Информации

Надлежен орган: Министерство за внатрешни работи на РМ
Сектор: Управно надзорни работи
Одделение: Управни работи
ул. Кеј Димитар Влахов бб, 1000 Скопје - во зградата на МТВ со влез од страната на реката Вардар , Скопје

Продолжување на правото на привремен престој

Дозвола за привремен престој се издава за време што е потребно за исполнување на целта на престојот, но не подолго од една година.

Опис на постапка

На барање на странецот што се поднесува најдоцна 30 дена пред истекот на рокот на важење на дозволата, дозволата за привремен престој може да се продолжи ако се исполнети условите за добивање дозвола за привремен престој, при што секое продолжување не може да биде подолго од една година.

Странецот, кој во рок од 30 дена поднел барање за продолжување на дозволата за привремен престој, може да остане во Република Македонија до донесувањето на конечна одлука по неговото барање.

Министерството за внатрешни работи му издава посебна потврда со која може да престојува во Република Македонија до донесувањето на одлука за неговото барање.

Дозволата за привремен престој нема да се продолжи, ако се утврди дека странецот неоправдано не престојувал во Република Македонија подолго од една четвртина од рокот за кој му е издадена дозволата за привремен престој.

Право на жалба

Против решението на Министерството за внатрешни работи со кое е одбиено барањето за продолжување на дозволата за привремен престој, странецот има право на жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението до надлежната комисија на Владата на Република Македонија.

Решението на надлежната комисија на Владата ќе се донесе во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на жалбата.

Против решението на надлежната комисија на Владата може да се поведе управен спор пред надлежен суд, согласно со Законот за управните спорови.

Потребни документи:

-барање за продолжување на дозвола за привремен престој;

-важечка и призната патна исправа или заверен препис од истaта, чиј рок на важење е најмалку три месеца подолг од времето предвидено за престој во РМ;

-доказ дека има средства за издржување, односно издржувањето му е обезбедено на друг законски начин;

-доказ дека има обезбедено сместување или има средства за сместување;

-доказ дека има здравствено осигурување и

-доказ дека ги исполнува условите предвидени за одделни видови на дозволи за привремен престој.