/ Прочитано:

1.656

Соопштение на Управниот суд во врска со 28-те тужби за локалните избори

Управен суд донесе одлуки по сите 28 тужби од подносителите на листи на кандидати за локалните избори.

„Во врска со постапувањето и одлучувањето на Управниот суд, по тужбите против решенијата на Државната изборна комисија, изјавени од подносителите на кандидатски листи во врска со одржаните локални избори 2017, ве информираме дека во Управниот суд се донесени одлуки по сите 28 тужби од подносителите на листи на кандидати и дека тие се објавени и достапни за јавноста на веб-страницата на Судот“, соопштуваат од Управниот суд.

Управниот суд уважи една тужба од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за подмитување на гласачи на избори за членови на Советот на Град Скопје, на гласачкото место 2461 во општина Сарај.

По добивање на одлуката од Управниот суд, ДИК треба да се изјасни дали прегласувањето во ова избирачко место ќе има влијание врз изборниот резултат и дали врз основа на тоа ќе има прегласување на ова избирачко место во Сарај.

Одлуките на Управниот суд се конечни. По одбиените приговори до ДИК, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ поднесе 24 тужби до Управниот суд, а по една поднесоа и ТМРО, Левица и Алијансата за Албанците.

По тужбите на партиите одлучуваа пет судечки совети составени од по пет судии, избрани по пат на ждрепка. Управниот суд дел од одлуките ги објави во текот на вчерашниот ден, но поради проблеми со ИТ-системот, како што беше соопштено од Судот, преостанатите 12 одлуки беа објавени ноќеска. На 29 октомври ќе се одржи вториот круг од локалните избори за избор на градоначалници во 35 општини.

M.В