/ Прочитано:

1.377

СИТЕ ГРАЃАНИ СЕ ЕДНАКВИ ВО СЛОБОДИТЕ И ПРАВАТА: Втора правосилна пресуда со која се утврдува дискриминација на граничен премин

Апелациониот суд во Битола донесе Пресуда со која ја потврди пресудата на Основниот суд Битола, каде што е утврдено дека тужениот, Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, му го повредил правото на слобода на движење на тужителот поради тоа што не му дозволил да ја премине државната граница, со што му биле повредени честа, угледот и достоинството на тужителот, кој е лице од ромска националност.

slika

Судот се повикал на Уставот на РМ според кој сите граѓани се еднакви во слободите и правата, како и Законот за спречување и заштита од дискриминација. Ова е втора правосилна пресуда, поддржана од МЗМП, со која се утврдува дискриминација  и ограничување на правото на слободно движење на лицата од ромска национална припадност.

Постапката е поведена во рамките на проектот „Дискриминација на граничните премини“. Случајот го водеше адвокатот Емил Паришко од Битола.

„Иако постојат и други пресуди во РМ со кои се утврдува дискриминација и ограничување на правото на слобода на движење на лицата од ромска национална припадност, во други случаи, во рамките на истите судови, има пресуди со кои за иста или за слична ситуација не е утврдена дискриминација“, велат од Македонското здружение на млади правници. Оттаму истакнуваат дека дел од предметите се процесирани пред Европскиот суд за заштита на човековите права.

Од МЗМП велат дека пресудите со кои се утврдува дискриминација придонесуваат за општествените промени во државата, што е една од целите на стратешкото застапување. Преку позитивната судска пракса граѓаните можат да стекнат поголема доверба во судството и да се охрабрат да бараат заштита на нивните права кога постои дискриминација.

БИТОЛСКИОТ ОСНОВЕН СУД: Македонската полиција да ја надомести штетата за расното профилирање на граничните премини

 ДВЕ ПРАВОСИЛНИ ПРЕСУДИ СО КОИ СЕ УТВРДУВА ДИСКРИМИНАЦИЈА

ПРЕСУДИ КОИ НОСАТ ОПШТЕСТВЕНИ ПРОМЕНИ: Интервју со Јасна Оровчанец-Аранѓеловиќ за првите пресуди со кои се утврдува дискриминација

М.В