Штрајк кој го комираше српското правосудство: Адвокат сум, со тоа се гордеам!

Како во вистинска крчма пред затвoрање, сите пијани гости заборавиле зошто избила расправијата, а потоа и тепачката. Како и да е, правосудниот систем потполно трокираше, бидејќи штрајкот на адвокатите трае, еве, веќе два месеци. Се одложуваат судењата на најголемиот балкански нарко-бос, Дарко Шариќ, потоа, запрени се неколку рочишта за непријателот број еден на Вучиќ, тајкунот Мирослав Мишковиќ!

– Така ти е тоа кога се задеваш со адвокатите. Нас, ни Тито не смееше да нè тргне – вели еден мој стар пријател. Се разбира дека тој префинет тип е адвокат.

Младиот Вучиќев министер за правда, Никола Селаковиќ, летово одлучил да воведе фискален ред во недопирливата адвокатска каста. Министерот одбрал идеално време: белградската и српската адвокатска комора беа во жестока војна околку распределувањето на моќта, парите, суетата и останатото што ги краси тие прекрасни адвокатски суштества…

Меѓутоа се испостави дека младиот Селаковиќ всушност стана адвокатски обединувач! Бидејќи, младото министерско момче, инаку многу воспитан дечко, морал да знае, дека доколку ја вовлечеш раката во адвокатскиот џеб, сфаќаш дека си останал без рака, а на домашна адреса ти стасала тужба за обид за убиство. Овој пат, Селаковиќ може да остане без власт. А тоа е навистина како на човек да му одгризаш рака, а потоа уште да го обвиниш дека со истата рака се обидел да ве задави. 

Ама така е тоа кога ќе се задеваш со адвокатите! 

 

По Белград кружи следниов виц. Александар Вучиќ го испраќа Вадимир Путин од Белград и на разделбата, претседателот на Русија му вика:

– Барајте од мене било што и ќе добиете!

Се зборува дека, Вучиќ не побарал ни гас, ни злато, ни „мигови“, ни „сухои“, ни противоздушен систем „С-300“.

– Пратете ми адвокати – наводно замолил српскиот вожд!

Се прекрстил Путин, се прекрстил и Вучиќ. Колку што ми е познато, од Москва нема да стасаат адвокати, но се планира од Црна Гора и Република Српска, евентуално да стаса експедиција од кривичари и парничари, како би го разбудиле српското правосудство од кома, доколку нивните српски колеги и понатаму останат единствени.

Како во вистинска крчма пред затворање, сите пијани гости заборавиле зошто избила расправијата, а потоа и тепачката. Како и да е, правосудниот систем потполно трокирашe, бидејќи штрајкот на адвокатите трае, еве, веќе два месеци. Можеби ќе потрае и со години, како во песната „Жуте дуње“, кога милиот отишол по овошје за неговата болна драга. Кога тој се вратил, неговата драга умрела! Така се одложуваат судењата за најголемиот балкански нарко-бос Дарко Шариќ, потоа се стопираа неколку рочишта за непријателот број еден на Вучиќ, тајкунот Мирослав Мишковиќ, кој едно време се хранеше на државен трошок, но сега се брани и храни со слобода!

Така ти е тоа кога се задеваш со адвокати. Нас, ни Тито не смееше да не тргне – вели еден мој стар пријател. Се разбира дека тој  префинет тип, истовремено жив мудрец, кој кога би бил каратист би носел црн појас – десети дан, што би значело дека ја совладал филозофската, а не боречката вештина и дека сега живее во зен-фаза. Впрочем мојот стар ортак се однесува како да е гуру Харе Кришна. Кога го гледам, сфаќам што значи да се биде адвокат на ѓаволот. Тоа се всушност синоними!

Целата влада го издржа судирот со нарко-босовите, потоа ги исчисти одметнатите фракции во тајната полиција и криминалистичиот отсек на Министерството за внатрешни работи, почна да ги апси и најмоќните тајкуни. Но, ајде мајката пипни ги адвокатите! 

