/ Прочитано:

2.223

Следењето на комуникациите не смее да биде злоупотребено од позиција на политичка моќ

Пакетот закони за следењето на комуникациите имаат свои предности и слабости, вели м-р Бојан Стојиќ, експерт по безбедносни науки. Новите законски предлози за Законот за следење на комуникациите, образложува Стојиќ, директно произлегуваат од двата извештаи на Прибе од 2015 и 2017 година, од препораките на ГРЕКО и на Венецијанската комисија, каде што се сумираат и се потенцираат слабостите на постојниот закон кој дава можност за злоупотреба. Имено, законските предлози се адаптирани кон европското законодавство, со што се потврдува нашата позиција за интеграција во евроатлантските структури.

Од овие решенија за законските предлози, додава Стојиќ, произлегува и Оперативно-техничката агенција (ОТА), која претставува самостоен државен орган со својство на правно лице со надлежност утврдена во посебен закон. ОТА е технички сервис на сите органи овластени со закон за следење на комуникациите, која се формира со цел да активира и да создаде услови за следење на комуникациите, како за кривичните постапки така и за безбедносните потреби на државата.

„Предноста на ова решение, со кое се формира ОТА, се состои во тоа што комплетната опрема и капацитетите за следење на комуникациите и физички се отстрануваат од УБК, со што би се гарантирала заштитата од злоупотреба и монопол на истиот орган, како што е наведено во Вториот извештај на групата високи експерти за системски прашања за владеење на правото објавен во септември 2017 година“, вели Стојиќ.

Слабостите на овој закон, додава Бојан Стојиќ, произлегуваат од недоволното дефинирање на одредени материи вклучени во предлогот за измените. Во оваа смисла, недостига дефинирањето на категории на луѓе кои се подложни на следење на нивните комуникации.

„Можноста за контактно поврзување (идентификувањето на луѓе во контакт со други луѓе) треба да биде прецизно регулирана. Колекцијата и идентификацијата на метадатата треба да биде возможна во случаи кога постои сомневање за постоење на сериозно кривично дело, како што е тероризам. Сепак, метадатата содржи информации кои се од големо безбедносно значење и доколку легислаторот смета дека таквиот вид метадата е неопходна, тој мора да воспостави силни процедурални мерки на контрола, како и строг надзор“, вели Стојиќ.

Според експертот, особено значајно во контекст на оваа реформа е точното прецизно и опширно дефинирање на материјата која се озаконува, односно потребни се прецизни насоки за тоа кој, како, на кој начин и под кои услови може да го врши следењето на комуникациите.

„Од клучна важност во оваа реформа е елиминирањето на секаков потенцијален вид на злоупотреба на Законот или на Агенцијата, особено од позицијата на политичка моќ. Круцијална важност исто така има и инструментот за надзор, особено врз Оперативно-техничката агенција која треба да го предводи Собранието и да биде гарант за законитоста при исполнувањето на законските обврски. Надзорот, овој пат зајакнат преку граѓанскиот сектор и Народниот правобранител, придава значајна поддршка на Собранието како најбитна институција при контролата на законитоста на следењето на комуникациите, како и работењето на ОТА. Втор момент кој е од особено значење за успехот на реформата во оваа област е сериозната и строга професионализација на кадарот што треба да го спроведе Законот“, истакнува Стојиќ.

Тој нагласува дека е неопходен висок степен на професионализација на операторите и кадрите кои ќе раководат со Оперативно-техничката агенција како основен елемент при гаранцијата за заштита од злоупотреба.

„Високите етички стандарди, како и соодветното образование, надополнето со дополнителна стручна едукација се круцијални при изборот на новите кадровски решенија, кои своите обврски ќе ги извршуваат со највисок морален и етички стандард. По обичај, секоја злоупотреба и непочитување на законските прописи доаѓа од човечкиот фактор“, потенцира Стојиќ.

За прашањата што се однесуваат на реформите во областа на следењето на комуникациите, Стојиќ ќе говори и на семинарот во Дубровник, со наслов „Превенција на криминалот преку казненото право и безбедносните студии”, кој изминатите години се етаблираше како регионално најзначаен годишен семинар од областа на казненото право и безбедноста, на кој учество имаат земено голем број на американски, германски и хрватски професори и експерти во својата област.

„На овој семинар моето излагање ќе се фокусира на модалитетот и начинот на формирање на Оперативно-техничката агенција, нејзините предности и негативности, заедно со Законот кој ја уредува. Исто така, ќе има фокус на споредбени  позитивни практики од американските и европските искуства, како и на искуствата од регионот. Скандалот со прислушуваните разговори ќе биде, исто така, во фокусот како еден вид причинител за реформите во безбедноста заедно со заштитата од злоупотреба на институтот за следење на комуникациите“, вели Бојан Стојиќ.

Законските решенија за следењето на комуникациите треба да ја гарантираат правната сигурност на граѓаните

„Нема гаранција дека ОТА ќе биде нова служба со интегритет“ – стручната јавност бара повлекување на законските решенија

Реформите за следење на комуникациите да не бидат козметички, предупредуваат граѓанските организации

Пакетот закони за реформи на системот за следење на комуникациите влегуваат во собраниска процедура

Какви обврски се пропишани за операторите во новиот Предлог-закон за следење на комуникациите

Законското образложение на Предлог- законот за следење на комуникациите

Се брише членот 175 од Законот за електронските комуникации во кој се пропишуваат должностите на операторите при следење на комуникациите

Во подготовка нов Закон за следење на комуникациите и нов Закон за оперативно-техничка агенција усогласени со препораките на Прибе

М.В