/ Прочитано:

5.947

Сентенци на Врховниот суд во врска со парничната постапка, облигационите и работните односи

Врховниот суд на РМ објави сентенци од граѓанската област кои, поконкретно, се однесуваат на парничната постапка, работните односи  облигационите односи.

1) Сентенца: Застареност на побарување- Член 363 од Законот за облигационите односи

Меѓусебните побарувања на договорните страни од договорите за промет на стоки и услуги што трговските друштва, трговците и другите правни и физички лица ги склучуваат меѓу себе во вршењето на дејноста, како и издатоците направени во врска со тие договори, застаруваат за три години.

Образложение: Ревизијата е неоснована.

Врховниот суд на Република Македонија го ценеше наводот во ревизијата на тужителот дека погрешно второстепениот суд го применил материјалното право кога го одбил како неосновано тужбеното барање на тужителот поради утврдена застареност на истото согласно член 363 од Законот за облигационите односи, но смета дека е неоснован, имајќи ја притоа во предвид утврдената фактичка состојба…Сентенцата во целост: Застареност на побарувања од договорите за промет на стоки и услуги

2) Сентенца: Судир на надлежност меѓу основен и управен суд – Член 1 и 4 од Законот за јавните претпријатија (Службен весник на РМ бр.38/96, 6/02, 40/02 и 49/06)

Основниот суд е стварно надлежен да постапува по тужба со која се бара утврдување ништовност на одлуката за организирање на јавно претпријатие во акцинерско друштво и на протоколот за уредување на меѓусебните односи, кои немаат карактер на управен акт или управен договор, туку акти донесени во функција на процесот на преобразба на јавно претпријатие како друштво со ограничена одговорност или акционерско друштво.

Образложение: Основен суд Скопје II Скопје со решение ТС-513/14 од 24.04.2015 година се огласил за стварно ненадлежен да постапува по тужбата на тужителот за утврдување апсолутна ништовност на член 4 од Одлуката за организирање на ЈП Г. во АД Г. АД С. бр.19-2247/1 од 14.06.2006 година и на точка 2 од Протоколот за начинот на уредување на меѓусебните односи во стопанисувањето со Г. систем на РМ. Одлучил по правосилноста на решението, предметот со списите да се отстапи на Управниот суд на РМ како стварно надлежен суд. Ова од причини што не се работи за тужба за утврдување на ништавност во смисла на член 107 од Законот за трговски друштва, туку од страна на тужителот е поднесена тужба со која бара да се утврди апсолутна ништавност на напред наведената Одлука и Протокол, кои се донесени од управен орган, РМ – Влада на Република Македонија, во управна постапка, па согласно Законот за општа управна постапка, тужителот може да бара утврдување на ништовност пред Управен суд на РМ…Сентенцата во целост: Судир на надлежност меѓу основен и управен суд

3) Сентенца: Пропуштање на доставување на одговор на жалба како основ за повторување на постапка – Член 392 став 1, точка 2 од Законот за парничната постапка в.в со член 400 од истиот закон

Недоставување на одговор на жалба до спротивната страна, може да биде причина за повторување на правосилно завршена постапка. 

Образложение: Ревизијата е основана. Основани се наводите во ревизијата за сторена суштествена повреда од член 343 став 2 точка 14 од Законот за парнична постапка. По наоѓање на Врховниот суд на Република Македонија, побиваното решение со кое е потврдено првостепеното решение е нејасно и неразбирливо, не содржи доволно образложени причини за решителните факти од кои се раководел судот при одлучувањето, па истото не може во целост да биде испитано… Сентенцата во целост: Повторување на постапка поради пропуштање на доставување на одговор на жалба

4) Сентенца: Уредност на тужба – Член 98 став 3 в.в со член 101 став 1 од Законот за парничната постапка

Неуредна е тужбата која е поднесена од тужител преку полномошник – адвокат, во која не бил доставен доказ од соодветниот регистар за фирмата и седиштето на правното лице како тужен запишано во Централниот регистар на РМ и не било наведено името на застапникот на тужениот по закон.

