/ Прочитано:

1.864

Системски решенија за регистрација на лицата без документи

Во општество еднакво за сите секој мора да има еднаков пристап до услугите на државата, беше нагласено на дебатата „Системски решенија за регистрација на лицата без документи“.

Министерството за труд и социјална политика, како координатор на активностите за решавање на овој проблем, заедно со Управата за водење на матични книги во април годинава отвори јавен повик до сите лица кои не се евидентирани во матичните книги на родените да дојдат до подрачните единици на Управата и да пополнат прашалник за причините на нивното неевидентирање.

„За да биде целосна и сеопфатна оваа акција, во соработка со другите институции на системот, како што се МВР, Управата за водење матични книги и центрите за социјална работа, беа формирани локални мобилни тимови кои имаа цел да остварат директни контакти со лицата што не се евидентирани. Посебно значајна беше, и сè уште е, соработката со ромските граѓански здруженија, како и со ромските информативни центри, со чија помош се направи посебен електронски регистар за овие лица“, рече на дебатата претседателот на Владата на РМ, Зоран Заев.

„Оваа меѓуинституционална соработка, поврзана со соработката со организациите за поддршка на прашањата кои се од суштинска важност за припадниците на ромската заедница, се покажа како исклучително потребна и полезна.

Резултат на таа соработка е и оваа дебата, на која, заедно со силната поддршка на меѓународните организации, како што се ОБСЕ и УНХЦР, ќе се разгледаат најсоодветните решенија за институционално-правната рамка за евидентирање на сите лица на кои треба да им се обезбеди основната лична документација за да се стекнат со граѓански идентитет, кој потоа ќе им ги обезбеди сите погодности што ги имаат и сите други граѓани на нашата земја“, истакна премиерот Заев.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, на дебатата потенцираше дека ваквите настани овозможуваат да се разменат идеи и искуства за решавање на овој проблем.

„Систематски го решаваме проблемот со лицата без документи, кој со години беше игнориран од надлежните институции. Во оваа категорија се најчесто лицата од најранливите општествени слоеви, на кои им е најпотребен пристапот до социјалните услуги.

Ова ќе го постигнеме само ако ги направиме граѓаните видливи во системот. Со посветена работа успеавме на терен да идентификуваме 650 лица нерегистрирани во Матичната книга на родени и тие веќе се евидентирани во посебниот регистар.

Нашиот став е дека на сите нив треба да им се овозможи пристап до социјалните права, здравство, образование и сите државни услуги, додека не заврши процедурата за упис во Матичната книга на родени. На овој начин ќе докажеме дека создаваме општество кое не дискриминира и не заборава никого“, кажа министерката Царовска.

На настанот се обрати и шефот на делегацијата на Европска Унија, Самуел Жбогар, кој нагласи дека проблемот на граѓаните кои не поседуваат лични документи е решливо прашање за една држава, но го менува животот на засегнатото лице во позитивна насока, и додаде дека институциите и организациите треба да утврдат што е направено и што останува да се направи за системско решавање на проблемот на овие луѓе, вклучувајќи во процесот претставници на ромската заедница како најзасегнати од овој проблем.

Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која, во своето обраќање истакна дека опциите за системски решенија ќе ѝ помогнат на државата да го реши проблемот со незапишани лица, со што целосно ќе се прекинат постојните недоследни, па дури и повремено дискрециски практики во канцелариите за матична евиденција. Исто така, ќе ги упростат барањата за докази во управни и судски постапки, кои се потребни за да се изврши упис на раѓање.

Претставникот на УНХЦР Дејан Кладарин во своето обраќање го нагласи придонесот на Владата на РМ за обновените напори во 2018 во насока на идентификација на незапишани лица и изнаоѓање системски решенија.

„Во согласност со нашиот светски мандат, УНХЦР ќе продолжи да ја поддржува Владата за да ја постигне таа цел, која вклучува решенија не само за лицата чиешто раѓање не било запишано, туку и за оние лица чие државјанство не е потврдено по 1991 г. Благодарни сме за заложбата на Владата да го искорени бездржавјанството и се надеваме дека многу наскоро државата ќе им се придружи на другите држави од Западен Балкан со ратификација на Конвенцијата за намалување на бездржавјанството од 1961 г., а со тоа ќе преземе уште еден важен чекор во борбата за искоренување на бездржавјанството“, изјави Кладарин од Претставништвото на УНХЦР во Скопје.

На овој настан беше презентирана и анализата на правната рамка поврзана со раѓање и регистрација на граѓаните, во контекст на спречување граѓаните да останат без државјанство, од страна на професорот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Борче Давитковски, кој направи споредба на состојбите во изминатите години со сегашната состојба на лицата кои не поседуваат никаков документ и ја поздрави иницијативата за организирање на ваков настан кој поттикнува побрзо решавање на овој проблем.

По презентацијата на анализата, која даде поширока слика за состојбите низ годините, беше отворена и дискусија преку која присутните се произнесоа со свои мислења за решавањето на овој проблем.

М.В