/ Прочитано:

2.471

Симулација за намалувањето на трошоците на граѓаните во постапките пред извршителите и нотарите

Министерството за правда информира во детали за новините во законите за нотаријатот и за извршување. Со новите предлог-решенија за овие два закона трошоците за нотарските услуги и за услугите на извршителите се намалуваат за 50% до 90%, а дури 16 ставки за кои порано постоеја трошоци, со новите тарифи за нотарски и за извршителски услуги, ќе бидат целосно бесплатни.

Во врска со законските новини, министерката за правда, Рената Дескоска, презентираше симулација за споредба меѓу старата и новата тарифа на извршителите, како и симулација како ќе се одрази новата тарифа на конкретни постапки за наплата на долгови.

Симулација за намалувањето на трошоците на граѓаните во постапките пред извршителите и нотарите 

Главната цел на измените на законите е намалување на трошоците во постапките пред нотарите и извршителите, и тоа на најсиромашните граѓани кои не можат да си ги платат сметките за комунални трошоци и кои земаат мали потрошувачки кредити.

Намалувања на трошоците за граѓаните кои имаат долгови за комунални трошоци ќе има и во постапките пред нотарите и во постапките пред извршителите.

Во постапките пред нотарите овие граѓани ќе бидат ослободени и од судските такси и од надомест за клаузула за правосилност и извршност, а нотарската награда ќе биде 10% од главниот долг, но не повеќе од 500 денари.

Тоа значи, ако долгот е 1.000 денари, надоместокот за нотар ќе биде 100 денари. Ако долгот е 10.000 денари, надоместокот нема да биде 1.000 денари, туку 500 денари.

Исто така, за сметки за вода, смет, телефон и одржување на заеднички простории во висина до 6.000 денари нема да биде потребно учество на адвокат, како и за сметки за струја и парно до 15.000 денари. Со тоа ќе се исклучат и адвокатските трошоци за лицата кои имаат неплатени сметки до одреден износ.

Во постапката пред извршител има, исто така, големо намалување на трошоците. Дури 16 ставки за кои порано постоеја трошоци, со новата тарифа ќе бидат целосно бесплатни. Некои ставки се намалени до 50%, некои дури и повеќе од 50%.

На пример, налогот за извршување на трансакциска сметка на физичко лице, кое порано чинеше 20 евра, со новиот тарифник ќе биде 2 евра за долгови до 1.000 евра и ќе се движи до 6 евра за највисоките долгови.

Наградите на извршителите се исто така намалени, со тоа што се става ограничување дека при извршување на платни налози за комунални трошоци, наградата не може да биде повеќе од 20% од висина на главниот долг.

Владата ги прифати законските измени за намалување на трошоците за нотарите и за извршителите

М.В