/ Прочитано:

1.132

Состанок на секторската работна група за правда

Со цел да се постигне подобар дијалог и координација на сите засегнати страни во спроведувањето на реформите во правосудниот сектор, на 16 мај 2018 година во Владата на Република Македонија се одржа состанок на секторската работна група „Правда“, на кој, покрај правосудните  институции, за прв пат учествуваа и претставниците на донаторската заедница, како и претставници на граѓанските организации.

Секторската работна група, информираат од Министерството за правда, претставува двигател на реформските процеси, координиран од Министерството за правда, и воедно претставува форум за дијалог на секторските политики, процена на напредокот во спроведувањето на секторската политика и на соодветниот институционален капацитет за спроведување на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор.

Воведни обраќања на состанокот имаа заменик-министерот за правда, Оливер Ристовски, и Никола Бертолини, раководител на Секторот за соработка во Делегацијата на Европската Унија.

Министерството за правда ги претстави клучните предизвици и планови од Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017 – 2022. Водечкото министерство е посветено да постигне систематски промени во секторот, што, меѓу другото, значи нова динамика на секторската работна група, односно промовирање на вклучување на засегнатите страни, донаторите и партнерите за развој за дијалог за квалитет во правосудниот сектор.

„Министерството за правда е фокусирано на реализација на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор со цел враќање на довербата на граѓаните во правосудниот сектор, подобрување на пристапот до правда за сите граѓани и целосно владеење на правото. Реализацијата на овој процес треба да биде заеднички помеѓу сите чинители во овој сектор, што е всушност и главната причина за постоењето на оваа секторска работна група. Координацијата и следењето на имплементацијата се од круцијална важност за успешно спроведување на реформите“, беше истакнато на состанокот.

Владата се заложи до 2019 година да воспостави целосно инклузивен координиран секторски пристап помеѓу сите институции, засегнатите страни, донатори и партнерски организации со цел буџетските средства и целата помош и ресурси што стојат на располагање да се користат на најдобар начин за остварување на зацртаните политики. Секторскиот пристап има цел да постигне значајни одржливи резултати.

М.В