/ Прочитано:

2.121

Субјекти што имаат обврска да преземаат мерки за откривање и спречување на перење пари и финансирање тероризам

Со новиот Закон за спречување на перење пари и финансирање тероризам се уредуваат мерките, дејствијата и постапките кои субјектите и надлежните органи и тела ги преземаат заради откривање и спречување на перење пари, поврзани казниви дела и финансирање тероризам, како и работењето и надлежностите на Управата за финансиско разузнавање.

Во новиот закон се дефинира дека перењето пари се дејствијата предвидени со Кривичниот законик како кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело, додека, пак, финансирање тероризам се дејствијата предвидени со Кривичниот законик како кривично дело финансирање тероризам.

Законот, меѓу другото, определува и обврски за субјектите да преземаат мерки и дејствија за откривање и спречување на перење пари и финансирање тероризам.

Според законот, субјекти се лицата што имаат обврска да ги преземаат мерките и дејствијата за откривање и спречување на перење пари и финансирање тероризам, предвидени со овој закон, и тоа:

1. Финансиски институции и подружници, филијали и деловни единици на странски финансиски институции кои согласно со закон вршат дејност во Република Македонија;

2. Правни и физички лица кои ги вршат следниве услуги:

а) посредување во промет со недвижности;

б) ревизорски и сметководствени услуги;

в) давање совети од областа на даноците;

г) давање услуги како инвестициски советник и

д) давање услуги за организирање и спроведување на аукции;

3. Нотари, адвокати и адвокатски друштва кои вршат јавно овластување согласно со закон;

4. Приредувачи на игри на среќа:

а) лотариски игри на среќа;

б) игри на среќа во казино;

в) игри на среќа во обложувалница;

г) игри на среќа во автомат-клуб;

д) електронски игри на среќа;

ѓ) томбола од затворен тип и

е) интернет игри на среќа;

5. Даватели на услуги на трустови или правни лица;

6. Централен депозитар за хартии од вредност и

7. Правни лица кои вршат дејност на примање во залог на подвижни предмети и недвижности (заложувалници).

Адвокатите, адвокатските друштва и нотарите кои вршат јавни овластувања согласно со закон се должни да ги применуваат мерките и дејствијата за спречување на перење пари и финансирање тероризам во случаите кога даваат правни услуги за своите клиенти кои се однесуваат на следниве активности:

а) купопродажба на подвижни предмети, недвижности, содружнички удели или акции;

б) тргување и управување со имот;

в) отворање и располагање со банкарски сметки, сефови и други финансиски активности;

г) основање или учество во работењето или управувањето на правни лица, трустови или правни аранжмани и

д) застапување на клиенти во трансакции.

Обврските што произлегуваат од овој закон не се однесуваат на адвокатите и адвокатските друштва кога вршат функција на одбрана и застапување на клиентот во судска постапка. Во овој случај, адвокатите и адвокатските друштва, по барање на Управата, во рок од седум дена треба да достават писмено образложение за причините поради кои не постапиле согласно со одредбите од овој закон.

M.В