/ Прочитано:

3.867

Што се предвидува во Предлог-законот за основното образование, кој се очекува да биде донесен пред новата учебна година

Министерството за образование и наука го стави на јавна расправа Предлог-законот за основно образование. МОН ги очекува коментарите и мислењата најмногу за еден месец и очекува Законот да биде донесен од страна на Собранието пред почетокот на новата учебна година.

Според министерката за образование, Рената Дескоска, Законот содржи одредби кои значат измени во наставниот процес, во статусот и правата на наставниците во основните училишта и зајакнување на темелните уставни вредности во образовниот процес, како што се недискриминацијата, забраната за понижувачко постапување спрема учениците и градење на свест за казнивоста на говорот на омраза, преземање обврски заради непречено остварување на правото на образование на децата со посебни потреби и прераснување на посебните училишта во ресурсни центри.

Според предвидените измени на Законот за основно образование, бројот на наставни денови нема да биде фиксно утврден со цел да се избегне одработување на часови во саботите, за кои искуството покажува дека не се ефективни денови за настава. Со овој закон се предлага наставата во учебната година да се остварува во 175 до 180 наставни денови, што ќе се утврдува со Календар на настава кој ќе го носи Министерството.

„Новина е и утврдувањето на неработни денови за наставниците за време на зимскиот распуст на учениците, при што најмалку половина од траењето на зимскиот распуст на учениците се платени неработни денови за наставниците, што се утврдува во Календарот за организацијата и работата на основното училиште. Овие денови не се дел од годишниот одмор на наставникот и не се засметуваат во неговото траење“, вели Дескоска.

Измените на Законот за основно образование го утврдуваат максималниот број на часови на учениците.

„Учениците од прво до трето ќе имаат најмногу до 20 наставни часови неделно, а учениците од четврто до шесто најмногу до 25 наставни часови неделно. Измените за учениците од седмо до деветто предвидуваат најмногу до 30 наставни часови неделно“, истакна Дескоска, напоменувајќи дека паралелно со тоа се намалува и неделниот фонд на наставни часови за одделенските наставници, и тоа од 18 до 23 наставни часови, во кои влегува и времето за организирано прифаќање на учениците пред и по наставата.

„За предметните наставници што немаат доволно часови предвидуваме можност да бидат ангажирани на одржувањето на интегрираната база на податоци, одржувањето на веб-страницата, е-дневникот на училиштето и другите обврски поврзани со компјутерската работа во училиштето, за што ќе добиваат 3, 6 или 8 часови во фондот на часови во зависност од бројот на ученици.

Една од предвидените измени е и новата надлежност на Наставничкиот совет да дава мислење за распределба на часовите меѓу наставниците, како воведувањето на обврска за Бирото за развој на образованието на својата веб-страница да објавува обрасци на планови и подготовки за наставата за сите предмети, кои наставниците можат да ги користат за подготовката на наставата“, посочува министерката.

Според новите решенија, предвидено е и намалување на бројот на ученици во паралелките. Наместо досегашниот минимален број од 24 ученици, како минимален праг се утврдуваат 20 ученици. Значи, според Предлогот на Законот, бројот на ученици во паралелката може да се движи во распон од 20 до 30. Тенденцијата е тој да биде до 24 максимум, но во моментов сме свесни за одредени „пребукирани“ училишта во Скопје, каде што има многу ученици, а нема просторни можности за помали одделенија од 30 ученици, додаде Дескоска, истакнувајќи дека една комбинирана паралелка може да има најмногу до 10 ученици.

„Измените на Законот го утврдуваат и бројот на учениците со посебни образовни потреби во општинските училишта, и тоа да не може да биде повеќе од двајца во едно одделение, со единствена цел избегнување на нивно групирање и изолирање во една паралелка и да се овозможи нивна инклузија со можност за непречено одвивање на образовниот процес“, посочи министерката за образование и наука.

Со измените на Законот за основно образование се опфатени и учениците со посебни образовни потреби и за нив се обезбедуваат соодветни услови за стекнување на основно воспитание и образование во редовните и ресурсните основни училишта за ученици со посебни образовни потреби (во понатамошниот текст: ресурсни основни училишта) и имаат право и на индивидуална помош (поддршка) за стекнување на основното образование и воспитание.

„Заради дополнителна и стручна помош во воспитувањето и образованието на децата со посебни образовни потреби, се предвидува формирање на мобилни служби составени од стручни лица (психолог, специјален едукатор – дефектолог, логопед, социјален работник, педагог), а исто така се предвидува училиштето да обезбеди личен асистент на ученикот со посебни образовни потреби, при што асистентите ќе добиваат надомест за својот ангажман од Буџетот на Република Македонија“, рече Дескоска, додавајќи дека се воведува и можноста за организирање и остварување на основното образование во здравствени и домашни услови за ученици на домашно и болничко лекување подолго од три недели.

За прв пат во Република Македонија, со предложените измени на Законот за основно образование, се воведува надворешна евалуација на училиштата, која ќе биде основа и за нивно рангирање, а на учениците кои учат во училиштето кое е најдобро рангирано ќе им се издава додаток на свидетелство, во кој е наведена годината во која училиштето е најдобро рангирано и бројот на поени кои ги освоило училиштето при рангирањето, додека вработените во училиштето кое е рангирано како најдобро ќе добиваат додаток на платата во износ од 30 отсто во наредните 12 месеци.

Измените предвидуваат и подобрување на исхраната на учениците, односно нутритивниот квалитет на храната и оброците ќе ги утврдуваат Институтот и Центрите за јавно здравје во Република Македонија. Директорот на училиштето ќе има обврска да го следи обезбедувањето на стандардите за исхраната и за оброците во основните училишта и за забележаните неправилности веднаш, а најдоцна во рок од три дена од денот на утврдувањето на неправилностите да ги извести Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат или Државниот пазарен инспекторат, во зависност од утврдената неправилност. Исто така, Советот на родители може да побара вонреден инспекциски надзор дали во основното училиште оброците се во согласност со стандардите за исхраната.

Со предвидените измени на Законот се воведува обврска за професионална ориентација на учениците од основното образование, при што училиштето во соработка со установи за професионална ориентација ќе им помага на родителите и на учениците при изборот на средното училиште и занимањето, во согласност со способностите и склоностите на учениците и за таа цел ќе го следи нивниот развој и ќе ги информира за карактерот и условите за работа на одредени занимања. Училиштето ќе мора да формира тим за професионална ориентација составен од стручни соработници и наставници.

М.В