/Прочитано:

719

Славко Лазовски, експерт за даночни прашања: Долгот и побарувањето се две палми, кои ако не растат една покрај друга не даваат плодови

Даноците раскажуваат посебна приказна за луѓето и за нивната заедница. Даноците се потврда на нивното постоење, и на граѓанинот и на заедницата. Очекувањата, на граѓанинот и на заедницата, за остварување на поголеми доходи, е најдлабоката суштина  на оправдувањето за постоењето на даноците. Даноците се најреалното поврзување меѓу поединецот – граѓанинот и неговата заедницата.

Какви даноци, таква иднина

Ова не е идеализирана слика за даноците, туку мало нурнување во оправданоста за постоењето на даноците. Ниту граѓанинот може да опстојува без даноците, ниту неговата заедница би функционирала без нив. Даноците се минатото, но и иднината на граѓанинот и  на неговата заедница.

Даноците се носители на прогресот на една земја. И пошироко од една земја. На даноците, многу често, им е тесно во националните граници, како постоење, а уште повеќе како придобивка на творечкиот ум. Зар за тоа не е најдобра потврда  и самиот ДДВ, па потребата за оданочување на т.н. светски доход, кај другите видови даноци и многу други примери.

За значењето на даноците, зар има поголема потврда во историјата од таа што кога една држава станува голема сила во воена, политичка и во секаква друга смисла, секогаш зад таа доминација стои нејзиниот даночен систем, подобар од системи на другите земји над која доминирала. Како нејзината доминација слабеела, така другите земји ја надминувале применувајќи подобри даночни системи.

Развојот и даноците се различни синоними на еден ист процес. Ако даноците ја одредуваат иднината, тогаш важи правилото – какви даноци, таква иднина. Развиените земји имаат големи даноци, односно не применуваат политика на ниски даноци. Исто така, најпријатните земји за живеење немаат ниски даноци. Република Македонија спроведува политика на ниски даноци, го здомивме рамниот данок, го практикуваме естонскиот модел на оданочување на добивката, а резултатите на полето на развојот не се на очекуваното ниво. Периодот од 7-8 година веќе станува предолг во очекување на импонзантни резултати. Резултатите отсуствувават и во секундарните подрачја на делувања, опфатот на оданочување, односно на подрачјето на намалувањето на сивата економија и во сферата на ,,сразмерното или реалното” оданочување. Оправдување нема ниту во светската економска и должничка криза, бидејќи кризите, по правило, се измислени за ,,чекори на напред” во областа на даноците.

Со мали даноци нема пат кон евроинтеграциите. Во ЕУ не очекуваат големи даноци. Јасно е дека со големите даноци се подига конкурентската  способност на пазарот. На нашите бизнисмени треба сосема да им е јасно дека нивната конкурентска способност драстично  ја намалува слабата продуктивност во јавните сервиси. Во таа конкурентска битка предноста е страната на фирмите од земјите со поголеми даноци.

На личен план, ако плаќам мал данок, тоа значи дека назадувам. Ако поврзноста меѓу поединецот и заедницата е целосно, истото ја очекува и заедницата. Најдобро може да се објасни значењето на даноците за прогресот на една земја, ако оданочувањето го споредиме со она што го издвојуваме од нашите доходи за иднината на нашите деца. Како родители вложуваме дел од нашиот доход за нивно подобро образование, за нивното здравје, за спортување итн., а во догледно време очекуваме тие да остваруваат што поголеми доходи, односно да подобро живеат и да издвојуваат што поголем доходи за нивните деца. Ако малку се издвојува, малку и ќе се остварува. А светската конкуренција е присутна во секој момент и  на секој чекор.

Законот за даночната постапка на европски начин постигна врвна урамонотеженост

На почетокот на 2006 година е донесен Законот за даночната постапка. Постоеше огромна потреба од донесување на еден ваков закон, односно еден од т.н. кровни даночни закони, во кој на едно место се уредени процесните  прашања од областа на оданочувањето, како значен процес како за субјектот на оданочувањето, така и за заедницата, која ги остварува даночните приходи.

Република Македонија имаше ретка среќа што се изнедри еден одличен закон, кој речиси нечујно, без некоја помпа влезе во нашиот даночен систем. Втората негова  карактеристика беше таа што на најдобар можен начин, што би рекле на европски начин, беше постигната врвна урамнотеженост на правата и одговорностите на двата основни чинители во оданочувањето, на даночниот обврзник, од една страна  и на даночното тело од друга страна.

Драматични пресврти на институтот Даночна тајнаод целосна даночна тајна до јавно изнесување на даночниот долг

Со новиот закон се појавија и нови институти. Еден од нив е даночната тајна. Тоа значеше дека за даночните податоци за даночниот обврзник треба да знаат само двајца, оној што дал налог за контрола и оној што ја извршил контролата. Ако некој од претпоставените во даночното тело побара таква информација, даночниот работник за тоа мора да направи изјава пред нотар или пак службена белешка, бидејќи во спротивно прави тешка повреда на работната должност, неможејќи да се спротивстви на ваквото барање. Така беше тоа уредено со Законот за даночната постапка и подзаконските акти, но не за долго, се до последната измена на законот од пред пола година, со која измена е дозволено да се објавува Листа на даночни обврзници кои должат данок.

