/ Прочитано:

2.884

Скопски ресторан упати јавно извинување за дискриминацијата врз девојка која носела хиџаб

Kомисијата за заштита од дискриминација, постапувајќи по претставка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, утврди дискриминација врз основа на религија и верско уверување врз девојка која носела хиџаб и на која не ѝ бил дозволен пристап до ресторан во Скопје.

„Врз основа на препораката од Комисијата за заштита од дискриминација, ресторанoт Портофино Остериа и Бар од Скопје упати јавно извинување кон жената на која ѝ беше ограничен пристапот до овој ресторан поради тоа што носела хиџаб“, посочуваат од Хелсиншкиот комитет.

Во јануари годинава, Kомисијата за заштита од дискриминација, постапувајќи по претставка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, утврди дискриминација врз основа на религија и верско уверување во овој случај. КЗД побара од ресторанот да ја отстрани повредата на правото на странката и понатаму да не врши дејствија на дискриминација.

Во известувањето што го достави ресторанот до Комисијата е наведено дека сопствениците и вработениот персонал посебно ќе внимаваат и ќе негуваат недискриминаторски однос кон гостите по кој било основ и уверуваат дека во иднина нема да се стори повреда во согласност со Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Месечниот извештај на Хелсиншкиот комитет може да се преземе на следниот линк.

Утврдена дискриминација врз девојка на која не ѝ бил дозволен пристап во скопски ресторан зашто носела хиџаб

М.В