/ Прочитано:

7.448

Што се предвидува во текстот на предложените измени на Кривичниот законик објавен од Министерството за правда

Министерството за правда го објави  текстот на измените на Кривичниот законик. Овие измени и дополнувања на Кривичниот законик опфаќаат ревидирање на одредбите во неколку области, од кои како најзначајни се: криминалот од омраза, неказнувањето на жртвата од трговија со луѓе и неказнувањето дете жртва, воведувањето ново кривично дело „Попречување на правдата“, кодифицирање на кривичното дело за заштита на сведоци содржано во Законот за заштита на сведоци  и во Кривичниот законик и др.

Со членот 1 од Предлог-законот се пополнува правната празнина по укинувањето на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната, како и на ставот (3) од членот 39 од Кривичниот законик од страна на Уставниот суд.

Имено, со овој член се пропишува нов став (3) во согласност со кој „При одмерувањето на казната судот посебно ќе води сметка за вкупното дејство на казната и нејзините последици врз личноста на сторителот и потребите на неговата ресоцијализација.“

Исто така, се менува постојниот став (4) во насока на тоа дека „Кога судот му ја одмерува казната на сторителот за кривично дело сторено во поврат, посебно ќе има предвид дали поранешното дело е од ист вид како и новото дело, дали делата се сторени од исти побуди и колку време поминало од поранешната осуда, односно од издржаната или простената казна.“ За неприменување на ставот (5), кој се однесува на одмерувањето на казната при дела сторени поради одредена припадност на лицата, додаден е став (6), во согласност со кој „Ако судот не ја примени одредбата од ставот (5) должен е да ги образложи причините за таквата одлука.“

Со членот 2 од Предлог-законот се додаваат две нови дефиниции во членот 122, во кој е уредено значењето на изразите во Кривичниот законик. Така, „Под насилство врз дете се подразбира покрај насилството од точка 21 од овој член и психичко насилство, насилство преку интернет, врсничко насилство, како и демнење и следење на детето“.

Во Предлог-законот се дефинирани две групи одредби кои се однесуваат на криминалот од омраза. Првата одредба е содржана во членот 2 од Предлог-законот и ја содржи дефиницијата на дело од омраза. Во согласност со оваа дефиниција „Како дело од омраза изречно предвидено со одредбите на овој Законик се смета кривично дело против физичко или правно лице и со нив поврзани лица или имот кое е сторено во целост или делумно поради реална или претпоставена (замислена, вообразена) карактеристика или поврзаност на лицето што се однесува на раса, боја на кожа, националност, етничко потекло, религија или уверување, ментална или телесна попреченост, пол, родов идентитет, сексуална ориентација и политичко уверување.“

Втората група одредби кои го санкционираат криминалот од омраза се одредбите за пропишувањето на криминалот од омраза кај одредени кривични дела како квалификаторен облик на конкретните дела. Така, овие квалификаторни облици со построги казни за криминалот од омраза се додадени кај следните кривични дела:

– „Убиство“, чл. 123 од КЗ – член 3 од Предлог-законот;

– „Телесна повреда“, чл. 130 од КЗ – член 4 од Предлог-законот;

-„Тешка телесна повреда“, чл. 131 од КЗ – член 5 од Предлог-законот;

– „Присилба“, чл. 139 од КЗ – член 6 од Предлог-законот;

„Противправно лишување од слобода“, чл. 140 од КЗ – член 7 од Предлог-законот;

-„Мачење и друго сурово нечовечно или понижувачко постапување и казнување“, член 142 од КЗ – член 8 од Предлог-законот;

– „Загрозување на сигурноста“, чл. 144 од КЗ – член 9 од Предлог-законот;

– „Спречување или смеќавање на јавен собир“, член 155 од КЗ – член 10 од Предлог-законот;

– „Силување“, чл. 186 од КЗ – член 11 од Предлог-законот;

– „Обљуба на немоќно лице“, чл. 187 од КЗ – член 12 од Предлог-законот;

– „Полов напад врз дете кое не наполнило 14 години“, чл. 188 од КЗ – член 13 од Предлог-законот;

– „Неукажување медицинска помош“, чл. 208 од КЗ – член 16 од Предлог-законот;

– „Тешка кражба“ од член 236 од КЗ – член 17 од Предлог-законот;

– „Разбојништво“ од член 237 од КЗ – член 18 од Предлог-законот;

– „Разбојничка кражба“ од член 238 од КЗ – член 19 од Предлог-законот;

– „Оштетување на туѓи предмети“, чл. 243 од КЗ – член 20 од Предлог-законот;

– „Изнуда“ од член 258 од КЗ – член 21 од Предлог-законот;

– „Насилство“, чл. 386 од КЗ – член 26 од Предлог-законот и

– „Сквернавење на гроб“, чл. 400 од КЗ – член 27 од Предлог-законот.

