Информации

Надлежен орган: Министерство за внатрешни работи на РМ
Подрачни единици на МВР на територија на РМ
Работни денови:
понеделник – петок и секоја прва сабота во месецот
Работно време:
од 8:30 до 16:30 часот

Постапки за стекнување државјанство на РМ

Законот за државјанството на Република Македонија определува неколку начини за стекнување на државјанство на Република Македонија, и тоа: (1) со потекло; (2) со раѓање на територијата на Република Македонија и (3) со природување.

1) Стекнување на државјанство со потекло:
– Ако и двајцата родители се државјани на РМ, нивното дете стекнува државјанство на РМ независно од тоа каде е родено.
– Ако еден од родителите е државјанин на РМ и ако нивното дете е родено во РМ, тогаш другиот брачен другар мора да даде согласност детето да стекне државјанство на РМ.
– Ако детето се роди во странство, а само еден од родителите е државјанин на РМ, тогаш детето ќе стекне државјанство на РМ: (1) доколку биде пријавено за запишување како државјанин на РМ (во органот надлежен за водење на матичните книги или во дипломатско-конзуларното претставништво на РМ во странство) пред да наполни 18 години; (2) доколку пред да наполни 18 години, детето се враќа да живее во РМ со родителот кој е државјанин на РМ или (3) доколку детето со наполнети 18 години, но навршени 23 години поднесе пријава за упис во државјанство на РМ.
– Ако другиот родител е непознат или со непознато државјанство, односно без државјанство, детето ќе стекне државјанство на РМ со потекло, независно од тоа каде е родено.
– Посвоените деца при потполно посвојување стекнуваат државјанство на РМ со потекло, доколку двајцата или еден од посвоителите е државјанин на РМ.

За стекнување државјанство со потекло, неопходно е да се пополни барање за стекнување на државјанство на РМ, кое заедно со неопходните документи се поднесува до секторот за внатрешни работи при Министерството за внатрешни работи според подрачјето на кое има живеалиште барателот.

Кон барањето се поднесуваат и следните документи:

– извод од матичната книга на родени за детето;
– доказ за државјанство на РМ на родителите;
– согласност од родителот кој не е државјанин на РМ (ако детето е малолетно);
– лична карта на родителот/старателот;
– уредно полномоштво (ако барањето се поднесува од овластено лице).

2) Стекнување на државјанство со раѓање на територијата на РМ

Државјанство на Република Македонија стекнува дете кое е најдено или родено на територијата на Република Македонија на кое родителите му се непознати, или се со непознато државјанство или се без државјанство.

3) Стекнување на државјанство на РМ со природување

Овој начин на стекнување државјанство се однесува на странци кои го стекнуваат државјанството на РМ, пред сè, според годините на законски престој во РМ, или доколку се во брак со државјанин на РМ. Ако лицето стекне државјанство со природување, и неговите малолетни деца се стекнуваат со државјанство на РМ, но само доколку нивниот родител (барателот) при пополнување на барањето за стекнување на државјанство на РМ внел податоци за нив.

За стекнување на државјанство со природување неопходно е да се пополни барање за стекнување на државјанство на РМ и заедно со другите неопходни документи да се поднесе до секторот за внатрешни работи при Министерството за внатрешни работи според подрачјето на кое има живеалиште барателот.

Во самото барање барателот треба да го заокружи основот на стекнување на државјанство:
1. Пријавен законски престој во РМ непрекинато осум години
2. Брак со државјанин на РМ најмалку три години (доколку барателот живее во РМ)
3. Брак со државјанин на РМ најмалку осум години (доколку барателот живее во странство)
4. По потекло од РМ (иселеник)
5. Национален или друг особен интерес
6. Признат статус на бегалец или на лице без државјанство
7. Лице помладо од 18 години ако еден или двајцата родители се стекнале со државјанство на РМ со природување.

