/ Прочитано:

1.703

Советите на правните застапници се клучни при алтернативното решавање на трговските спорови

Според податоците на Меѓународната трговска комора, над ¾ од споровите во медијација се решени успешно за период од само четири месеци.

akad 7

Анализирајќи го прашањето за медијацијата и арбитражата и повикувајќи се на анализите објавени на блогот „Клувер арбитража“, хрватскиот адвокат и медијатор Петар Петриќ вели дека успехот на медијацијата на меѓународно ниво се должи на фактот што медијацијата нуди голем број предности за компаниите поради нејзината ефикасност, поради флексибилноста на постапката и поради усогласеноста со другите начини на решавање на споровите.

„Токму од овие причини многу трговски договори во своите одредби предвидуваат медијацијата да започне пред арбитражата“, посочува адвокатот Петриќ.

„Арбитражата, додава Петриќ, долго време беше миленик во областа на алтернативното решавање на споровите, но изминативе години медијацијата има сè поголема важност во трговските спорови, а особено во меѓународните. Треба да се истакне дека медијацијата не е ограничена само на овие спорови, туку и на споровите помеѓу инвеститорите и државите. Сè поголем е бројот на постапките за медијација пред Меѓународниот центар за решавање на инвестициски спорови“, вели адвокатот Петриќ.

Повикувајќи се на анализите објавени на блогот „Клувер арбитража“, адвокатот нагласува дека и Европската Унија е сè повеќе свесна за трендот на медијацијата, па оттука и Договорот за слободна трговија усвоен од страна на Европската Унија ја предвидува медијацијата како механизам за решавање на споровите помеѓу инвеститорите и државите.

Покрај важноста од ваквиот нормативен приод кон прашањето на медијација како правен тренд, адвокатот Петриќ ја нагласува и важноста на улогата на правните застапници на компаниите кои треба да оценат кое алтернативно решавање на одреден трговски спор би било поефективно и покорисно за деловниот субјект што го застапуваат.

Советите на правните застапници, вели хрватскиот адвокат и медијатор, се клучни при алтернативното решавање на трговските спорови.

„Во однос на прашањето за коегзистенцијата на медијацијата и арбитражата, треба да се знае дека клучот за коегзистенција на двата облика на алтернативното решавање на споровите е кај самите застапници. Токму застапниците мора правилно да проценат дали одреден трговски спор треба да подлежи на арбитража или медијација во зависност од тоа кои професионални вештини најдобро би можеле да се применат за да се реши тој спор. Според тоа, во зависност од околностите, застапникот може да ја советува странката што е подобро за неа – медијацијата или арбитражата“, посочува адвокатот и медијатор Петар Петриќ.

M.В