Образложение: Ревизијата е неоснована. Неоснован е ревизискиот навод за сторена суштествена повреда од член 343 став 2 точка 14 од Законот за парничната постапка, од причина што побиваното решение е јасно и разбирливо, содржи доволно образложени причини за решителните факти, па истото како такво може во целост да се испита. Според Врховниот суд на Република Македонија неосновани се и ревизиските наводи кои се однесуваат на погрешна примена на одредбите од член 98 од Законот за парничната постапка…Сентенцата во целост: Уредност на тужба

5) Сентенца: Утврдување постоење или непостоење на правен однос – Член 177 став 2 од Законот за парничната постапка

Кога тужбено барање се однесува на утврдување на непостоење на должничко доверителски однос, не се работи за утврдување на факт, туку за барање за утврдување на непостоење на обврзувачки правен однос, за што тужителот има правен интерес за поднесување на тужба.

Образложение: Ревизијата е неоснована. Неоснован е ревизискиот навод за погрешна примена на материјалното право, ако се има предвид утврдената фактичка состојба. Во конкретниот случај тужбеното барање на тужителот се однесува на утврдување на непостоење на правен однос помеѓу тужителот и тужениот, од кој за тужителот би произлегла обврска да му го плати на тужениот фактурираниот долг поради неовластено користење на електрична енергија.Сентенцата во целост: Утврдување постоење или непостоење на правен однос

6) Сентенца: Престанок на работен однос на разрешен директор – Член 25 од Законот за измени и дополнувања на Законот за јавните претпријатија („Сл. весник на РМ“ број 49/2006)

Престанокот на работниот однос на директорот кој е разрешен од функцијата, во ситуација кога претходно има склучено договор со Управниот одбор за уредување на односите со јавното претпријатие, во кој е предвидено дека во случај на престанок на функцијата директор или избор на нов директор, претпријатието има обврска дотогашниот директор да го распореди на соодветно работно место согласно стручната спрема и работно искуство, со договор за работа на неопределено време, е незаконит.

Образложение: Ревизијата е неоснована. Неоснован е ревизискиот навод за сторена суштествена повреда од член 343 став 2 точка 14 од Законот за парнича постапка, од причина што по наоѓање на овој суд, побиваната пресуда со која е потврдена првостепената пресуда е јасна и разбирлива, содржи доволно образложени причини за решителните факти од кои се раководел судот при одлучувањето, па истата може во целост да биде испитана…Сентенцата во целост: Престанок на работен однос на директор во случај кога е склучен договор со Управниот одбор за уредување на односите со јавното претпријатие

7) Сентенца: Незаконитост на одлука за престанок на работен однос – Член 131 став 6, член 137 став 1 и 2 од Законот за високото образование в.в. со член 71 став 3 и член 102 од Законот за работните односи

Доколку постапката за избор во наставно-научни, научни, наставни и соработнички звања не заврши во рок од 6 месеци, не може да се донесе одлука по распишаниот конкурс, туку постапката во тој случај треба да се запре и да се распише нов оглас, а ако овој рок поминал, работодавецот не може да донесе одлука за откажување на договорот за вработување.

Образложение: Ревизијата е неоснована.Неоснован е ревизискиот навод за сторена суштествена повреда од член 343 став 2 точка 14 од Законот за парничната постапка, од причина што побиваната пресуда е јасна и разбирлива, содржи доволно образложени причини за решителните факти, па истата како таква може во целост да се испита. Сентенцата во целост: Распишување нов оглас кога постапката за избор во наставно-научни, научни, наставни и соработнички звања не завршила во рок од 6 месеци

8) Сентенца: Склучување на нов променет договор за вработување – Член 78 од Законот за работните односи

Кога работникот прифатил нов променет договор со кој е распореден на исто работно место но во друга подружница – локација, без влијание е фактотот што работодавачот пред да му предложи склучување на променет договор за вработување, не му го откажал претходниот.

Образложение: Ревизијата е неоснована.Неоснован е наводот во ревизијата за сторена суштествена повреда од член 343 став 2 точка 14 од Законот за парнична постапка. По наоѓање на Врховниот суд на Република Македонија, побиваната пресуда е јасна и разбирлива, содржи доволно образложени причини за решителните факти од кои се раководел судот при одлучувањето, па истата може во целост да биде испитана. Сентенцата во целост: Склучување на нов променет договор за вработување при распоредување на работник на исто работно место во друга подружница – локација

М.В