/Прочитано:

2.766

СТАМЕН ФИЛИПОВ – правникот кој се бореше за подобри закони и кој будно ја штитеше уставноста на македонските прописи

На 74-годинишна возраст почина познатиот македонски правник Стамен Филипов, кој важеше за македонски рекордер по бројот на  иницијативи поднесени пред Уставниот суд за оценување на уставноста на бројни прописи. Филипов беше симбол на борбата против неуставните закони и потребата за создавање на подобри закони, кои ќе значат доследно почитување на принципите на владеењето на правото и правната држава. Филипов со голем ентузијазам неколку децении будно ја штитеше уставноста на македонското законодавство.

Филипов е пензиониран правник од АРМ. Во Армијата бил од 1959 година, и тоа во ЈНА како старешина, а во АРМ со чин потполковник. Во 1974 година вонредно се запишал на Правниот факултет во Битола. Дипломирал на 36 години. Во 1981 година дошол на приправнички стаж во Скопје, со што почнала и неговата кариера како правник. Бил секретар на Воено-дисциплинскиот суд во Третата армиска област, од 1984 до 1991 година, до неговото расформирање.

Неговата прва иницијатива е поднесена седумдесеттите години во Битола, кога сè уште не бил правник, кога забележал дека граѓанските лица на служба во Армијата немале право на проширување на стан ако им се зголеми семејството, додека активните воени лица имале право. Тоа всушност била и неговата првата иницијатива, и тоа успешна. „Вистинската“ борба пред Уставниот суд почнала 1993-тата година.

„Во 1993 година, како правник, со најдобра намера сакав да му укажам неколку работи на нашето Министерство за одбрана, меѓутоа моите сугестии не беа прифатени. И така, почнав од Законот за одбрана, член 46. Во тој член стоеше дека правата и должностите на Армијата се уредуваат со Правилник што го донесува министерот за одбрана. Сметав дека не може службените и другите должности во Армијата да се уредуваат со Правилник. На 6 мај 1993 година се одржа и првата подготвителна седница на која требаше да присуствуваат лица од Министерството, но тие не дојдоа и таа иницијатива ми е усвоена. Потоа беше донесен друг Правилник, но и тој го срушив бидејќи не беше во согласност со Уставот на РМ и законите. Никогаш не сум постапувал тенденциозно за некому да му наштетам, но кога не оди, едноставно, не оди. Потоа, се редеа иницијативите“, истакна Филипов во интервјуто за Академик од 2013 година.

Стамен Филипов има поднесено над 1 200 иницијативи до Уставниот суд. Сите овие иницијативи, нагласуваше Филипов, ги создавав со голем ентузијазам, но и со упорност. Како што истакна во интервјуто за Академик, упорноста ја наследил од својот татко, кој бил претседател на месна заедница. Неговиот прв командир на чета по една година го оценил како „вреден, ама тврдоглав човек“. Кога  влегувал Филипов на почетокот во Уставниот суд, го легитимирале, го гледале чудно, но потоа станал добропознатиот „уривач“ на закони. Кога поранешниот претседател на Уставниот суд Бранко Наумовски го прашал: „До кога господине, Стамен?“, Филипов ми одговорил: „Додека сум жив!“

„Мечтаам за Македонија како правна држава, чија примарна цел е  зачувување и обезбедување на правото“, нагласи, во интервјуто за Академик, Стамен  Филипов, кој уживаше голема почит во правничката фела. Преку неговата работа, коментираат неговите колеги, можеше да се почувствува барем малку од енергијата што го менува општеството во кое живееме.

Стамен Филипов се залагаше за транспарентен Уставен суд.  Транспарентноста, коментираше Филипов, е клучна за правната сигурност и е вредност на правната држава. Законодавството, пак, нагласуваше тој, мора да биде во согласност со највисокиот правен акт во државата бидејќи со прописи кои не се во согласност со Уставот не може да се говори за владеењето на правото.

М.В