/Прочитано:

552

Соопштение на Граѓанскиот суд за повлекување на предлогот да се забрани прикажувањето на филмот „Ругање со Христос“

Филмот „Ругање со Христос“ може слободно да се прикажува низ кино-салите откако Основниот суд Скопје 2 Скопје соопшти дека вчера од Државното правобранителство на Република Македонија му е доставен поднесок за повлекување на предлогот за изрекување привремена мерка за забрана за прикажување.

„Поради поголемата заинтересираност на медиумите во врска со предметот ВПП2 – 250/18, Ве известуваме дека на ден 08.10.2018 година до Основниот суд Скопје II Скопје, доставен е поднесок од страна на Државно правобранителство на Република Македонија за повлекување на предлогот за изрекување на привремена мерка“, се вели во соопштението на Судот.

Од Државното правобранителство завчера соопштија дека решението за повлекување на барањето е донесено по направени дополнителни и целосни согледувања и правни анализи.

„По информацијата дека филмот веќе се емитува, констатирано е дека по однос на барањето нема веќе правна основа. Согласно ингеренциите, постапувањето на Државниот правобранител ќе биде насочено единствено кон заштита на имотните права на Република Македонија поврзани со исплатите на надоместот за филмот од Буџетот на Република Македонија“, посочија од Државното правобранителството.

Барањето за привремена забрана за емитување на „Ругање со Христос“ го поведе Министерството за култура, според кое филмот му наштетува на соживотот. Режисерот Јани Бојаџи, пак, во врска со ваквите наводи на Министерството обвинува дека власта ги злоупотребува институциите за да воспостави цензура врз неговото дело, порачувајќи им на надлежните да го гледаат филмот пред да го судат. Филмот освои награда на фестивалот во Монтреал, Канада.

М.В