Од определба во 2006 година за целосна даночна тајна до јавно изнесување на даночниот долг, навистина драматичен пресврт, а таквите пресврти се најмалку потребни  во областа на даноците. Долги години зборувавме за потребата од градење на доверба меѓу даночниот обврзник и даночното тело, а сега наеднаш прстот е вперен само кон даночниот обврзник.

 Процесот на оданочувањето е строга индивидуализирана постапка и како таква треба да остане до самото нејзино завршување, односно до исполнувањето на даночниот долг. Деталите се значајни само субјектот на оданочувањето. Така и треба да остане.

Довербата меѓу даночните обврзници и даночното тело тешко се гради, но брзо се урнува„Листата на срамот“ е мала цел, но со сериозни последици

Даночната политика повеќе години е постојано присутна во нашето секојдневие, но повеќето со својата гласност, а помалку со своите постигања. Ако суштината на даночната политика е остварување на одредени цели во областа на даноците, тогаш оваа цел – објавувањето на Листата на срамот е мала цел, но со сериозни последици. Довербата меѓу даночните обврзници и даночното тело тешко се гради, но брзо се урнува.

Постигнување на цел, како што е даночната дисциплина, се постигнува побрзо и поефектно со идивидуални мерки од арсеналот на редовната,  а посебно од арсеналот на присилната наплата.

Најдобри резултати во наплатата на даноците се постигнуваат кога се води постојана и добра комуникација меѓу даночниот обврзник и даночното тело. Оваа мерка изглегува од тие рамки и сосема е јасно дека нема да ги даде очекуваните резултати.

Се поставува прашањето зошто даночните должници кои  редовно ги измируваат своите даночни долгови не се позитивно апострофирани. Тука се поставува и прашањето за учеството на даночните обврзници во буџетскиот процес, односно во одредувањето на приоритетите финансирани од Буџетот. Оној што плаќа даноци би требало да е активен во партиципативното буџетирање, оти тој најдобро знае како преку тоа да се дојде до остварување на поголем доход, а даночното тело да постигне засилување на идните даночни извори.

Од друга страна, Република Македонија важи за земја во која сериозно не се почитуваат правата и интересите на даночните обврзници. На овој план многу, многу треба да се работи, што ќе доведе и до остварувањето на многу важната работа – собирање на даноци со што помали трошоци, како на страната на даночните обврзници, така и кај даночното тело.

Во предлогот за нејзино воведување беше речено дека се применува во Хрватска и Грција, што според мене не се нокои земји кои треба да се следат во областа на даноците. Но е јасно дека земјите кои важат за добро даночно уредени земји и каде наплатата на даноците достигнува до 94% – 96% од задолжувањето, не се доведуваат ни до искушение од примена на една ваква мерка.

Добро уредените даночни земји до поголема даночна дисциплина доаѓаат и со поставеноста и однесувањето на даночното тело, со почитувањето на правата и интересите на даночните обврзници и ниските трошоци на собирање на даноците. Со се она што треба да ја краси една даночно тело во добро поставени законски рамки.

Кои се слабостите на даночниот систем во Република Македонија?

Рековме дека даноците се значајни  за развојот, но и тие постојано се равиваат. Човековата инвентивност нема граници ниту во науката за даноците, ниту во добрата практика. Нема земја која не прави  одредени подобрувања во даноците, било тоа да се целосни даночни реформи, било да се тоа ситни подобрувања, кои  се надоврзуваат во една значајна нагорна линија.

Веќе одамна во македонскиот простор не се слуша зборот – даночна реформа., а е по потребна од било кога порано. Но, најпрво да ги набележиме најголемите пројавени слабости во даночниот систем на Република Македонија. Тие би биле следни:

  • тесната даночна структура,
  • предоминатното учество на регресивното оданочување и
  • слабиот систем на локални даноци.

Ова резултира со нестабилни јавни финансии, дури со елементи на закана од фискална криза и неподнослив јавен долг, со претерано ниско ниво на партиципативно буџетирање.

Република Македонија, како да мора да се врати на она што е запишано во Спогодбата за стабилизација и асоцијација  за да го надомести пропуштеното:

  • натамошни даночни реформи,
  • модернизација на даночното тело,
  • ефикасно прибирање на даноците и
  • борбата против даночните измами.

На полето на наплатата на даноците треба да се користат до максимум трансакциските сметки, информатичкото поврзување за брзо реагирање, многу одредби за наплатата на даноците треба да се подредат на достигнувањето на платниот промет и многу други технички подобрувања.

,Долгот и побарувањето се две палми, кои ако не растат една покрај друга не даваат плодови.”

Но, најважно од сè е да се постигне потребната урамнотеженост на правата и обврските на даночните обврзници  со правата и одговорностите на даночното тело, како и однесувањето на целиот јавен сектор, односно државата.Тука да се послужиме со една јужно-американска поговорка, која вели: ,,Долгот и побарувањето се две палми, кои ако не растат една покрај друга не даваат плодови.”

За АКАДЕМИК: Славко Лазовски, експерт за даночни прашања 08.07 2014