/ Прочитано:

7.593

СТАПУВА ВО ПРИМЕНА НОВИОТ ЗАКОН ЗА ПРОБАЦИЈА: Пробациска служба и алтернативни мерки изречени во кривична постапка

Денес стапува во примена Законот за пробација, чии клучни новини се дел од стратегијата за реформи во казненоправниот систем. Со Законот за пробација се уредуваат пробациските работи и постапката за извршување на алтернативните мерки условна осуда со заштитен надзор, општокорисна работа и куќен затвор, обврски изречени во кривична постапка, во согласност со закон, како и извршувањето на условниот отпуст изречен по одлука на суд, а кои се извршуваат во заедницата.

foto akademik

Пробацијата, истакнуваат од Управата за извршување на санкциите, треба да придонесе да се намали репресијата спрема сторителите на казнени дела преку рестриктивна примена на казната затвор, оставајќи ги осудените лица на слобода, пренесувајќи дел од одговорноста на општеството и неговите институции, на пробациските служби и институции, на социјалните органи и служби, и зголемувајќи го личното учество и зголемувајќи ја личната одговорност на осуденото лице за неговото општествено поведение спрема општествената заедница и останатите граѓани.

„Извршувањето на алтернативните мерки и обврски изречени во кривична постапка е со цел заштита на заедницата од криминал и ресоцијализација и реинтеграција на лицата спрема кои се извршуваат пробациските работи“, се вели во новиот Закон за пробација.

Што се предвидува во новиот Закон за пробација?

Со Законот за пробација се дефинираат надлежностите на пробациската служба и начинот на реализација на активностите на оваа служба, се регулираат прашањата поврзани со положбата на лицата спрема кои се извршуваат пробациските работи, како и прашањата поврзани со извршувањето на пробациските работи.

Пробациски работи се активности што ги преземаат пробациските службеници при спроведување на надзорот над извршувањето на алтернативните мерки и обврски, како и при условниот отпуст над лицата на кои истите им се изречени од судот.

Пробациските работи ги извршуваат пробациски службеници од Управата за извршување на санкциите врз основа на барање или одлука на суд во тек на судската постапка и врз основа на правосилна и извршна судска одлука, а врз основа на претходна согласност на лицето спрема кое се извршуваат пробациските работи.

На лицето спрема кое се извршуваат пробациски работи му се гарантираат правата утврдени со Уставот на Република Македонија, со овој закон и со ратификуваните меѓународни договори. Лицата спрема кои се извршуваат пробациски работи се ограничуваат во правата само во границите неопходни за остварување на целта на нивното извршување, а врз основа на закон.

Управата за извршување на санкциите води единствен регистар за лицата спрема кои се извршуваат пробациски работи. Во рамки на единствениот регистар се водат евиденција и досиеја за лицата спрема кои се извршуваат пробациски работи, како и индивидуална програма за третман за секое лице спрема кое се извршуваат пробациски работи.

Сектор за пробација во рамки на Управата за извршување на санкции

Пробациските работи ќе ги извршуваат пробациски службеници од Управата за извршување на санкциите врз основа на барање или одлука на суд во тек на судската постапка и на правосилна и извршна судска одлука, а врз основа на претходна согласност на лицето спрема кое се извршуваат пробациските работи. Во рамки на Управата, во согласност со законот, ќе се организира Сектор за пробација како организациона единица на Управата на централно ниво и канцеларии на подрачјето на основните судови со проширена надлежност на локално ниво.

Во извршување на пробациските работи органите на државната власт, научни и други установи, органи на локалната самоуправа и други институции или правни лица се должни да соработуваат и да ги даваат потребните информации за лицата спрема кои се извршуваат пробациските работи на Управата, без надомест.

Пробациските службеници, кои ќе имаат посебни службени легитимации, ќе ги вршат следните надлежности: изработка на извештаи за извршена процена на ризик на обвинети лица, во текот на судска постапка, во согласност со закон; вршење на заштитен надзор изречен со условна осуда или условен отпуст; организирање и надзор над извршувањето на општокорисна работа; изработка на писмени извештаи за однесувањето на осуденото лице во текот на издржувањето на казната за казнено-поправни установи,  вршење надзор со употреба на електронски алатки, во согласност со закон, и други работи кои се од значење за извршувањето на алтернативните мерки и обврски.

Заштитен надзор изречен со условна осуда

При извршувањето на заштитен надзор изречен со условна осуда, надлежната пробациска канцеларија го повикува условно осуденото лице на разговори во текот на времето за проверување; определува термини во кои во текот на времето на проверување условно осуденото лице е должно да се пријавува во месно надлежната пробациска канцеларија; врши контрола над извршувањето на условната осуда со заштитен надзор и му пружа помош на условно осуденото лице; врши увид во документацијата за условно осуденото лице, составува извештаи за извршувањето на условната осуда со заштитен надзор и истите ги доставува до судот кој ја донел одлуката во прв степен. Во случај на отповикување на условната осуда со заштитен надзор до казнено-поправна установа каде што  лицето е упатено на издржување на казната затвор,  доставува извештај за преземените активности во текот на извршувањето на условната осуда и за однесувањето на осуденото лице во текот на времето за проверување.

Општокорисната работа

Општокорисната работа се извршува во: државни органи, јавни претпријатија, установи, единици на локална самоуправа, хуманитарни организации и во други субјекти кои вршат дејност во која може да се оствари целта на извршувањето на општокорисната работа. При извршување на општокорисната работа, на осуденото лице треба да му бидат обезбедени соодветни услови за работа, почитување на работното време, одмор во текот на работата, дневен и неделен одмор, како и заштита при работа, во согласност со општите прописи за заштита при работа, но нема право на надомест. Изборот на правниот субјект кај кого осуденото лице ќе ја извршува општокорисната работа го врши пробацискиот службеник. Дејствијата што треба да ги преземе пробациската служба спрема осуденото лице се исти како и кај надзорот изречен со условна осуда.

Куќен затвор

Опремата за електронски надзор на лицата кои издржуваат куќен затвор ја поставува пробациски службеник кој  ги дава потребните упатства за нејзино користење. Управата управува со опремата со која се следи движењето на осудениот и неговата местоположба во просторот. Осуденото лице не смее да ги напушти просториите на своето живеалиште, освен во случаите определени со законот: пружање на нужна медицинска помош на осуденото лице, јавување на покана од државен орган, полагање на испити и сл.

Со Законот за пробација се уредува и условниот отпуст, односно предвременото отпуштање на осуденото лице од издржување на казната затвор, предвидено и во актуелниот Закон за извршување на санкциите.

(М.В)

ПРЕДИЗВИЦИТЕ ОД ЗАКОНОТ ЗА ПРОБАЦИЈА: Англиски, велшки и хрватски искуства за општокорисната работа и за условниот отпуст

Куќен затвор, условна осуда со заштитен надзор, општокорисна работа… – што предвидува НАЦРТ-ЗАКОНОТ ЗА ПРОБАЦИЈА

ПРОБАЦИСКА СЛУЖБА: Електронски алки за лицата со изречена казна куќен затвор или мерка притвор

СЕ ВОВЕДУВА ПРОБАЦИСКАТА СЛУЖБА: Законот за пробација и измените на КЗ пред пратениците