Доколку како основ за стекнување на државјанство на РМ се означи основот 1) Пријавен законски престој во РМ непрекинато осум години, тогаш кон барањето се приложуваат:

– лична карта или друг документ за идентификација што има фотографија, издаден од државен орган (на увид);
– биографија на барателот;
– извод од матична книга на родени/венчани за лица кои се родени во РМ и лица кои склучиле брак во РМ;
– извод од матична книга на родени/венчани од странство (за лица родени во странство и лица кои склучиле брак во странство);
– доказ од надлежен суд во РМ дека против подносителот на барањето не се води кривична постапка;
– доказ за обезбеден стан;
– доказ за постојан извор и висина на средства за егзистенција;
– доказ дека против подносителот на барањето не се води кривична постапка во државата чиј државјанин е и
– доказ дека подносителот на барањето не е казнуван со казна затвор во траење од една година во државата чиј државјанин е за дела за кои се гони по службена должност;

Доколку како основ за стекнување на државјанство на РМ се означи основот 2) Брак со државјанин на РМ најмалку три години (доколку барателот живее во РМ), тогаш кон барањето за стекнување државјанство на РМ се приложуваат истите документи како и за основот под број 1.

Доколку како основ за стекнување на државјанство на РМ се означи основот 3) Брак со државјанин на РМ најмалку осум години (доколку барателот живее во странство), тогаш кон барањето за стекнување државјанство на РМ се приложуваат истите документи како и за основот под број 1, заедно со доказ за пријавен законски престој во странство.

Доколку како основ за стекнување на државјанство на РМ се означи основот 4) По потекло од РМ (иселеник), тогаш кон барањето за стекнување државјанство на РМ се приложуваат истите документи како и за основот под број 1.

Доколку како основ за стекнување на државјанство на РМ се означи основот 5) Национален или друг особен интерес, тогаш кон барањето за стекнување државјанство на РМ се приложуваат и:

– лична карта или друг документ за идентификација со фотографија, издаден од државен орган (на увид);
– биографија на барателот;
– извод од матична книга на родени/венчани за лица кои се родени во РМ и лица кои склучиле брак во РМ;
– извод од матична книга на родени/венчани од странство (за лица родени во странство и лица кои склучиле брак во странство) и
– доказ за национален или друг особен интерес.

Доколку како основ за стекнување на државјанство на РМ се означи основот 6) Признат статус на бегалец или на лице без државјанство, тогаш кон барањето за стекнување државјанство на РМ се приложуваат истите документи како и за основот под број 1. За оваа категорија на баратели, треба да се земе предвид временскиот услов до моментот на поднесување на барањето законски и постојано да живееле на територијата на РМ најмалку 6 години сметано од моментот кога за нив било утврдено дека се лица без државјанство, односно дека се лица признаени бегалци.

Доколку како основ за стекнување на државјанство на РМ се означи основот 7) Лице помладо од 18 години ако еден или двајцата родители се стекнале со државјанство на РМ со природување, тогаш кон барањето за стекнување државјанство на РМ се приложуваат:

– лична карта или друг документ за идентификација што има фотографија, издаден од државен орган (на увид);
– извод од матична книга на родени/венчани за лица кои се родени во РМ и лица кои склучиле брак во РМ и
– извод од матична книга на родени/венчани од странство (за лица родени во странство и лица кои склучиле брак во странство). Ова барање се поднесува од страна на родителот на лицето помладо од 18 години.

При поднесување на доказите кон барањето за стекнување на државјанство на РМ по пат на природување се приложува и доказ за реализирана уплата на износ од 4.854,00, односно 1.230,00 денари на сметката со следните податоци:

Повикување на број: 724122
Цел на дознака: уплата за прием во државјанство на РМ
Назив на примачот: Трезорска сметка
Банка на примачот: НБРМ
Сметка на примачот: 10000000006309500
Уплатна сметка: 840XXX03161
Приходна шифра и програма: 72231300

Освен со уплатница, наведените износи може да се уплатат и со картичка директно на шалтерот на секторот за внатрешни работи до кој се поднесува барањето.

Ако единствен извор на средства на барателот во неговото домаќинство е постојаната парична помош или социјалната парична помош што е обезбедена од страна на државата, тогаш барателот може да побара од Министерството за внатрешни работи ослободување од плаќање на административната такса.

Рок за обезбедување на уверението за државјанство во случај на природување е од 2 до 6 месеци од денот на поднесување на комплетната документација кон барањето.