/Прочитано:

772

Стапката на ДДВ нема да се менува, но ќе има јавна дебата за прогресивна стапка за персоналниот данок на доход

„Стапката на данокот на додадена вредност нема да се менува и не е планирано зголемување на ДДВ-то, такво нешто не е предвидено во Програмата на Владата, ниту некогаш било дискутирано“, информираа денеска од Министерството за финансии.

Воедно, од Министерството за финансии велат дека до крајот на годината ќе се отвори јавна дебата за евентуално воведување на прогресивна стапка за персоналниот данок на доход.

Кон средината на овој месец, Министерството за финансии најави дека подготвува предлог на Закон за изменување и дополнување на Законот за персоналниот данок на доход по скратена постапка. Целта на Предлог-законот е да се олесни начинот на пресметување и плаќање на персоналниот данок на доход и да се скрати времето за утврдување на годишниот данок на доход.

„Поради потребата од намалување на административниот товар на даночните обврзници и на Управата за јавни приходи, како и унапредување и олеснување на начинот на плаќање на персоналниот данок на доход, се предлагаат измени на Законот за персоналниот данок на доход“, посочија од Министерството за финансии.

Со Законот за персонален данок на доход се уредува начинот на оданочување на доходот на граѓаните. Персоналниот данок на доход се плаќа годишно на збирот на нето-приходите од сите извори, освен на приходите што се изземени од оданочување со овој закон.

М.В