/ Прочитано:

1.694

Сметки за донации за настраданите во поплавите во Скопје и мапа на пунктовите за донации

Од Црвениот крст, кој работи на терен и кој ги координира активностите за помош, информираат дека за неполни 24 часа собрани се 100 000 евра. Овие податоци се добиени од операторите што ги отворија своите линии за донации.

Помош за настраданите од поплавите/Фото: АРМ

Хуманитарци, граѓански здруженија и активисти се вклучија во акцијата за помош за настраданите од поплавите што го зафатија Скопје, во кои животот го загубија 21 лице, многумина беа повредени, а голем број семејства останаа без покрив над главата.

На социјалните мрежи активно и континуирано функционира групата Хуманитарна помош за поплавените семејства во Скопје, каде што постојано се ажурираат податоците за потребите од прехранбени и хигиенски производи и од работна рака, како и за пунктовите за донации и за начините на кои заинтересираните граѓани можат да помогнат.

„Од граѓаните коишто ја водат иницијативата за граѓанска ангажираност за помош на настраданите и граѓанската помош за санирање на штетите во сите настрадани подрачја се апелира сите граѓани коишто се активни на социјалната мрежа и кои сакаат континуирано да помагаат и континуирано да се во тек со сите случувања и потреби од граѓански активизам, да се зачленат во јавната група“, се наведува во соопштението на фејсбук-групата за помош.

Во групата, редовно се објавуваат информации за :

  •  потреба од волонтери;
  •  потреба од помош во вид на донации;
  •  информации за нови места за собирање помош донации;
  •  информации за расположливи човечки ресурси за директна помош;
  •  информации за состојбата на терен, и во настраданите подрачја и на местата за собирање донации.

Се наведува дека администраторите и модераторите на групата се организирани со континуирани дежурства за логистика, за давање помош, за обезбедување контакти за итно интервенирање и повикување на надлежни институции, за теренски активизам итн. Се работи во смени поради потребата и од теренска активност, во којашто активно учествуваат и администраторите и модераторите на групата. Во групата има достапен упатен администратор или модератор, 24 часа.

Во градот веќе функционираат повеќе пунктови кои можете да ги погледнете на интерактивната мапа.

Интерактивна мапа на пунктови за донации

Покрај веќе поставените, од денеска ќе биде отворен и нов пункт кај Скопје Сити мол кој ќе биде лоциран на самиот влез од страната на улицата „МАНАПО“ (Карпош 3). Пунктот ќе биде отворен денес во 15:00 часот и ќе работи до 22:00 часот, а утре и останатите денови ќе функционира секој ден од 10:00 до 22:00 часот.

Активистите за помош на настраданите во своите повици за помош апелираат дека има потреба од:  конзервирана храна, вода за пиење, средства за хигиена, средства за дезинфекција, алати.

Активиран е бројот 143 400 на кој можете да донирате 100 денари, а отворени се и сметки во банка за лицата од странство кои сакаат да донираат.

Од Црвениот крст, кој работи на терен и кој ги координира активностите за помош, информираат дека за неполни 24 часа собрани се 100 000 евра. Овие податоци се добиени од операторите што ги отворија своите линии за донации.

Име на банка: Комерцијална банка АД Скопје, улица „Орце Николов“, 1000 Скопје

Сметка на банка: 300000000000133 25730522-11

СВИФТ: KOBSMK2X

ИБАН: MK07300701000001228