/Прочитано:

272

Студија „Излез од долгот“ во контекст на намерата за зголемување на персоналниот данок од доход

Студијата на тројца еминентни професори: Алберто Алесина, Карло Фаверо и Франческо Гиавази прави обид за оцена на ефектите од намалување на владините трошења наспроти ефектите од зголемување на даноците. Студијата, велат од „Фајнанс тинк“ има генерална важност за тековната дебата за зголемување на персоналниот данок од доход за одредени сегменти од дистрибуцијата на доходот (за сегментите со највисок доход).
Главниот наод од студијата е дека планот за фискална консолидација кој се базира на намалување на трошењата е поврзан со мали падови на економијата: намалувањето на трошењата за 1 процент од БДП води кон економска загуба од околу половина процентен поен во однос на просечниот раст на економијата. Оваа загуба во просек трае две години. Притоа, ако ваквиот план отпочне за време на позитивен економски раст, тогаш загубите за економијата исчезнуваат. Спротивно, фискална консолидација базирана на зголемување на даноците е проследена со големи и долготрајни рецесии. Зголемувањето на даноците за 1 процент од БДП води кон 2-процентно намалување на БДП споредено со периодот пред даночното зголемување. Негативните ефекти имаат тенденција да траат повеќе години.
Студијата се базира на примерок од развиени земји, па примената на наодите за земјите во развој може да се врши само во генерална смисла. Ова е особено важно што големината на даночните зафаќања игра голема улога во одредувањето на ефектот од зголемените даноци и/или намалените трошења врз растот. Но, студијата има генерална важност за тековната дебата за зголемување на персоналниот данок од доход во Македонија, во следната смисла:
– Фискална консолидација базирана на зголемување на даноците, пред притоа да се изврши рационализација на трошењата, е избрзана и може да наштети на економската активност и на понудата на трудот, особено во пропулзивни сектори како информатичкиот, здравствениот, фармацевтскиот и сл. Оттука, зголемувањето на даноците не треба да се врши пред целосна консолидација на трошењата, потег што го најави и што го отпочна самата Влада;
– Рационализацијата на трошењата може да се изврши по повеќе основи: намалување или елиминирање на непродуктивните трошења, подредување на трошењата по приоритет и особено значајно зајакнување на ефикасноста на јавните трошења. Последното е поврзано со системот на јавните набавки и начините за негова злоупотреба. Иако беа преземени одредени чекори во овој домен, Владата сè уште не излезе со информација и со план за подигање на ефикасноста на јавното трошење, со што граѓаните би биле убедени дека секој уплатен денар преку даноците е искористен најпродуктивно и со најголема корист за засегнатите страни.
– Фискална консолидација базирана на зголемување на даноците, пред притоа да се изврши „поправка“ на системот во делот на опфаќање на сивата економија, може да доведе до дополнителна даночна евазија. Најзастапен е случајот „плата во плик“, во кој 17,8 % од вработените во Македонија добиле плата на рака, покрај формалната плата на сметка. Притоа, ова било случај со 62 % од работниците осигурени на минимална плата. Оттука, Владата треба да излезе со план за надминување на овие дефекти на системот, наместо да води површна дебата за структурата на даночниот систем во земји кои не се соочуваат со вакви феномени.
– Фискалната консолидација е силно поврзана со неизвесноста во економијата. Претходни истражувања покажуваат дека консолидација која елиминира несигурност околу насоката на фискалната политика веднаш позитивно влијае врз побарувачката. Во моментот, економските агенти во Македонија се соочуваат со силна неизвесност околу водењето на фискалната (и поконкретно даночната) политика, особено што воведувањето прогресивен данок на доход беше најавано, па одложено и сè уште се соочува со разногласие во рамки на самата Влада. Ваквата неизвесност може негативно да влијае врз бизнис-одлуките и врз одлуките на индивидуалците за работа.
Оттука, „Фајнанс тинк“ ја повикува Владата да одговори на овие прашања во контекст на најавената промена во даночната политика, особено:
– Како се одвиваат планот и реализацијата на намалувањето и елиминирањето на непродуктивните и неефикасните трошења?
– Дали Владата спроведе анализа за ефикасноста на јавните трошења и, ако спровела, кои се наодите?
– Кој е ставот на Владата во однос на потенцијалните негативни ефекти од повисоките даноци врз иселувањето, врз сивата економија, врз растот на брзорастечките и високоплатежните сектори?
– Дали Владата има јасен план да ја елиминира неизвесноста околу курсот на даночната политика со цел да придонесе кон стабилизација на економските очекувања?

М.В