Со членот 14 од Предлог-законот се бришат зборовите „друго лице“ бидејќи битието на овој квалификаторен облик на кривичното дело „Запуштање и малтретирање дете“ може да го стори само одредена категорија лица (родител, посвоител или старател) кои се наброени во ставот (2). Другите лица се подведени под друг член од Кривичниот законик, за што е пропишана и соодветна казна.

Со членот 15 од Предлог-законот е пропишано ново кривично дело – „Насилство врз дете“. Со ова дело е пропишано дека ќе се казни со парична казна или со затвор од шест месеци до три години „Тој што ќе изврши физичко, психичко или друг вид насилство спрема дете.“

Со членот 22 од Предлог-законот се интервенира во членот 367 „Давање лажен исказ“ од Кривичниот законик. Имено,  со ставот (1) од овој член давањето лажен исказ се проширува и на арбитражата, со што се пополнува правната празнина за овој можен случај во практиката. Исто така, се менува и ставот (5) во кој покрај постојните особено тешки последици за обвинетиот кои настапиле поради делото од ставот (3), се додава и можноста сторителот да биде казнет и кога е донесена осудителна пресуда како последица од стореното дело од ставот (3).

Со членот 23 од Предлог-законот се воведува ново кривично дело „Попречување на правдата“, кое содржи 9 става. Со воведувањето на ова дело ќе се оневозможат одредени дејствија кои ги попречуваат кривичните постапки, другите постапки пред суд или постапките пред органите што се водат во согласност со закон. Исто така, за ова дело е пропишана и одговорност на правно лице, а предвидена е и можност за изрекување забрана за вршење професија, дејност или должност.

Со членот 24 од Предлог-законот  се заострува казната за основниот облик на кривичното дело „Повреда на тајноста на постапката“, а воедно се пропишува и нов став во согласност со кој „Со казната од став (1) ќе се казни тој што без дозвола на судот ќе објави информација, документ или друг податок за постапката, што според закон е тајна или е за тајна прогласена со одлука на судот, или ќе објави информација, документ или друг податок за постапката  спрема дете,  во која оштетено е дете или во која се одлучува за правата и интересите на дете, или одлуките во таквите постапки.“

Со членот 25 од Предлог-законот се додава нов член 369-а „Откривање на идентитет на загрозен или заштитен сведок, соработник на правда или жртва која се јавува во својство на сведок“, кој е поврзан со членот 42 од Законот за заштита на сведоци, во кој е пропишано кривично дело со истото битие. Со оглед дека е потребна кодификација на сите кривични дела во Кривичниот законик, со донесувањето на овој закон, паралелно ќе биде предложен и Закон за изменување на Законот за заштита на сведоци, со кој од овој закон ќе биде избришано кривичното дело од членот 42. Ова предложено кривично дело содржи основен облик и три квалификаторни облици за кои е пропишана построга казна.

Со членот 28 од Предлог-законот се врши усогласување на заштитните карактеристики со оние користени во останатите одредби, а особено во дефиницијата од членот 122 став (41) од Кривичниот законик.

Со членовите 29 и 30 од Предлог-законот се дефинираат одредби со кои се предвидени ситуации во кои нема да се казнат жртвата од трговија со луѓе која била принудена да стори кривично дело, односно дете жртва во случаите кога законот предвидел казнување дете, кога сторителот на кривичното дело го принудило детето да стори кривично дело, ако таквото неговото постапување е непосредна последица на неговата  положба  на жртва. Одредбите за неказнување на жртвите се резултат на имплементација на Конвенцијата на Советот на Европа за преземање акција против трговија со луѓе, ратификувана од страна на Собранието на Република Македонија  во април 2009 година („Службен весник на РМ“, бр. 49 од 14.4.2009 година).

Со членот 31 се уредува влегувањето во сила на овој закон.

Предлогот на Закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик објавен на ЕНЕР

Измени на Кривичниот законик во врска со криминалот од омраза

М.В