/ Прочитано:

1.683

Случаи на неефикасна заштита на жртви на семејно насилство

Во месец јануари 2019 година во Хелсиншкиот комитет за човекови права две жени пријавија дека се жртви на физичко и психичко насилство од страна на нивните брачни партнери, што резултирало со телесни повреди, а во едниот случај освен жената, жртви на семејно насилство од страна на таткото се и нивните три малолетни деца. Една жена пријави дека е жртва на психичко насилство од страна на поранешен брачен партнер, информираат од Хелсиншкиот комитет.

Претставник од Хелсиншкиот комитет придружуваше една од жртвите пред Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на Град Скопје со цел пријавување на случајот и иницирање судска постапка за изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилство.

„Жената која пријави дека таа и нејзините три малолетни деца се жртви на семејно насилство од страна на нејзиниот брачен партнер, кој е и татко на малолетните деца, нè извести дека Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на град Струмица со нејзина согласност поднел предлог за изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилство до надлежен суд. Хелсиншкиот комитетот во согласност со својата мисија и проектни активности за мониторинг, заштита и унапредување на човековите слободи и права на ден 29.01.2019 година го мониторираше судското рочиште пред Основниот суд Струмица по повод поднесениот предлог.

Иако видно од приложените докази кон предлогот за изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилство е неспорно дека жената и нејзините малолетни деца се жртви на континуирано психичко и физичко семејно насилство, Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на град Струмица предложил изрекување на само две привремени мерки, и тоа: задолжително законско издржување на семејството и задолжително посетување соодветно советувалиште.

Предложените мерки не се доволно ефикасни, нема да придонесат за превенција и запирање на насилството ниту пак за отстранување на последиците од извршеното насилство. Исто така, од страна на Центарот во име на малолетните деца не е предложено изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилство, иако според Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, Центарот треба да го стори тоа задолжително, без согласност на родител или законски застапник“, се вели во Извештајот на Хелсиншкиот комитет.

Со ваквото постапување на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи на град Струмица, додаваат од Комитетот,  се отвора основано сомнение за несовесно постапување на стручниот тим по конкретниот предмет, поради што Хелсиншкиот комитет реагираше до Министерството за труд и социјална политика и ќе продолжи да го следи овој случај.

„Центарот за социјална работа е една од надлежните институции кои се должни да преземат мерки за заштита на жртвите на семејно насилство. Стручните тимови при Центарот мора со должно внимание да вршат процена на потребите за заштита на жртвите, според видот, интензитетот и контекстот на случување на насилството, а особено во случаи кога жртви се малолетни деца. Следствено на ова неопходно е предложување на ефикасни привремени мерки, кои ќе придонесат до превенција и запирање на насилството, како и отстранување на последиците од извршеното насилство“, препорачуваат од Хелсиншкиот комитет.

Месечен извештај за состојбата со човековите права

M.В