/ Прочитано:

3.953

„Студентските бунтови се крик на општеството“ – ПРОФ. Д-Р ДИМИТАР ГЕЛЕВ

Студентите трeба да се практични и да бараат конкретни работи, кои, чекор по чекор, со текот на времето, ќе добијат на квалитет. Оние што го правеле Законот за високото образование многу работи не сфатиле и затоа многу работи треба повторно да се обмислат, вели за Академик професорот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, д-р Димитар  Гелев.

„Проблемот е што Законот за високото образование е подготвуван комисиски. Таа задача треба да му се довери на конкретен човек, по потоа да се даваат комисиски сугестии. Се додека тоа не биде така, Законот никогаш нема да биде подготвен и направен“, вели професорот Гелев, кој беше говорник на денешната трибина за трудот „Анализата на студентското организирање и учество во Македонија“.

Со шок констатирав дека Студентскиот парламент е регистриран како невладина организација

Професорот Гелев вели дека бил шокиран кога констатирал дека Студентскиот парламент бил регистриран како невладина организација и укажува дека студентите се нужен дел од универзитетската заедница – и во правна смисла.

„Пред скоро време, при анализа на актите на Правниот факултет, со шок констатирав дека Студентскиот парламент е регистиран како невладина организација. Во принцип, универзитетот претставува правно лице што го сочинуваат сите професори, студенти, бивши професори, односно нешто што ние го нарекуваме академска заедница. Универзитетот претставува и јавно – правно лице кое би го довел во контекст на општина, на пример. Сите жители на територијата на Гази Баба, Центар и др., се принудно, значи не доброволно, врзани за таа општина и гласаат во таа општина. Не може, да речеме, лице што има живеалиште во општина А, да гласа во општина Б. Значи, по истава логика, сите професори, студенти и членови на академската заедница на УКИМ по дефиниција се во тоа правно лице. И тоа јасно значи дека нивното организирање и нивната организација треба да биде уредена со Статутот на УКИМ или со некој друг акт“, нагласува Гелев.

Како Сојузот на социјалистичка младина

„На што би личело кога ние професорите би си направиле невладина организација на професори „Професорски парламент“. Значи, тоа е истава логика која ја имате тука. Значи, тие не се трансформирале на време и функционираат како што на времето функционираше, нешто што ние го нарекувавме, општествено-политички организации или Сојуз на социјалистичка младина. Во Универзитетот тоа не смее да биде случај. Тие можат да направат илјада невладини организации, но партиципацијата во УКИМ мора да биде преку актите на самиот универзитет. Тоа треба да биде регулирано или со Статутот на Универзитетот или со некој посебен акт. Не е можно невладина организација, каква и да е, да биде надвор од универзитетската заедница. Студентите нужно се врзани за Универзитетот и тие мора да бидат регистрирани таму“, додава професорот.

Професорот Гелев посочува дека студентските организации не можат да функционираат ако немаат средства и дека треба на студентите да им се даде и можност самостојно да дојдат до остварување на средства.

Како студенти отворивме диско на Правниот факултет

„Дали факултетите или универзитетите ќе издвојуваат средства е еден проблем. Меѓутоа, треба да им се даде можност самите тие да дојдат до пари. На пример, во наше време, ние отворивме диско на Правниот факултет и тоа со одлични забави. Сакам да кажам дека за да функционира студентска организација мора да има пари. Иницијативите да не се даваат воопшто пари ќе ги умртват студентските организации. Кај нас има нешто што се нарекува имитација на животот, а тоа е онаа студентска картица која им се издава на студентите, со која се отчукуваат и го пријавуваат своето присуство. Оваа студентска картичка, која треба да функционира како меѓународна студенстка картица, се користи за да се валидира присуство, може да се користи како дебитна картичка ако имате пари, може со неа да користите разни попусти, па дури дава и минимално осигурување итн. Значи издавањето на таква картичка на студенти може да биде извор на приходи за ваквите организации. Но, кај нас магично таквите картички ги издава туристичката агенција „Аурора“. Зошто тоа се случило, и од каде тие се нашле најнадлежни  за картици, тоа не знам“, објаснува Гелев.

Екстерно има уште од времето на Стипе Шувар

Професорот се осврнува и на прашањето за екстерното оценување, за кое вели дека студентите мора да посочат аргументи, а на креторите на законските решенија постојано да им се појаснуваат работите.

„Екстерно кај нас има уште од времето на Стипе Шувар. Правниците полагаат правосуден испит, лекарите лекарски испит. Тоа што овие не разбрале што е работата, тоа е друг проблем.  Значи на луѓето треба да им се појаснуваат работите многу попросто и поедноставно“, истакнува професорот.

Гелев потенцира дека студентските бунтови се крик на општеството и дека таквиот крик е позитивен во смисла што предупредува за одредени општествени состојби, бидејќи, како што додава, светот драстично се менува.

Студентските бунтови се крик на општеството

„Во мое време беше актуелен т.н. вербален деликт, кој сега цинично се спушти во вид на Закон декриминализација на клевата и навреда, и тоа од истите кои правеа врева тогаш.  И бунтот во ‘68 година и овој бунт сега преставува крик на едно општество. Сме тонеле како општество во разни периоди. Што беше нашиот крик? Гледате дека светот драстично се менува, а вие не се менувате. На пример, кога ќе споменевте поим „мајстор“, во главата добивавте претстава на некој што е во комбинизон и лицето и рацете му се извалкани со масло.  И одеднаш на пазарот излегува некоја технологија која е на електроника и немате мајстор кој тоа ќе го поправи. И сите мајстори станаа такстисти. Значи,  20 години се зборело дека таму накаде има компјутери и велите дека во современите фабрики нема повеќе лик што мава со чекан. И во такви услови, општетството одеднаш како мало бебе се крие под јорган и мисли дека надвор ништо нема. И на крај ќе праша – кој  беше крив, па ќе рече – тој беше крив и со тоа си ја пере совеста изминативе 30 години. 20 години ќе крадеме и оваа обвинителка ќе ги реши проблеми. И, живототот продолжува. Сакам да кажам дека овие теми се познати и ние сме се соочувале со тоа. Но, ако почнете чекор по чекор – една ситна работа, друга ситна работа, со тек на време ќе се дојде на нешто. Барајте да учествувате во работата во Универзитетот, барајте средства и работите ќе почнат да се движат“, аргументира и порачува професорот Димитар Гелев.

М.В / veljanoskim@akademik.mk

23.9.2015