/ Прочитано:

2.294

Содржина на Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија со насоките за изменување и дополнување на Уставот

Среда, 16 јули 2014 – Најновите Предлог измени на Уставот на Република до Собранието на Република Македонија се поднесени врз основа на член 130 од Уставот на Република Македонија, се наведува во владиниот предлог за пристапување кон уставни измени, а кој се наоѓа во собраниска процедура и веќе доби зелено светло од собраниската Комисија за уставни прашања. Ова се осми по ред уставни измени од осамостојувањето на Република Македонија, а со оваа најнова корекција на највисокиот правен акт се интервенира во деловите што се однесуваат на судството, финансиите и семејните права.

Содржина на Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија со насоките за изменување и дополнување на Уставот:

1. НАРОДНА БАНКА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

 Во членот 60 од Уставот на Република Македонија е пропишано дека Народната банка на Република Македонија е емисиона банка. Народната банка е самостојна и одговорна за стабилноста на валутата, за монетарната политика и за општата ликвидност на плаќањата во Републиката и кон странство. Организацијата и работата на Народната банка се уредуваат со закон.

Целта на овие измени на Уставот е да се интервенира во називот на оваа институција во насока на нејзино реименување во Банка на Република Македонија.

 2. ДЕФИНИРАЊЕ НА БРАКОТ КАКО ЗАЕДНИЦА ИСКЛУЧИВО МЕЃУ САМО ЕДНА ЖЕНА И САМО ЕДЕН МАЖ

 Во функционирањето на уставниот систем на Република Македонија од донесувањето на Уставот на Република Македонија од 1991 година до денес, се наметнува потребата од јасно и прецизно уставно дефинирање на бракот како заедница исклучиво меѓу само една жена и само еден маж.

 Со Уставот на Република Македонија со членот 40 ставот 1 и 2 е утврдено дека „Републиката му обезбедува посебна грижа и заштита на семејството. Правните односи во бракот, семејството и вонбрачната заедница се уредуваат со закон”.

 Измените на Уставот на Република Македонија ќе овозможат попрецизно дефинирање на брачната заедница, поради што се наметнува потребата од измена на овој член и тоа во насока со кој ќе се утврди дека бракот е заедница исклучиво меѓу само една жена и само еден маж.

3. УСТАВНА ЖАЛБА

 Во Република Македонија не постои институтот уставна жалба. Имено, во надлежностите на Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другите, се утврдени и оние кои се однесуваат на заштитата на слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

 4. СОСТАВ НА СУДСКИОТ СОВЕТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

 Развојот на судскиот систем во Република Македонија, по осамостојувањето може да се подели на три етапи. Во првата етапа (1991 – 1995 година) тој функционираше во организациона рамка од претходниот систем.

 Втората етапа започна со донесувањето на Законот за судовите во 1995 година и на другите закони од областа на организацијата на судството, на материјалните и на процесните закони од областа на граѓанското и кривичното право и траеше до донесувањето на уставните амандмани во делот на правосудството во 2005 година.

  Во овој период посебно е значајно донесувањето на Законот за судовите. Исто така, во 1996 година беше направен генералниот реизбор на судиите во Република Македонија од страна на Собранието на Република Македонија по предлог на Републичкиот судски совет. Републичкиот судски совет е орган воведен за прв пат со Уставот на Република Македонија од 1991 година. Републичкиот судски совет го сочинуваа седум членови кои ги избираше Собранието на Република Македонија од редот на истакнати правници. Републичкиот судски совет имаше надлежност да му предлага на Собранието избор и разрешување на судии; да одлучува за дисциплинската одговорност на судиите; да ја оценува стручноста и совесноста на судиите во вршењето на нивната функција и да предлага двајца судии на Уставниот суд на Република Македонија. Со воспоставувањето на овој орган беше направен значаен чекор кон афирмирањето на независната позиција на судската власт, бидејќи се овозможи во најчувствителната област (изборот и разрешувањето на судиите) оценката да ја дава стручен, а не политички орган.

 Третата фаза од развојот на судскиот систем во Република Македонија започна со донесувањето на уставните амандмани од XX до XXX во делот на правосудството во 2005 година. Наведените амандмани беа донесени врз основа на Стратегијата за реформа на правосудниот систем со Анекси, усвоена во 2004 година. Стратегијата е поделена на два сегмента што се однесуваат на: судскиот систем и јавното обвинителство.  Кон Стратегијата се приложени и Анекси кои ги содржат основните планирани реформски зафати во пенитенцијарниот систем, јавното правобранителство, адвокатурата и нотаријатот.

Првиот дел, кој се однесуваше на судскиот систем, ја потенцира важноста на независноста и непристрасноста на судството и на зголемувањето на неговата ефикасност. Како клучни точки кои ја детерминираат независноста на судството се нагласени: селекцијата, изборот и разрешувањето на судиите, нивниот тренинг и финансирањето на судството. Зголемувањето на ефикасноста на судството претпоставува и промени во повеќе сегменти на судскиот систем, со кои треба да се отстранат факторите што влијаат врз одолжувањето на постапките: слабостите во процесното законодавство, несоодветната организациона поставеност на судството, непостоењето систем за алтернативно решавање спорови и нецелосно покривање на судството со информатичка  технологија.

