/ Прочитано:

1.035

СРЕДБА НА ГРАЃАНСКИ ОРГАНИЗАЦИИ: За миграциите треба да се зборува конструктивно, а дебатата не смее да поттикнува ксенофобија

По покана на МЗМП и Канцеларијата на УНХЦР во Скопје, повеќе граѓански организации од Србија, Босна и Херцеговина, Косово, Хрватска, Словенија и Унгарија учествуваа на панел-дискусија на која беа разгледани предизвиците и искуствата од соработката помеѓу граѓанските организации и медиумите во справувањето со стереотипите и новата реалност што ја носат современите миграциски движења во регионот и Европа.

Учесниците беа поканети да споделат и разменат искуства, добри и лоши и да размислат за потенцијалните нови начини и пристапи за тоа како граѓанските организации ефективно да комуницираат со медиумите и различните јавности за миграциите и промените што тие ги предизвикуваат.

Дискусијата беше концентрирана околу неколку тематски прашања, и тоа дали медиумите претставуваат сојузник или пак предизвик во соработката со граѓанските организации; како тие комуницираат со медиумите на темата миграции, какви активности спроведуваат за да влијаат врз јавното мислење; и дали организациите користат стратешки комуникации во напорите за застапување на нивните каузи.

Динамичната дискусија резултираше со општ консензус дека миграциите се важна тема за која треба да се зборува конструктивно, според факти, а дебатата не смее да поттикнува ксенофобија и да поддржува стереотипи.

М.В