/ Прочитано:

1.112

Советот на Европа предупредува за измените на Изборниот законик во врска со медиумите

Советот на Европа вчера на својата платформа за заштита на новинарството и безбедноста на новинарите објави јавно предупредување за измените и дополнувањата на Изборниот законик, кои можат да имаат негативно влијание врз слободата на медиумите во Македонија.

Во предупредувањето, како што соопшти ЗНМ, стои дека македонската држава е изворот на ваквото загрозување на слободата на медиумите.

Ова предупредување следува по барањето на ЗНМ до платформата на СЕ, која во својата реакција се повикува на заедничкото соопштение на ЗНМ, Независниот синдикат на новинари и Советот за етика.

„Измените на Изборниот законик беа усвоени на 25 јули 2018 година од страна на македонскиот парламент во брза постапка, како резултат на политичкиот договор меѓу водачите на четирите главни политички партии. Еден од амандманите на Изборниот законик ја овластува Државната изборна комисија да го регистрира и да го следи известувањето на онлајн медиумите за време на изборите. Покрај тоа, членот 181а од законот предвидува казни до 4.000 евра за традиционалните и онлајн медиумите за неизбалансирано или непристрасно известување“, стои во предупредувањето на платформата на СЕ.

Предупредувањето е упатено до Собранието на Македонија, кое во наредниот период има обврска да ги објасни овие измени кои ја ограничуваат слободата на медиумите.