Основна цел на реформата во правосудството е развивање на европските стандарди во сферата на правдата. Двата клучни столба врз кои се потпира реформата на правосудството се јакнењето на неговата независност и зголемување на ефикасноста. Реформата на правосудството тргнува и ги има за цел следниве принципи: владеење на правото; начелото на поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска; гарантирање на независноста на судството; заштита на правата на граѓаните; гарантирање на еднаков пристап до правдата; и прифаќање на сите релевантни европски стандарди во сферата на правдата како што се Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, Препораката на Советот на Европа (2010) 12 за независноста, ефикасноста и одговорнста на судиите како и Европската повелба за статусот на судиите. Во овие меѓународни документи се содржани основните принципи на положбата на судијата кои имаат за цел да обезбедат стручност, независност и непристрасност што секој граѓанин оправдано ги очекува од судството. За обезбедување на овие принципи, во Европската повелба за статусот на судиите е предвидено дека секоја одлука која се однесува на селекцијата, регрутирањето, именувањето, движењето во службата или престанокот на функцијата на судија треба да биде донесена од страна на независен орган во чиј состав ќе доминираат претставници од судството.

Во областа на независноста на судството, согласно насоките дадени во Стратегијата, со уставните амандмани од 2005 година беше востановен Судскиот совет на Република Македонија. Овој самостоен и независен орган на судството ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт. Имено, меѓу другите, клучна новина е надлежноста на Судскиот совет да ги избира и разрешува судиите и претседателите на судовите и да ја оценува нивната работа.

Меѓу другите, во 2005 година беше усвоен Амандманот XXVIII во кој е уредена материјата за составот на членовите на судскиот совет и нивниот мандат. Така, со наведениот амандман е пропишано дека Судскиот совет на Република Македонија е самостоен и независен орган на судството. Советот ја обезбедува и ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт.

Значајна новина во однос на Судскиот совет е неговиот состав. Имено, мнозинство во него имаат судиите избрани од самите нив на непосредни избори.

Советот го сочинуваат петнаесет члена. По функција членови се претседателот на Врховниот суд на Република Македонија и министерот за правда. Осум члена на Советот се од редот на судиите и ги избираат судиите на тајни и непосредни избори. Од овие осум члена тројца се припадници на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

Исто така, во Судскиот совет има и тројца членови кои ги избира Собранието на Република Македонија со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

Покрај наведените членови, во составот на Советот има и два члена кои ги предлага претседателот на Република Македонија, а изборот го врши Собранието на Република Македонија, од кои еден е припадник на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

Во однос на членовите кои не се од редот на судиите, е пропишано дека членовите на Советот што ги избира Собранието на Република Македонија, односно што ги предлага претседателот на Република Македонија се од редот на универзитетските професори по право, адвокатите и други истакнати правници.

Во амандманот е уреден и мандатот на избраните членови на Судскиот совет и тој трае шест години, со право на уште еден избор.

Исто така, материјата за условите и постапката за избор, како и основите и постапката за престанок на функцијата и разрешување на член на Советот е уредена со закон.

Уставниот амандман ја уредува и материјата за неспојливост со функцијата член на Судскиот совет со вршење други функции. Така, во него е пропишано дека функцијата избран член на Советот е неспојлива со членување во политичка партија или со вршење на други јавни функции и професии утврдени со закон.

Во Амандманот XXIX се уредени надлежностите на Судскиот совет на Република Македонија. Имено, Судскиот совет на Република Македонија:

– ги избира и разрешува судиите и судиите поротници;

– утврдува престанок на судиската функција;

– ги избира и разрешува претседателите на судовите;

– ја следи и оценува работата на судиите;

– одлучува за дисциплинската одговорност на судиите;

– одлучува за одземање на имунитетот на судиите;

– предлага двајца судии на Уставниот суд на Република Македонија од редот на судиите и

– врши други работи утврдени со закон.

Во однос на соодветната и правична застапеност на припадниците на заедниците, при изборот на судиите, судиите поротници и претседателите на судовите, во Амандманот XXIX е пропишано дека ќе се запази соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници.

Исто така, во овој амандман е пропишано дека Советот за својата работа поднесува годишен извештај до Собранието на Република Македонија, чија форма, содржина и начин на усвојување се уредуваат со закон.

