/ Прочитано:

1.729

Студија: Полиција водена од систем на заслуги и на квалификации или партиски интереси?

Истражувањето “Полиција водена од систем на заслуги и на квалификации или партиски интереси?” го опфаќа проблемот на селекција, регрутирање и на вработување на полициски службеници и неуспехот на обезбедување систем на унапредување во кариерата заснован на заслуги и квалификации на сите нивоа (стратешко, тактичко и оперативно) во македонското Министерство за внатрешни работи и во полицијата.

Во истражувањето посебен фокус е посветен и на врската помеѓу образованието и мерит-системот, поточно на значењето на високото стручно полициско образование, кое кандидатите и полициските службеници го поседуваат и како истото е вреднувано при постојниот воспоставен мерит-систем во полициската организација од страна на соодветните комисии во постапките на селекција, вработување и на унапредување.

Необезбедувањето на систем на заслуга не само што ја доведува во прашање ефикасноста и професионалноста на полициските службеници, туку овозможува и неефикасно трошење на средства од буџетот на Министерството, појава на судир на интереси, појава на коруптивни дејства, намалена доверба од страна на граѓаните итн. Покрај другото, овој документ содржи препораки за одржливи решенија погодни за спроведување на системот заснован на заслуги и професионални квалификации при селекцијата, вработувањето и при унапредувањето во македонската полиција.

Релевантноста на анализата и препораките кои ги нуди овој документ, а кои се однесуваат на еден значаен сегмент од полициската организација и функционирање, дополнително се истакнува доколку се земе предвид недостатокот на резултати од долгогодишните законски и организациски реформи за реструктуирање на македонските полициски сили, во согласност со принципите за демократска и граѓански ориентирана државна служба. Нефункционалната поделба на видовите власт и широко распространетите појави на влијание на политичките партии врз органите за спроведување на законот, силно се одразија врз функционирањето и врз организациската поставеност на македонската полиција. Покрај потребата за воспоставување на национален и политички консензус за систем на унапредување во кариерата засновано на заслуги и квалификации на сите нивоа во МВР и во полицијата, самиот процесот на хармонизација со законодавството на ЕУ прави дополнителен притисок за итно надминување на практиките на непрофесионално и неодговорно функционирање на македонската полиција.

Истражувањето “Полиција водена од систем на заслуги и на квалификации или партиски интереси?” чиј автор е м-р Александар Ванчоски е финансирано преку Програмата за професионален развој на млади истражувачи на Тинк Тенк фондот (Think Tank Young Professional Development Program). Авторот како дел од тимот на Институтот за европска политика (ЕПИ) Скопје го спроведе истражувањето во текот на 2017 год.

Децениски долгите реформи во македонската државната администрација, а вклучително и во Министерството за внатрешни работи и во полицијата, не резултираа со целoсно воспоставување на функционален и одржлив мерит-систем на заслуги и на квалификации при селекцијата, вработувањето и при развојот на кариерата на службениците.

Сè уште меритократијата во полициската организација е засенета од партиските интереси и не овозможува целосна транспарентност и објективност. Ваквата состојба ја доведува во прашање довербата на граѓаните во полицијата, како и уверувањата кои вредности и принципи во суштина таа ги застапува. Покрај потребата од доследно почитување на уставно загарантираните вредности и принципи во Р. Македонија, и евроинтегративните процеси кои водат кон полноправно членство во Европската Унија безусловно ја наметнуваат потребата за подобрување на состојбите во овој сегмент. Оваа анализа ги елаборира основите и принципите врз кои е воспоставен мерит-системот во Министерството за внатрешни работи, поттикнува аргументирана дебата за начинот на кој системот се применува, а исто така нуди и препораки што овозможуваат македонската полиција во својата организациска филозофија и функционирање во целост да се раководи од принципите и од механизмите на системот на заслуги и на квалификации.

М.В