/ Прочитано:

1.544

Со стандарди во градежништвото до конкурентност

Во чекор со светските достигнувања во градежништвото неопходно е следење и имплементација на најновите трендови и стандарди во насока на зголемување на конкурентноста и квалитетот на градбата, беше истакнато на денешната прес-конференција на Градежната комора на Македонија, на која пред градежните компании беа презентирани најновите стандарди од старана на Институтот за стандардизација на Република Македонија (ИСРМ), приспособени на најновите измени на Законот за градежни производи.

„Секторот градежништвото има долги корени во нашата земја и она што го движи напред е следењето на најновите светски стандарди и трендови како и нивната имплементација. Без примена на стандарди нема квалитет, а градежните компании во најголем дел ги применуваат стандардите за квалитет. Работата според стандарди значи поттикнување на  конкурентноста и излегување на пазарите во светот.  За градежните компании да реализираат одреден проект, неопходна е меѓусебна соработка со голем број чинители во секторот, најпрво со цел исполнување на законските стандарди, па понатаму до финална реализација. Новите стандарди што ги налага ЕУ, како што се еврокодовите, се чекор напред во подигнување на квалитетот на техничката регулатива за овој значаен сектор“, изјави Ивица Јакимовски, претседател на Градежната комора на Македонија.

Соња Черепналковска, раководител на Секторот за стандардизација во ИСРМ истакна дека во градежништвото постојат околу 2000 европски стандарди кои се прифатени како македонски национални стандарди, класифицирани според групацијата на производи.

„Се разбира тука се и еврокодовите – стандарди кои ги даваат принципите и правилата за проектирање. Институтот има усвоено и изворни македонски стандарди. Тоа се стандарди во области каде што нема прифатено европски и меѓународни стандарди. Дел од стандардите за градежни производи се усогласени и претставуваат техничка поткрепа на Законот за градежни производи, закон кој е донесен во 2015 година, а кој со најновите измени е со задолжителна примена од 30 септември 2018.  Македонија треба да создаде амбиент за успешна интеграција на нашето стопанство во европските и меѓународните текови, а тоа е можно само со хармонизација на националното законодавство со европското и прифаќање на европските стандарди како македонски. Тоа треба да биде резултат на заеднички сили на државните органи, на стопанството, на академската заедница, на експертите и на разни асоцијации, затоа ги повикувам сите субјекти да земат учество во Институтот за стандардизација сè со цел да се обезбеди развој на економијата на земјата и стандардот на живеење“, изјави Черепналковска.

Директорот на ИСРМ, Џевад Кицара, зборуваше за техничките комитети кои се секторски групирани и кои ги извршуваат стручните работи во областа на стандардизацијата во рамките на Институтот.

„Тeхничкиот комитет е група на експерти, составена од прeтставници на  заинтересирани правни лица: од бизнис-заедницата, производители, образовни и научни институции, лаборатории, инспекциски тела, здруженија на потрошувачи, здруженија на граѓани и комори, државната управа и други. Експертите во комитетите треба да ги застапуваат општите интереси, интересите на компаниите, на организациите, на потрошувачите итн. Во согласност со Статутот на ИСРМ, учеството во работата на техничките работни тела се остварува без доминација на поединечните интереси над заедничките интереси во постапката на подготвување македонски стандарди“, истакна Кицара и додаде дека основните цели на работата на техничките комитети се да ги применуваат основните принципи на стандардизацијата, да обезбедат поддршка на техничката регулатива во соодветната област, да се усогласат македонските со европските и меѓународни стандарди, да ги претставуваат националните интереси пред меѓународната и европската заедница, како и да ги промовираат интересите на Националното тело за стандардизација.

Компаниите укажуваат на недоречености во градежната регулатива

Градежништвото во фокус на јавно-приватниот дијалог

Градежниците предлагаат промени на повеќе прописи од областа на градежништвото и безбедноста при работа

Потребна е реформа на законодавството од областа на градењето која ќе го заштити јавниот интерес

M.В