/ Прочитано:

1.556

Соопштение на четворица јавни обвинители за случајот со малиот Алмир и изјава на Јавниот обвинител на РМ во врска со соопштението

Четворица јавни обвинители од Јавното обвинителство на РМ испратија соопштение до јавноста во кое известуваат дека се против одлуката на Основното јавно обвинителство Куманово и Основниот суд во Куманово да го преквалификуваат делото во случајот со смртта на малиот Алмир и наместо за убиство, на обвинетиот Бобан Илиќ да му се суди за кривично дело од областа на сообраќајот.

На соопштението испратено до јавноста се потпишани Ферат Елези, Башким Бесими, Џелал Бајрами и Исмаил Дардишта.

„Во врска со настанот познат во јавноста како Случај на малиот Алмир, ние, јавните обвинители од Јавното обвинителство на РМ, сакаме да ја информираме пошироката јавност дека со преквалификацијата на кривичното дело Убиство предвидено во членот 123 ст. 2 т. 3 од КЗ на РМ во кривично дело од областа на сообраќајот предвидено во членот 300 ст. 2 вв со членот 297 ст. 1 од КЗ на РМ како тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, е сторена повреда на основните начела на Законот за јавното обвинителство, како што се: начелото на законитост, непристрасност, објективност и заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот, кои воедно се и основни и темелни вредности на Уставот на РМ.

Ние, јавните обвинители во Јавното обвинителство на РМ, уште од почетокот при реферирањето по овој случај во ЈОРМ сме имале став и се уште остануваме на тој став дека обвинителниот акт КО бр.697/2016 од 19.12.2016 година на ОЈО Куманово кореспондира во целост со дејствијата на обвинетиот како што и бил првично обвинет за кривично дело Убиство предвидено во членот 123 ст. 2 т. 3 од КЗ на РМ.

Ваквиот наш стручен став е образложен и на одржаните колегиуми во ЈОРМ во врска со овој настан“, стои во соопштението.

Во врска со соопштението на јавните обвинители, денес со изјава излезе јавниот обвинител на РМ Љубомир Јовески.

„Како јавен обвинител на Република Македонија ја осудувам постапката на дел од јавните обвинители во Јавното обвинителство на Република Македонија за објавеното соопштение за кривичниот предмет во врска со трагичната смрт на 4-годишниот Алмир Алиу бидејќи сметам дека таквото обраќање е непрофесионално и дека со тоа се повредува функцијата јавен обвинител и тешко е прекршен Етичкиот кодекс на јавните обвинители во Република Македонија. Нивната постапка ја доведува под сериозно сомневање независноста, непристрасноста, лојалноста и достоинството на јавниот обвинител бидејќи нивниот настап е предизвикан од други цели кои не се поврзани со извршување на јавнообвинителската функција.

Нема да допуштам влијание од кого и да доаѓа, а кое ги попречува напорите за средување на состојбите во јавното обвинителство во насока на професионално, стручно, непристрасно, совесно и законито извршување на јавнообвинителската функција.

Јавните обвинители во вршењето на функцијата не смеат да дозволат да бидат надвладеани од субјективни мислења и процени, од притисокот на јавноста или политиката. Законот за секого и во секој предмет е еднаков за сите, без оглед на национална, верска или политичка припадност и така треба да се применува.

Предметот во детали е рефериран и разгледуван на колегиум на Вишото јавно обвинителство Скопје и на проширен колегиум на Јавното обвинителство на Република Македонија, при што се оцени дека во кривичниот предмет е постапено во согласност со Законот за кривична постапка, Законот за јавно обвинителство и начелата во работењето на јавното обвинителство.

Со соопштението од јавните обвинители директно е нарушена функцијата јавен обвинител  и се настојува да се влијае во одлуките по предметот бидејќи тие конкретно не постапуваат по тој предмет и не можат во јавност да изнесуваат ставови што не добиле верификација на колегиум. Затоа за нивната постапка ќе се расправа на колегиум на Јавното обвинителство на Република Македонија, а ќе побарам нивното однесување да го преиспита Етичкиот совет на јавните обвинители“, вели јавниот обвинител.

М.В