за јавни приходи да утврди дека концесионерот е должен да плати по основ концесиски надомест за користење минерални суровини во висина за периодот во кој не била усогласена висината на надоместокот со Одлука за определување на критериумите и висината на надоместокот за концесии за вршење детални геолошки истражувања и експлоатација на минерални суровини. Дотолку повеќе што до денот на донесувањето на решението од страна на органот, не е утврдено дека одредбите од концесискиот договор, се спротивни на важечките закони и прописи и на јавниот повик, односно дека се ништовни и не произведуваат правно дејство, а на концесискиот договор соодветно се применуваат одредбите од Законот за облигациони односи.

М.В