/ Прочитано:

2.313

Што е добро правно пишување?

advokati pisuvanje

За да постигнеш успех како адвокат, многу е значајно да можеш добро да пишуваш. Секој го знае тоа, нели? Но што значи „да пишуваш добро“ и како знаеш дека практикуваш добро правно пишување? Еве неколку совети:

Што е добро правно пишување?

Ова на студентите по право може да им звучи чудно (после читањето на огромен број страници неразбирливи правни текстови), но доброто правно пишување е јасно, прецизно и добро организирано.

  • Доброто правно пишување е јасно. За разлика од некои типови пишување (фантастика, на пример), правното пишување е наменето пред сè за да пренесе определена поента. Вие сте во спор, на еден или друг начин, и никој не го чита вашиот документ заради разонода. Во оваа смисла, важно е да бидете јасни. Кои се вашите наводи? Кој е изворот на таквите наводи? Кои се релевантните факти? Каква е поврзаноста помеѓу нив и вашите наводи? Доколку оној што чита не може да си ги одговори овие прашања без непотребен напор, не е многу веројатно дека ќе преовладате во спорот кој го водите.
  • Доброто правно пишување е прецизно. Покрај тоа што треба да бидете јасни, многу е важно да бидете прецизни при вашето правно пишување. Не е доволно адвокатот да каже: „Ова не е фер“. Мора да објасните зошто и детално да ги наведете причините. Бидејќи сите ваши „причини“ произлегуваат од јазикот и структурата на законот, мошне е важно прецизно да го изложите законот што го применувате (препорачливо е ова да се прави преку потточки/поднаслови за да можете да го изложите секој елемент поединечно). Вашата работа е да му помогнете на оној што чита да го разбере законот и да го убедите дека она што вие мислите дека е најважно дека е навистина најважно. Само непосредно по поставувањето на основните поенти имате шанси да убедите некого во нешто. (Најмалку што сакате е оној што чита да биде збунет и да не знае за што всушност зборувате).
  • Доброто правно пишување е добро организирано. Конечно, правното пишување мора да биде исклучително добро организирано. Добрите адвокати може да се расправаат околу тоа дали да се започне со најдобриот или со најлошиот аргумент, но во најмала рака треба сите аргументи добро да се разгледаат и да се изложат. Што ќе биде најубедливо за читателот? Што ќе му помогне да ги следи вашите аргументи? Дали користите поднаслови за да го водите читателот низ вашите аргументи? (Генерално, се препорачуваат поднаслови). Во поголемиот број правни документи, постои очекуван начин да ги направите работите. (Сигурно дека нема да ги оставите фактите за крај, на пример). Бидете сигурни дека ги разбирате типичните стилови и правила на пишување и правете отстапки на сопствена одговорност. Секако, можеби постои подобар начин да ги направите работите, но сигурно сакате долго и добро да размислите пред да станете премногу креативни.
  • Во доброто правно пишување се обрнува внимание на деталите. Откако сте го совладале сето горенаведено, важно е да го поминете целокупниот текст да го проверите спелувањето, граматиката, цитатите итн. Зошто? Затоа што недостигот од внимание врз деталите ја уништува довербата која сте ја стекнале кај читателот. Доколку сум судија што го чита вашиот текст и доколку забележам дека ниту еден од вашите цитати не соодветствува со правилата за цитирање, јас (барем потсвесно) ќе го доведам во прашање остатокот од вашиот текст. „Хм, мислам дека ќе ги проверам овие случаи мошне внимателно. Овој адвокат не ми изгледа дека е ориентиран на деталите, не можам многу да верувам во она што го напишал.“ Нема да имате корист доколку создадете сомнеж во однос на клучните поенти, што може да биде многу неповолно за вашиот клиент.

Секако, може да биде предизвик објективно да ја оценувате вашата работа. Доколку имате време и ресурси, обидете се да му дадете на ваш колега да го погледне текстот пред да ја поднесете конечната верзија (на партнер или во суд). И обрнете внимание на нивниот фидбек – постојат добри шанси да добиете конструктивни забелешки дека нешто треба да се доработи.

Извор: www.legalcareers.about.com