/ Прочитано:

1.495

Собраниската Комисија за финансирање и буџет го поддржа Законот за отпишување на камати за долгови

Во Собранието на РМ денеска заседаваше Комисијата за финансирање и буџет. На денешната седница на Комисијата се расправаше по Предлог-законот за отпишување камати за наплата на долгови кои произлегуваат од услуги од вршители на комунални дејности, телефонија, мобилни и кабелски оператори, одржување заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште, во второ читање.

Комисијата за финансирање едногласно даде поддршка за предложеното законско решение за отпис на камати од долгови на граѓаните кон претпријатија кои извршуваат јавни и комунални услуги.

Предложеното решение на Комисијата беше дополнето со амандмани со кои се предлага за отпис на камати да се важат и предмети кои се водат за долгови за радиодифузна такса, што било испуштено да се стави во предлогот поради тоа што таа е веќе укината. Исто така, се предвидува сите јавни претпријатија или приватни компании кои вршат вакви услуги да донесат генерални одлуки дали го прифаќаат отписот на камати за долгови што граѓаните ги имаат кон нив. Потоа граѓаните ќе можат во период од 12 месеци да го платат долгот и трошоците кон нотарите, адвокатите и извршителите, кои пак сега се намалуваат на 20 проценти, и потоа да им бидат деблокирани сметките, доколку поради извршните решенија им биле блокирани.

Законот за отпишување на камата за наплата на долгови, во прво читање Собранието го усвои кон крајот на јуни. На почетокот на септември расправата во второ читање на оваа комисија беше одложена за да се вградат предлозите што произлегле од јавните расправи.

Во законското образложение се вели дека илјадници семејства  во  Република Македонија се жртви на процедурите за наплата на долгови, кои поради тоа што се оптоварени со низа недоследности  завршуваат на нивна штета.

Предложен закон за отпишување на камати за наплата на одредени долгови на граѓани