/ Прочитано:

1.391

СЛУЧАЈ „ЌЕЛИЈА“: Јавна седница за оцена на обвинителниот акт

Одбраната на обвинетите тврди дека поднесеното обвинение е паушално, а од Обвинителството, пак, велат дека се собрани сите докази потребни за да се поднесе обвинителниот акт и дека оцената за издржаноста на обвинението е во рацете на судот.​

Приведување на осомничените во акцијата „Ќелија“

На барање на одбраната, денеска во Кривичниот суд ќе биде одржана Јавна седница за оцена на обвинителниот акт за случајот „Ќелија“.

Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на почетокот на февруари поднесе обвинителен акт против 11 лица опфатени во предметот познат како „Ќелија“. Единаесеттемина осомничени се товарат за сторено кривично дело „учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации“ од чл. 322а од Кривичниот законик.

Одбраната на обвинетите тврди дека поднесеното обвинение е паушално, а од Обвинителството, пак, велат дека се собрани сите докази потребни за да се поднесе обвинителниот акт и дека оцената за издржаноста на обвинението е во рацете на судот.​

По разгледувањето на предлозите на Обвинителството и жалбата на одбраната, Советот за оцена на обвинителниот акт од Одделението за организиран криминал при Кривичниот суд треба да донесе одлука дали ќе го прифати обвинителниот акт и ќе закаже главна расправа на која во контрадикторна постапка ќе се решаваат прашањата што се предмет на испитување и оцена, или ќе го одбие обвинителниот акт.

Акцијата „Ќелија“ беше спроведена од Министерството за внатрешни работи во август 2015 година. Во неа беа уапсени девет лица кои биле следени од септември, односно откако во земјава се овозможија услови за гонење на лицата кои учествуваат во странски војски на боиштата на Блискиот Исток.

Казната за делото „учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации“ кое им се става на товар на обвинетите изнесува 5 години затвор.