/ Прочитано:

1.171

Советот за Стратегијата за реформи на правосудниот сектор ги разгледа предложените измени на законите за судовите и за Судскиот совет

Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор вчера попладне ја одржа својата втора седница. По усвојувањето на записникот од конститутивната седница, Советот го усвои и Деловникот за работа.

Членовите на Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор своите дебати на втората седница ги насочија кон предлог-законите за судовите и за Судскиот совет, за кои заменик-министерот за правда, Оливер Ристевски, појасни дека веќе в среда, по празниците, ќе расправаат пратениците во Собранието на РМ.

Во дискусиите на членовите на Советот акцентот беше ставен на предложените законски одредби што се однесуваат на одговорноста на судиите, како и на предложените членови во предлог-законот кои се однесуваат на нивната заштита, а сè со цел да се постигне што поголема независност на судството и враќање на дигнитетот на судиите.

Заложбите на членовите на Советот за реформи е во склад со извештајот на Прибе, во кој се сугерира судиите да се оценуваат исклучиво врз основа на донесените пресуди.

Членовите на Советот имаа одредени забелешки и за Предлог-законот за Судскиот совет на Република Македонија.

На вчерашната втора седница на Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор присуствуваа и претставници на ОБСЕ, кои најавија редовно присуство и поддршка и во наредниот период.

М.В