/ Прочитано:

940

Став на групата „Цивитакс“ за случајот со пензиите

Министерството за труд и социјална политика објави дека поднело кривична пријава до Јавното обвинителство против непознат сторител во врска со наодот дека на 12.000 лица не им се уплатувани законските придонеси во вториот пензиски столб. Исто така, објави и дека државата ќе ги обесштети со вкупно 19 милиони евра од Буџетот на РМ.

Групата Цивитакс смета дека наодот од анализите кои ги спровело и за кои зборува Министерството за труд и социјална политика не се изненадување, имајќи предвид дека слично сомневање за незаконито однесување во ФПИОМ беше откриено и во 2016 година, кога се објави дека не се исплаќале средства во вториот пензиски столб.

Случајот објавен деновиве потврдува дека во Република Македонија институциите не посветуваат внимание на основите за сомневање на злоупотреби и незаконитост во работењето на поединци и одговорни службени лица од институциите со кои се оштетени поединци. На тој начин актерите на еродираната правна држава, поради која и го добивме посебниот Извештај од Прибе, и натаму ја држат заробена и не дозволуваат да функционира правната држава.

Сметаме дека е недопустливо оштетените граѓани да се обесштетуваат со средствата на даночните обврзници (нивни лични средства), а при тоа сторителот да остане непознат. Во вакви услови Владата треба да ја преземе својата одговорност и да утврди кој од одговорните и службени лица во МАПАС, ФПИОМ и раководителите на операторите на вториот пензиски столб се приклучил во незаконитото однесување со прикривање и непријавување, како и да ги утврди директните одговорни лица, а против нив да поведе постапка за утврдување на одговорноста и за изрекување санкции предвидени со закон за секое дејствие сторено со намера, сторување или пропуштање.

Ваквото синдикализирање и прикривање на неодговорно и криминално работење долго време се практикува во Република Македонија на штета на граѓаните и буџетот, а сторителите останале неоткриени. Тоа води до неодговорни и неотчетни политички претставници, кои ја злоупотребуваат функцијата за политички цели на најнизок и најдрзок начин, ја еродираат ефикасноста на јавните финансии, го прават бесмислено постоењето најмалку на регулаторни тела, внатрешна ревизија, надворешна ревизија и јавно обвинителство.

Ваквото однесување добива загрижувачки и алармантни димензии, особено затоа што создава впечаток за недопирливост и монолитност на политичките елити и нивно влијание над работата на регулаторните тела и независните институции.

Групата Цивитакс ја повикува министерката за труд и социјална политика да направи јавна презентација на наодите со стручните лица од Министерството и директно да го посочи основаното сомневање до соодветните органи, и потоа да посочи што е преземено за заштита на правата на даночните обврзници, т.е. од каде ќе се надоместат штетите по централниот буџет и по даночните обврзници од обесштетувањето. Централниот буџет и даночните пари не се каса за опростување на криминално работење и за злоупотреби од страна на оние кои ја држат заробена државата, туку треба да користат во градење на механизми за заштита од злоупотреба и корупција, што не е случај во Република Македонија“, се вели во ставот на групата.

MТСП: Започна уплатата од државата кон приватните друштва за првите 4.926 оштетени осигуреници

МАПАС со соопштение во врска со осигурениците кои не биле распределени во вториот столб

МТСП со кривична пријава до Обвинителството за неправилностите со пензиите

Соопштение на МТСП за придонесите кои не биле префрлани во вториот столб

М.В