И маршалот Тито навистина се плашеше од таа правничка сорта, па ги одржуваше на вештачко дишење низ целокупната социјалистичка епоха, симулирајќи фер правен поредок. И какви само адвокати настанаа во Титовото време! Сè големи бранители, како Вељко Губерина или Филота Фила и слични легенди кои го пренеле Холивуд во тогашната сива социјалистичко-самоуправувачка судница. Неколку пати после Тито, српските владетели се обидоа да ги дисциплинираат бранителите, пред сè наметнувајќи им обврска да плаќаат данок како останатите граѓани. Но никој од нив не успеа да го сруши челичниот адвокатски еснаф. Бидејќи кога е во прашање парата, тој меѓусебно поделен и суетен адвокатски свет, веднаш се соединува, како Прва пролетерска и Шеста Личка, кои испуштајќи душа го бранат Тито во пештерата кај Дрвар од Германците и од домашните предавници.

Заради тоа, сите претходни власти кренаа раце од адвокатите. Политичарите не сакаат со нив да се замеруваат. Затоа што, ако подобро размислам, кој ќе ги брани, кога ќе паднат од власт? Меѓутоа, младиот Вучиќев министер за правда, Никола Селаковиќ, летово одлучи да воведе фискален ред во недопирливата адвокатска каста. Министерот избра идеално време: белградската и српската адвокатска комора беа во жестока војна околу прераспределбата на моќ, пари, суети и сè останато што ги краси тие прекрасни адвокатски суштества…

Меѓутоа, испадна дека младиот Селаковиќ навистина стана адвокатски обединувач! Затоа што, младото министерско момче, инаку многу воспитан дечко, мораше да знае дека штом ја вовлечеш раката во адвокатскиот џеб, сфаќаш дека си останал и без рака и дека во тој момент на домашната адреса ти стигнала тужба за обид за убиство. Овој пат, Селаковиќ може да остане без власт. А тоа е навистина како на човек да му одгризаш рака, а потоа уште да го обвиниш дека со истата рака се обидел да ве задави. 

Ама така е тоа кога се задеваш со адвокатите!

Јас, да речеме, признавам дека немам поим од право и слични работи. Но затоа имам одлични другари меѓу белградските адвокати и еден македонски капиталец. Значи, можам да ви бистрам за политика и геополитика, фудбал и кошарка, филм и книжевност. И за по некој криминалец! Меѓутоа, за право, навистина немам поим!

Затоа, ајде да видиме, како ќе успеам да продрам во штрајкот кој ја запре работата на државата! Веднаш, како секој пес трагач, ја намирисувам трагата на парите!

Мојот другар, адвокат во зен-фаза, мирно ми ја црта следната шема: Со Законот за нотаријат, 94 нотари ја преземеа работата што досега ја извршуваа 8.500 адвокати во Србија! И тоа каква работа! Нотарите сега имаат ексклузивно право да составуваат и заверуваат договори од трговија со недвижности и уште некои други видови на договори. Значи, 94 нотари ја зграбија работата на цела армија луѓе. Заработката на нотарите во првите два месеца е огромна, а Управата за јавни приходи дури сега ќе утврди колкави милионски суми на годишно ниво се тоа. Драгољуб Ѓорѓевиќ, претседател на Адвокатската комора на Србија, изјави дека специјалниот закон не може да го дерогира Уставот, а Уставот на Србија вели дека правна помош на граѓаните им пружаат адвокатите. Никаде на светот, на адвокатите не им е одземено правото да составуваат договори, а тоа е работа која адвокатите ја извршуваат со векови.

Се разбира дека Ѓорѓевиќ држи шипак позади грбот додека зборува како проблемот со данокот е најмалиот проблем. Се разбира дека не е, затоа што паушалниот данок на адвокатите оваа година е зголемен од 40 до 300 отсто! 

Адвокатите во Србија се чудесни и по тоа што немаат фискални каси. Имено, според владината уредба, прометот немаат обврска да го евидентираат таксистите, уличните продавачи на сладолед, часовничарите, хигиеничарките… И, се разбира, адвокатите. Се разбира дека таа екипа ја промовира својата фискална исклучителност со таква енергија и ентузијазам, затоа што тие се одамна убедени дека правилата кои важат за сите, за нив не се соодветни. Всушност, не се исплатливи.

