/ Прочитано:

1.452

СУДЕЊЕ Иво Санадер: Исказ дадоа двајца сведоци од австриска Хипо банка

Четврток, 5 јули 2012Судењето против Иво Санадер, денеска продолжи со сведочењето на Злата Врдољак и Јерг Шустер од австриска Хипо банка. Поради тоа што сведоците од оправдани причини не можеа да се појават во судницата во Жупанискиот во Загреб, сведочеа преку видео линк во врска со случајот „Хипо банка“. По однос на овој случај, обвинителството го товари екс-премиерот за воено профитерство и злоупотреба на службената должност. На Санадер му се припишува дека примил мито од од 3,6 милиони куни (483.000 евра), провизија од кредитот кој австриската Хипо банка и го одобрила на Хрватска додека бил заменик министер за надворешни работи на Хрватска (1993 година).

фото: Горан Мехкек / Кропикс

Прва на денешното рочиште сведочеше Злата Врдољак. Врдољак која во 1994 и 1995 година била асистент на референтот задолжен за  доделување на кредити, рече дека иницијативата за доделување на кредит на хрватското Министерство за надворешни работи потекнувала од Алојз Мок тогашниот министер за надворешни работи на Австрија. Таа додаде дека за доделувањето на кредитот  во име на австриската банка преговарале Волфганг Култерер (тогашен претседател на Хипо банка) и Гинтер Стридингер (тогашен директор на Одделот за надворешни работи на Хипо банка, во тоа време), а од хрватска страна најпрвин Мате Граниќ, (тогашниот министер за надворешни работи на Хрватска) , а по некое време почнало да се спомнува името Иво Санадер.

Врдољак не знаеше да каже дали била исплатена некаква провизија, но како и другите сведоци од австриска Хипо Банка, потврди дека во тоа време не било невообичано да се исплаќа посредничка провизија на име на кредит. Покојниот Еуген Лакс, чие име што цело време се провлекува во ова судење, рече дека  никогаш не го сретнала.

  • Инаку според некои сведочења, Еуген Лакс е посредникот на кој му биле исплатени парите од наводната провизија. Збунувачки е фактот што ниту еден сведок не знае да даде точни иформации за Лакс, или пак сите  што наводно го сретнале или слушнале за него даваат различни информации. Според некои пишувања, тој бил високо позициониран масон со хрватско потекло, кој живеел во Бразил, припадник на ложите кои се гордееле со хрватската државотворност. Некои пак го поставуваат прашањето: Дали Еуген Лакс бил само подментата личност од страна на Санадер или пак неговата партија ХДЗ? 
Вториот сведок, Јерг Шустер кој во тоа време бил член на Управниот одбор на Хипо банка, рече дека слушнал од Волфганг Култерер дека Алојз Мок инсистирал на Хрватска да и биде одобрен кредит за опремување на хрватските амбасади. На прашање на обвинителството, дали останува на исказот даден во истрага во кој вели дека имал контакт со Иво Санадер тој одговори потврдно, но дека наводно не учествувал во преговорите за овој кредит, туку дека разговарале за други комерцијални кредити. Откако му беше предочен дел од исказот даден во истрага во кој вели дека после еден разговор  го потпишале договорот за кредитот наменет за Министерството за надворешни работи на Хрватска, судијата Иван Турудиќ побара од сведокот да ја објасни оваа контрадикторност. На ова Шустер одговори дека од причина што ова се случувало многу одамна, не се сеќавал на деталите. Тој објасни дека состаноци со Санадер имал повеќе пати, а на истите присуствувале Стридингер и Култерер. Како што вели разговарале на многу теми, а во врска со наведениот кредит не станувало збор за условите, туку само за фактот  дека истиот сигурно ќе биде одобрен бидејќи оваа одлука била поздравена од Алојз Мок.

Во врска со Еуген Лакс, Шустер рече дека никогаш не слушнал за тоа име. На ова судијата Иван Турудиќ преку видео линк му предочи исплатница за провизија на име на Еуген Лакс, на која според тврдењата стои неговиот потпис. Шустер на ова се пожали дека не може убаво да го види документот, но и дека никогаш не потпишувал исплатници. Судијата на ова му одговори дека кога во Австрија му бил покажан овој документ потврдил дека тоа е неговиот потпис. Видно вознемирениот Шустер  на крајот од сведочењето се сложи дека доколку тоа бил истиот документ и претходно рекол дека е неговиот потпис, тогаш тоа е така.

Следната главна расправа е закажана за 30 август, а ќе сведочи Стефан Хурлиман, директор на швајцарската  фирма Ксенопласт, а во сопственост на Роберт Јежиќ, кој во своето сведочење кажа дека 5 милини од МОЛ на Санадер му биле исплатени токму преку оваа фирма.


Од сведочењата на Граниќ, Стридингер и Култерер

МАТЕ ГРАНИЌ – Поранешниот министер за надворешни работи во својот исказ кажа дека тој го потпишал договорот за кредит, но сите  преговори му ги препуштил на Иво Санадер кој во тоа време бил негов заменик.  Според Граниќ, Иво Санадер му рекол дека  некој угледен иселеник од Хрватска (се мисли на Еуген Лакс), по сугестија на тогашниот претседател Фрањо Туѓман, може да им помогне во преговорите со Хипо банка, бидејќи истиот имал добри политички и службени врски со Австрија. „После две недели, мојот заменик ми рече дека овој  иселеник сака да му платиме доколку ги користиме неговите услуги, му одговорив дека тоа не доаѓа во предвид. Со тоа, таа приказна беше завршена…“ – Мате Граниќ. Санадер пак, тврди дека Граниќ му ги препуштил преговорите само поради тоа што добро го познавал германскиот јазик, напоменувајќи му за некаков кредитен посредник, односно за Еуген Лакс.

ГИНТЕР СТРИДИНГЕР – Повластена положба на Хипо банка на хрватскиот пазар во замена за провизија му ветил Иво Санадер на Волганг Култерер – ова го обележа сведочењето на Стридингер.  „Договорена беше провизија од 5 % за кредит во износ од 7 милиони австриски шилинзи (приближно 509 илјади евра), 50 посто се  исплаќаат при прифаќање на договорот, а 50 пoсто после потпишувањето на истиот, во случајов предвидено за  јануари 1995 г.“  – Гинтер Стридингер

ВОЛФГАНГ КУЛТЕРЕР – Некогашниот прв човек на Хипо банка е еден од оние сведоци кој вели дека имал средба со извесниот Еуген Лакс, но не се сеќавал на неговиот изглед.  Тој во своето сведочење тврди дека Лакс присуствувал на дел од состаноците околу преговорите за кредитот, но дека не знаел од чија страна бил поканет. Во еден наврат, наводно Лакс му рекол дека Хипо банка ќе остане во оваа зделка и покрај тоа што за кредитирање  на Хрватска биле заинтересирани и други банки. Според Култерер,  Лакс му кажал дека лично се познава со Алојз Мок и тогашниот претседател на Хрватска – Фрањо Туѓман.  Во исказот на Култерер исто така стои дека откако понудата за кредит му била доставена на Граниќ, Лакс побарал од него да му биде исплатена провизијата од 5%, но бидејки се работело за голем заем, наводно Култерер му одговорил дека тоа не може да се случи без одобрување од највисоко ниво, конкретно од  претседателот Туѓман и тука наводно завршила приказната со оваа мистериозна личност.

>> Предметот за случајот „Хипо банка“ проследете го тука.