/ Прочитано:

2.035

Собранието расправа за составот на Комисијата за прашања на избори и именувања

Во Комисијата за прашања на избори и именувања, ВМРО-ДПМНЕ ќе биде застапена со шест члена, а предложени се: Антонио Милошоски, кој е предложен и за претседател на Собранието, потоа Крсто Мукоски, Даниела Рангелова, Димитар Стевананџија и Благица Ласовска. СДСМ ќе има пет члена: Горан Мисовски, Дамјан Манчевски, Петре Шилегов, Мухамед Зекири и Ивана Туфегџиќ. Член на Комисијата за прашања на избори и именувања од ДУИ ќе биде Џеват Адеми, а од Беса Зеќирија Ибрахими.

Собранието на Република Македонија попладнево ја продолжи конститутивната седница на која на дневен ред е избор на претседател, заменик претседател, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на избори и именувања.

По отворањето на седницата од страна на претседавачот Трајко Вељаноски, Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека претседателот на Комисијата за избори и именувања и претседателот на Собранието секогаш се од редовите на победничката пратеничка група и дека на последните избори тоа е ВМРО-ДПМНЕ.

Комисијата за прашања на избори и именувања, како што истакна Милошоски, треба да ги има предвид не само политичките, туку и моралните квалитети на кандидатот за претседател на Собрание.

„За граѓаните на РМ и за стабилноста на државата не е добро и не е продуктивно доколку од едно мултиетничко општество насилно со надгласување, со оставање на мнозинскиот народ во опозиција се обидеме да направиме бинационална држава. Имаме многу искуства од соседството и од поширокиот регион, бинационалните држави не се стабилни држави. Бинационалните држави во себе имаат латентна нестабилност која одвреме-навреме еруптира“, посочи Милошоски, нагласувајќи дека стабилно Собрание, стабилна Влада и стабилни државни институции може да има само ако се почитува изборната волја на граѓаните.

На ова процедурално реагираше Оливер Спасовски од СДСМ, кој рече дека најголем дел од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се пријавени за реплика, што според него е зачудувачки како и на кој начин се настојува и се одолговлекува седницата на Собранието.

По неговата реакција, Вељаноски рече дека сѐ е во согласност со Деловникот и дека пратеник може да му реплицира на пратеник, но притоа апелираше пратениците што помалку да го користат тоа за да ја завршат конститутивната седница.

Во процедурална реакција, Џеват Адеми од ДУИ рече дека пратениците се во Собранието за да ги изберат собраниските органи, бидејќи во моментов тоа е најважното нешто што е потребно и за државата, и за процесите, и за јавноста, а зошто да не и за нашата заедничка иднина.

Во Комисијата за прашања на избори и именувања, ВМРО-ДПМНЕ ќе биде застапена со шест члена, а предложени се: Антонио Милошоски, кој е предложен и за претседател на Собранието, потоа Крсто Мукоски, Даниела Рангелова, Димитар Стевананџија и Благица Ласовска. СДСМ ќе има пет члена: Горан Мисовски, Дамјан Манчевски, Петре Шилегов, Мухамед Зекири и Ивана Туфегџиќ. Член на Комисијата за прашања на избори и именувања од ДУИ ќе биде Џеват Адеми, а од Беса Зеќирија Ибрахими.

На денешниот дневен ред на конститутивната седница е и изборот на претседател на Собранието на Република Македонија.

А. Б.