Заради унапредување на судскиот систем воочена е потребата за унапредување на положбата на судската власт преку имплементирање на највисоките европски стандарди. Во таа насока, се предлага редефинирање на составот на Судскиот совет на Република Македонија и зголемување на бројот на судии членови на Судскиот совет избрани од страна на судиите. Имено, со оваа иницијатива се предлага редефинирање на составот на Судскиот совет во однос на исклучување на членовите по функција – министерот за правда и Претседателот на Врховниот суд на Република Македонија од составот на Судскиот совет. Исто така, се предлага зголемување на бројот на членови на Советот кои се избираат од редот на судиите, односно се предлага постојниот број од 8 да се зголеми на 10. Наведените измени се предлагаат заради усогласување со меѓународните стандарди во областа на правосудството кои се преземени во најголемиот број европски држави, како и и исполнување на Препораките на ГРЕКО. Со тоа ќе се зајакне независноста и самостојноста на судската власт, посебно во процесот на избор и разрешување на судии.

5. РЕДЕФИНИРАЊЕ НА НАДЛЕЖНОСТА ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ ПО ЖАЛБА НА ОДЛУКИТЕ НА СУДСКИОТ СОВЕТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ЗА ИЗБОР НА СУДИИ, РАЗРЕШУВАЊЕ ИЛИ ДРУГА ИЗРЕЧЕНА ДИСЦИПЛИНСКА САНКЦИЈА НА СУДИЈА ИЛИ НА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СУД И ВОВЕДУВАЊЕ НАДЛЕЖНОСТ ЗА   ОДЛУЧУВАЊЕ ПО ЖАЛБА НА ОДЛУКИТЕ НА СОВЕТОТ НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ЗА ИЗБОР НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ, РАЗРЕШУВАЊЕ ИЛИ ДРУГА ИЗРЕЧЕНА ДИСЦИПЛИНСКА САНКЦИЈА НА ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ

 Еден од меѓународните стандарди во сферата на независноста на судството е оној кој гарантира дека при одлучувањето за дисциплинските санкции судијата има право да поднесе жалба до повисока судска институција. Ова е наведено во Мислењето бр. 3 на Консултативниот совет на европски судии, точка 72 и во Европската повелба за статусот на судиите, точка 5.1.

 Имено, со предложената иницијатива се предлага воведување надлежност на Уставниот суд да одлучува по жалба на одлуките на Судскиот совет на Република Македонија за избор на судии, разрешување или друга изречена дисциплинска санкција на судија или на претседател на суд и воведување надлежност за одлучување по жалба на одлуките на Советот на јавни обвинители на Република Македонија за избор на јавни обвинители, разрешување или друга изречена дисциплинска санкција на јавен обвинител.

 6. ФИСКАЛНИ ПРАВИЛА

Во 2012 година Европската унија во услови на Економска криза ја усвои Спогодбата за фискална стабилност која влезе во сила на 1 јануари 2013 година по нејзината ратификација од страна на 16 држави членки на Европската унија. Во духот на строга финансиска дисциплина се наметнува потребата за нормирање на дефицитот на буџетот во висина најмногу до 3% од БДП, а јавниот долг да се лимитира на ниво  од најмноу 60% од БДП. На патот кон Европската унија, Република Македонија иако успешно се справи со светската економска криза со оваа иницијатива се има намера во Уставот превентивно да се вградат механизми коишто гарантираат фискална дисциллина и стабилност, тргнувајќи од најдобрите европски практики по примерот на земјите кои извршија уставни измени во оваа насока и тоа: Словенија, Германија, Полска, Италија, Шпанија, Австрија и други. Овие механизми согласно потребата од измена на Уставот и законите ќе се имплементираат при подготовката на Буџетот на Република Македонија за 2017 година.

Основна задача и предизвик на одговорните и современите Влади е обезбедување на фискална одржливост, односно ефикасно управување со јавните финансии, воспоставување на стабилна фискална позиција на долг рок без да се загрози солвентноста во однос на преземените обврски и плаќањето на расходите.

По примерот на Европските земји, Владата на Република Македонија предлага да се воведат фискални правила кои обезбедуваат:

-рамка за водење на стабилна, предвидлива и одржлива фискална политика;

– зголемување на буџетската дисциплина и одговорност

– зголемување на кредибилитетот на макроекономската политика

– правична и одржлива распределба на расходите помеѓу сегашната и идната генерација корисници на јавни добра

 7. МЕЃУНАРОДНА ФИНАНСИСКА ЗОНА

 Со предложените измени на Уставот на Република Македонија се предвидува создавање на уставна можност за основање на финансиска зона, која би развивала посебна правна и финансиска регулатива по највисоките меѓународни стандарди.

8. ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА

Во Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Република Македонија за 2010 година, за Поглавјето 32. Финансиска контрола, во однос на надворешната ревизија е наведено дека „Независноста на ДЗР останува да биде утврдена во Уставот“.

Ова е значајно и од аспект на исполнување на критериумите за отворање и затворање на пристапните преговори за Поглавје 32. Финансиска контрола, утврдени од Европската комисија во 2006 година, каде како критериум за започнување на преговорите е утврдено „Врховната ревизорска институција (ВРИ) да има солидна основа во Уставот и да е регулирана со посебен закон;“.

>>>ПРЕДЛОГ за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија со насоките за изменување и дополнување на Уставот

(М.В)