/ Прочитано:

1.949

Шефот на Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР во Министерството за правда

Министерката за правда, Рената Дескоска, оствари средба со  Јан Петерсен, шеф на Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР во Скопје, која во моментот е насочена на претстојниот референдум, кој ќе се одржи на 30-ти септември оваа година.

Министерката Дескоска потенцираше дека исходот од претстојниот референдум ќе биде исклучително значаен за иднината и за развојот на Република Македонија. Од тој аспект, присуството на Набљудувачката мисија и спроведувањето на нејзините активности ќе биде од особена важност и ќе ја спречи можноста резултатите да бидат оспорувани од кој било од чинителите.

Интересот на претставниците на Мисијата се движеше во насока на информирање за постојниот Закон за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, со кој се уредуваат начинот и постапката за спроведување на референдумот.

Министерката за правда посочи дека соодветната примена на законите кои го регулираат ова прашање нема да остави простор за сомнеж на спроведувањето на референдумот на 30-ти септември, а дека се надева дека истото ќе биде оправдано од страна на државните институции, а констатирано и легитимирано од страна на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР во државата, како и другите набљудувачи на процесот.