/ Прочитано:

1.443

Синдикалните организации во Франција протестираат против реформите во Законот за работни односи

Реформите во трудовото законодавство се очекува да бидат усвоени на 22 септември. Инаку, пред две недели, премиерот на Франција, Едуар Филип, ги презентираше деталите од планираните реформи на Законот за работни односи во земјата, кои наидоа на големо разочарување меѓу работниците. Од друга страна, пак, најавените измени во трудовата легислатива беа прифатени на општо задоволство од страна на француската организација на работодавачи МЕДЕФ. Измените на Законот за работни односи, како што изјави претседателот Макрон, имаат за цел да им обезбедат на компаниите пофлексибилни услови за создавање на нови работни места, а реформите, исто така, ќе овозможуваат повеќето услови да бидат договарани на ниво на одделни компании наместо за цели сектори.

Членовите на најголемите синдикати во Франција организираат протести во целата држава поради плановите на францускиот претседател Емануел Макрон за реформи во трудовото законодавство.

Вториот по големина француски синдикат „Заедничка конфедерација на трудот“ (ЦГТ) ги повика своите членови на еднодневен штрајк, нагласувајќи дека протестите ќе ги одржуваат во повеќе градови во Франција.

Најавените реформи во трудовото законодавство од страна на Макрон предизвикаа огромно незадоволство меѓу вработените во државната железничка компанија „Ес-Ен-Си-Еф“, од каде што соопштуваат дека во знак на револт ќе го намалат интензитетот на железничкиот сообраќај. Претставниците на синдикатот од „Ес-Ен-Си-Еф“ велат дека ќе сообраќаат само половина или најмногу две третини од регионалните возови кон предградијата на Париз.

Возовите на подолги релации и париското метро се очекува да работат нормално.

Пред точно две недели, премиерот на Франција, Едуар Филип, ги презентираше деталите од планираните реформи на Законот за работни односи во земјата, кои наидоа на големо разочарување меѓу работниците. Од друга страна, пак, најавените измени во трудовата легислатива беа прифатени на општо задоволство од страна на француската организација на работодавачи МЕДЕФ.

Измените на Законот за работни односи, како што изјави претседателот Макрон, имаат за цел да им обезбедат на компаниите пофлексибилни услови за создавање на нови работни места, а реформите, исто така, ќе овозможуваат повеќето услови да бидат договарани на ниво на одделни компании наместо за цели сектори.

Исто така, реформите предвидуваат најмалите компании да преговараат директно со своите вработени или со нивните избрани претставници наместо со синдикатите.

Реформите во трудовото законодавство се очекува да бидат усвоени на 22 септември.

Филип Мартинес, генерален секретар на синдикатот „Заедничка конфедерација на трудот“, смета дека најавените реформи во трудовото законодавство во Франција претставуваат, како што рече, социјален државен удар. Тој притоа потенцираше дека реформите единствено му одат во корист на претседателот Макрон, бидејќи веќе е видлива поделбата меѓу трите водечки француски синдикати по ова прашање.

Истовремено, најголемиот синдикат во земјата, „Француската демократска конфедерација на трудот“ (ЦФДТ), го оцени нацрт-законот на Макрон како „длабоко разочарување“, но соопшти дека нема да се приклучи на протестите на ЦГТ.

Инаку, обиди за реформи во Законот за работни односи имаше и поранешниот француски претседател, Франсоа Оланд. Имено, властите во Франција со децении се обидуваат да извршат реформи во овој закон, но под силен притисок на масовните протести во најголемите француски градови, нивните планови пропаѓаа.

А. Б.