/ Прочитано:

4.665

Совети за младите правници и студентите по право

Професор по право во САД дава неколку совети за идните правници, кои допрва го започнуваат своето образование и почнуваат со совладување на правните дисциплини. Според него, правникот не треба да стане обичен административец ниту некогаш да се зафати со административна работа бидејќи со тоа тој, пред сѐ, станува ограничен. „Можеби тие со кои ќе треба да работите нема да ве гледаат како тимски играч, можеби ќе ве гледаат понекогаш и со презир или ќе се чувствувате непријатно во дадена ситуација, но сепак како правници секогаш треба да стоите цврсто на својот став дека вие сте правник а не писар“, е еден од советите што ги посочува професорот.

Анонимен професор по право, кој за себе вели дека предава на престижен универзитет во САД, за блог-сајтот „lawprofblog“ каде што професори по право пишуваат свои блогови, дава неколку совети за идните правници, кои допрва го започнуваат своето образование и почнуваат со совладување на правните дисциплини.

Пред сѐ, треба да се биде сталожен и да не се лета во облаци за да не се појави во иднина некакво поголемо разочарување. Имено, професорот вели дека студентите по право треба да ги избегнуваат лажните ветувања и неиздржаните илузии кои им ги кажуваат други во однос на нивната кариера и идни достигнувања. На почетокот од студирањето, тие треба да се фокусираат на учењето, на пишувањето и изразувањето, а нивната награда ќе биде станувањето правник.

Студентите никако не треба да се мешаат во политиката на факултетот, освен доколку претходно не се добро воведени во проблемите со кои се соочува институцијата и доколку претходно имаат искуство во справување со некакви политички прашања. Мешањето во некои комплексни прашања од повисоко ниво каде што се вклучени повеќе страни може да биде ризично и да создаде проблем кај студентите. Професорот тоа го споредува со чистење на закоравена маснотија на скара – ќе одземе многу време, ќе ви го одвлече вниманието за клучните работи и прашање е дали ќе се успее во таа намера.

Правникот не треба да стане обичен административец ниту некогаш да се зафати со административна работа бидејќи со тоа тој, пред сѐ, станува ограничен. Можеби тие со кои ќе треба да работите нема да ве гледаат како тимски играч, можеби ќе ве гледаат понекогаш и со презир или ќе се чувствувате непријатно во дадена ситуација, но сепак како правници секогаш треба да стоите цврсто на својот став дека вие сте правник а не писар.

Сѐ што правите гледајте да биде написмено, а не да се занимавате со празни зборови и ветувања. Доколку немате пишан текст пред вас, а имате нешто договорено, логично е дека тоа нема да можете да докажете дека постоело и дека воопшто било кажано. Можеби некогаш луѓето ќе се лутат дека не им верувате на она што сте се договориле усно, но никогаш не попуштајте, во краен случај побарајте да ви испратат мејл наместо пишан документ. Поентата на овој совет е дека кога имате нешто пишано пред вас, документ, доказ, изјава и сл., тоа ги засилува вашите аргументи во секоја ситуација и со тоа, пред сѐ, се заштитувате во однос на другите.

За крај, на својот блог професорот пишува дека е корисно и добро да се има резервен план во секоја ситуација заради заштита и да се научи да се кажува „не“ во одредени околности, бидејќи сепак вие како личност сте си важни најмногу, а доколку удоволувате на секоја побарана услуга, ќе немате време за себе, за своите обврски, а според искуството на професорот, кажувањето „не“ во чести ситуации ќе ви донесе поголема фреквенција на луѓе околу вас.

С. М.