Секоја чест, мајстори адвокати! Сега е јасно зошто тие луѓе ја држат за она, и така невината госпоѓа како што е правдата! Затоа што сите пари и целата моќ, адвокатското братство ги држи за себе.  

Тие ладно велат: „ОК, зголемете го данокот и ние веднаш ги зголемуваме адвокатските услуги!“ Кога ќе ги прашате, зошто немате фискална каса, тие тврдат дека не е точно. Тие, имено, пишуваат признаници! Адвокатите тврдат дека воведувањето на фискални каси би ја нарушило приватноста на нивните клиенти. Какви цареви! Како на фискалната каса да стои испишан називот на предметот и куќните телефони на „заштитените сведоци“.

Пред неколку дена, состанокот на министерот Селаковиќ со адвокатите траеше цели пет часа. Велат дека имало напредок. Во што? Искрено, немам поим. Во меѓувреме, владата ги напна адвокатите дека работат во спрега со тајкуните и мафијата, како би ја срушиле владата или слично на тоа. 

Мислите ли дека адвокатите се уплашија? Ма, нема шанси! Потоа властите се обидоа да направат алтернативни комори. Можеби тоа ќе успее. Но, претчувствувам како таа фракција веднаш ќе се придружи на бунтовниците и ќе ги поделат сите работи. Адвокатите, едноставно, секогаш ја победуваат државата! Од нив бега и доктор Фауст. Не е луд да му ја земат душата! Затоа на својата ќерка морам под итно да и ги избркам бубачките од глава, бидејќи сака да биде глумица. Кога малку ќе порасне, веднаш ја праќам на Правен факултет! Има да учи како да биде појака од системот, да стекне правдољубивост. Така нема да биде сиромашна.

Затоа жалам што ние, новинарските пискала, не сме како нив. Ќе го стекнат ли некогаш новинарите како еснаф, карактерот и единството на адвокатите, на екипи кои меѓусебно неопеано се мразат, но и покрај тоа, толку децении ги одржува само една ситница – заеднички интерес. Тоа се големите пари и влијанието врз општествените процеси.

Оттука овој штрајк на адвокатите го набљудувам од свој егоистичен агол, затоа што сфаќам дека, спротивно на адвокатите, новинарите се неединствени, раскарани и воспитувани да бидат општествено политички работници кои секако имаат свој спонзор – свој политичар, свој тајкун, свој спортски работник и најважниот мецена, свој странски амбасадор.

Така, наместо моќен новинарски труст кој би имал внатрешно спротивставени фракции, што е логичен резултат на суета, амбиција и потреба за фингирани судири, но само во функција за пораст на тиражот или гледаноста, е создадена лигава маса на обесправено новинарско граѓанство.

Така е изгубена шансата трустот, кон надворешниот непријател, значи власта, да настапува како монолитен и груб играч, барајќи го статусот на рамноправен партнер кој бара пари, почит и со самото тоа и влијание.

Тој српски новинарски организам се јаде самиот себе, а потоа и неговите остатоци, за време на мандатот, обавезно ги јадат и потоа исплукуваат сите претходни и идни власти. Набљудувам фотографија на новинари од „Политика“, мои славни предци од 1934 година. Секој од нив носи скапо одело и има израз на огромна самодоверба. И секој од нив би можел да го игра Големиот Гетсби. Денешните колеги од скоро сите редакции, би можеле да ги дуплираат корисниците на народните кујни во опасните сцени.

Зошто, наместо моќен труст, српското новинарство стана шлајм на секоја власт? Затоа што не се адвокати. Тоа се луѓе кои ја убедиле секоја власт, дека се скромни како хигиеничарките и продавачките на сладолед. И дека затоа не треба никому ништо да плаќаат, освен сами на себе. Оттука е и сосема извесно дека на крајот ќе победат и во оваа битка, без разлика како на крајот, во медиумите, би се објаснила и насликала победата. Имено, работата е необично проста. Адвокатите се борат за правдата. А, правдата чини! 

>> Српската верзија на блогот проследете ја тука.

Објавено: 05.11.2014