/ Прочитано:

3.131

СОБРАНИЕТО ГО ДОНЕСЕ ЗАКОНОТ ЗА НОТАРИЈАТОТ: Исправена e историската неправда кон адвокатурата, велат од АКРМ

Собранието на РМ во рамки 98-та седница го донесе Предлог-законот за нотаријатот. Новото законско решение предвидува присуство на адвокатите и задолжителен адвокатски печат во постапки кои се од суштинско значење за граѓаните, за идентични трошоци кои се предвидуваат и кои се наплатуваат само за нотарска услуга.

praven-sistem-makdeonija-justicija.jpg

„Со ова е исправена историската неправда која и беше нанесена на македонската адвокатура. По цели 18 години предметот на работа им се враќа на адвокатите“, велат од АКРМ.

„Како претседател на Адвокатската комора на РМ чувствувам задоволство што се враќа угледот на адвокатурата на Република Македонија“, вели претседателот на АКРМ, Никола Додевски.

Од АКРМ истакнуваат дека со новиот Закон за нотаријат се укинува нотарскиот акт кој им беше наметнат на граѓаните како задолжителен за повеќе правни состојби.

„Тоа со години беше начин за преземање на работата на адвокатите.Отсега правните работи ќе бидат изготвувани како приватни исправи од страна на адвокатите, а потврдувани од нотарите, што ќе придонесе за намалување на трошоците за граѓаните, а истовремено ќе се елиминираат и појавите на неовластено изготвување на правни акти“, посочуваат од АКРМ.

akad 4

Новото законско решение предвидува  присуство на адвокатите и задолжителен адвокатски печат во постапки кои се од суштинско значење за граѓаните, за идентични трошоци кои се предвидуваат и кои се наплатуваат само за нотарска услуга.

„Во овој контекст: приватната исправа  задолжително треба да биде составена од адвокат и да содржи адвокатски печат и потпис доколку се работи за правна работа со вредност над 10.000 евра во денарска противвредност;  договорот за продажба и преддоговорот за продажба со вредност на предметот на продажба над 10.000 евра во денарска противвредност задолжително треба да го состави адвокат и задолжително да содржи адвокатски печат и потпис; платните налози освен сметките со помала вредност за комунални услуги , предлозите и  жалбите при постапките за платните налози  задолжително ги составува адвокат и содржат адвокатски печат; при расправањето на оставината задолжително е присуство на адвокат во својство на полномошник за секој од учесниците“, велат од АКРМ.

Учеството на адвокатите во својство на заштитници на правата на граѓаните за идентични трошоци, нагласуваат од АКРМ, во овие постапки преставува само придонес кон владеењето на правото и повисок степен на заштита на граѓаните.

akad 4

Од АКРМ образложуваат дека единствената вистина е дека со новиот Закон за нотаријатот се укинуваат нотарските акти како задолжителна обврска на граѓаните двојно поскапо да ги плаќаат нотарските услуги без право на избор во повеќе правни ситуации.

Мината година, претседателот на АКРМ, Никола Додевски ,во рамки на јавната расправа за Законот за нотаријатот во Собранието на Република Македонија истакна дека негова заложба и заложба на АКРМ е враќање на одземеното на 2500 адвокати, заштита на адвокатурата од квазиситеми со легално надрипистарство и либерализација на нотарите.

Во врска со либерализацијата на нотарите, денеска од АКРМ посочија дека Уставниот суд на БиХ неодамна ги укинал нотарските акти како задолжителни, а истовремено го либерализирал нотаријатот укинувајќи ги одредбите што го ограничуваат бројот на нотарите (Во Република Македонија бројот на нотарите е ограничен). Во Хрватска,  обидот да се воведе модел на нотаријат како македонскиот бил одбиен без никакво сериозно разгледување.

slika

„Во Србија, пак, адвокатите со 4,5-месечен штрајк спречија воведување на ваков лукративен и противуставен модел на нотаријат“, истакнаа од АКРМ, која е една од потписничките на регионалната Резолуција за заштита на самостојноста и независноста на адвокатурата како еден од условите за остварување на владеењето на правото.

М.В / veljanoskim@akademik.mk

АКРМ ЗА ЦЕЛТА НА ПРЕДЛОГ–ЗАКОНОТ ЗА НОТАРИЈАТОТ: Укинување на задолжителниот нотарски акт и двојно намалување на трошоците за граѓаните

ДОПОЛНЕТ ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ ЗА НОТАРИЈАТОТ: Вградени амандмани што се однесуваат на адвокатите

АДВОКАТИТЕ И НОТАРИТЕ ПРЕД ПРАТЕНИЦИТЕ: Јавна расправа за Законот занотаријатот

АДВОКАТСКАТА КОМОРА ЗА НОВИНИТЕ ВО ЗАКОНОТ ЗА НОТАРИЈАТОТ: Во интерес на граѓаните, зголемена правна заштита за идентични трошоци

ПРЕДЛОЖЕН Е ЗАКОНОТ ЗА НОТАРИЈАТОТ : „Присуство на адвокати при постапката за расправање на оставина, составување на нотарски и изготвување на приватни исправи“