/ Прочитано:

1.408

Судење „Калдрма“: Почна тензично, заврши со радост, 27 обвинети решетките ги заменија со домашен кревет

Петок, 7 септември 2012 – Денешното рочиште помина тензично. „Ќе те задавам педеру еден, се договараш со обвинителот!“ – му се закани третообвинетиот Александар Марковски на сведокот Ненад Ѓоргиевски, откако тој рече дека му давал пари на второобвинетиот. Со пцовки и дофрлања упатени до сведокот и другите обвинети. Меѓудругото судијата ги израдува обвинетите и адвокатите, на 27 обвинети затворскиот притвор им го замени со куќен, зад решетки останаа само обвинетите организатори. Судскиот процес оди со невидена динамика, заврши распитот на 6-те сведоци на обвинителство. За наредната недела е предвиден распитот на оштетените лица од ЈП „Македонија Пат“ и на вештаците. 

Обвинението по овој предмет е напишано на 400 страници, а преку него обвинителството ќе се обиде да докаже дека вработените во ЈП „Македонија Пат“ преку фалсификувани фискални сметки, организирано, три и пол години правеле криминал на 5 патарини што се наоѓаат на северо-јужниот транспортен Коридор 10, од Куманово па се до Гевгелија. Меѓу 86-те обвинети, во обвинителниот акт стои дека првите двајца обвинети го осмислиле планот и ги организирале останатите  обвинети. Поголемиот дел од обвинетите се наоѓаат во притвор. Според обвинителниот акт тие ја оштетиле државата за 1,8 милиони евра така што на патниците им издавале лажни  фискални сметки и парите оделе во приватни џебови.

>> Предметот за случајот „Калдрма“ проследете го тука.

Тек на рочиштето

14:10 –  Откако заврши распитот на сведоци, судијата донесе решение и на 27 обвинети им го замени затворскиот притвор со куќен. На ова следеше аплауз кој го изнервира судијата, посочувајќи им дека доколку не  се смират ќе го повлече решението. Обвинетите со насмевка на лицето се радуваа, се гушкаа, си честитаа. Надвор ги чекаа роднините кои им делеа прегратки. Се гледаше и задоволство кај адвокатите, некои од нив велеа дека судијата донел правилна одлука бидејќи со големиот број на обвинети кои беа во притвор тешко се утврдувало фактичката состојба на предметот. Процесот продолжува во понеделник (10.09.2012 година) во 10 часот со распит на претставници од ЈП „Македонија пат“ кои ќе сведочат во својства на оштетени лица.

14:00 – Сведочеше последниот сведок на обвинителството. Скоро идентично како и претходните сведоци, ги објаснуваше предавањето на смените, траењето на работното време, давањето пари, заканите и функционирањето на наводната група. Сведочењето помина во помирна и не толку тензична атмосфера. Иако обвинетите беа посмирени сепак ја преземаа улогата на адвокатите, од време на време стануваа од столчињата, приговараа на тврдењата на сведокот.


13 :05 – Пауза од 30 минути.


12:50  Во продолжение сведочеа уште неколку сведоци, кои ги потврдија наводите на обвинителството, дека работеле повеќе од 12 часа. Дел од нив лично давале пари, а дел ги раскажуваа приказните на колегите за наводната тортура на работните места. И покрај опомената од судијата, обвинетите повторно дофрлаа, спомнувајќи некоја врска меѓу генералниот директор на „Македонија пат“ и сведоците.

12:05 – Сведокот Игор Боровиќ наведе дека континуирано и ноќна и дневна смена пари му давал на второобвинетиот, заменик раководителот Бобан Попкрстевски и тоа на два пати, еднаш кај него пред куќа, еднаш во кафеана. Од обвинетите беше запрашан за наводна видео снимка за која што сведокот не сакаше да даде одговор. Како што вели, земал по 300 евра од двајца колеги и парите му ги предал на Попкрстевски. Соочување со сведокот побараа второ и третообвинетиот.

11:50 – Сведокот Аврамовски Бобан рече дека редовно му биле правени контроли и вршена тортура со тоа што му биле барани пари, а обвинетиот Христо Поповски му ја предавал хартијата наменета за изработување на лажни фискални сметки. Обвинетиот Поповски побара соочување со сведокот.

11:30 – Судијата го врати повторно во судница третообвинетиот. По паузата сведочеше Елена Велкова,  која во истрага има изјавено дека лично ги превземала лажните фискални сметки од обвинетиот Драгиша Калемџиевски. И нејзиното сведочење беше проследено со свиркања и викотници од обвинетите. Велкова наведе дека дел од обвинетите и се заканувале со зборовите: „пази што ќе ти се случи и ако не дадеш пари ќе бидеш забетонирана на наплатната рампа Петровец“. Дел од адвокатите прашаа во што се состои разликата на кој на која наплатна рампа е поставен. Сведокот го искористи своето право да не одговори на прашањето, при што следеше повторно неред во судницата. Судијата Ристов им се закани на обвинетите дека доколку не се смират ќе ги врати од куќен во затворски притвор, а бидејќи не покажале почит спрема судот, за следните рочишта ќе доаѓаат со полициска придружба и сами ќе си ги сносат трошоците.


11:05 – Пауза од 10 минути.


 10:30 – Во текот на распитот на сведоци, сведокот Ненад Ѓорѓиевски, на прашање на адвокатите одговори дека му давал пари на второобвинетиот Бобан Попкрстевски. По ова настана хаос во судницата, третообвинетиот Александар Марковски стана и му се закани на сведокот со зборовите: Ќе те задавам педеру еден, се договараш со обвинителот! Па ова Марковски беше отстранет од судница, а судијата Ѓоко Ристов даде пауза. 

10:09 – Рочиштето почна. Условите за одржување на главен претрес се исполнети.