/ Прочитано:

2.028

СУДЕЊЕ „КЕРОЗИН“: Обвинетите и во завршните зборови тврдеа дека се невини — Судот ќе пресече следната недела!

Среда, 9 април 2014 – По цели 8 месеци, колку што траеше судската постапка за случајот „Керозин“, шеснаесетмината обвинети следната недела, на 16 април, ќе ја слушнат одлуката на Основниот суд Скопје 1. Завршните зборови денеска ги дадоа сите обвинети. Имаше солзи, но и обвинувања насочени кон единствениот обвинет кој ја призна вината. Семејството Пецови и во завршниот збор тврдеа дека не се злосторничка група, туку луѓе кои чесно и со многу труд ги изградиле своите фирми. Возачите на цистерните наведоа дека работеле по налози на своите претпоставени и дека не сториле никакво кривично дело. Вработените во оштетените институции исто така ги отфрлија наводите во обвинителниот акт. Единствено, 15-обвинетиот, кој го призна дека дозволил да биде испорачано помалку нафта од предвиденото со договорот за јавна набавка и дека за тоа примил поткуп, побара условна казна. 

Судскиот процес продолжи со завршните зборови збор на одбраната. Според  Александар Петковски, бранителот на 12-обвинетиот Мухарем Коти, дејствиjата наведени во обвинителниот акт се неосновани и недокажани. Адвокатот Петковски посочи дека Коти, кој бил ополномоштен од градоначалникот на Чаир да врши прием на нафта за општина Чаир од фирмата „Алма Комерц“, не бил задолжен да врши и контрола на нафтата, па оттука, како што рече, не можел да знае дали е испорачана точната количина на нафта според предвиденото.

„Мухарем Коти постапувал согласно законот, односно во согласност со полномошното издадено од градоначалникот на Чаир“, потенцираше бранителот додавајќи дека ниту доказите прибавени со ПИМ не го докажуваат спротивното.

Тој побара ослободителна пресуда за обвинетиот.

Адвокатот Маријан Витановски, кој го застапува 13-обвинетиот Љупчо Алексовски, во својот завршен збор наведе дека од изведените докази воопшто не се докажале наводите во обвинителниот акт. Според бранителот,  Алексовски, кој бил котлар во ЈЗУ Општа болница Куманово, критичниот ден го примил мазутот од „Алма комерц“ и си заминал.

„Доколку било источено помалку мазут од предвиденото тоа ќе го констатирале овластените лица кои вршат контрола и имаат повеќегодишно искуство. Кусок на нафта не констатирал ни началникот, а од снимките може да се види дека обвинетиот веднаш си заминал“, рече бранителот.

Витановски побара од Судот да го ослободи обвинетиот од обвинение.

„Му предлагам на судот да го ослободи обвинетиот Драган Гиновски од обвинение бидејќи се докажа дека тој не го сторил кривичното дело“, го почна завршниот збор бранителот на 14-обвинетиот.

Бранителот образложи дека Гиновски, кој е вработен во ЈЗУ Институт по белодробни заболувања кај децата – КОЗЛЕ и бил во комисијата што вршела контрола на примената нафта, констатирал во еден наврат кусок на нафта за што го известил директорот.

„Од самото тоа може да се констатира дека наводите во обвинителниот акт се паушални, неточни и непроверени“, истакна бранителот додавајќи дека постои и записник кој го докажува ова.

Според одбраната немаат логика тврдењата на Обвинителството дека Гиновски примил поткуп од 39.000 денари, бидејќи вредноста на количината нафта која недостасувала е помала од овој износ.

Бранителот исто така изнесе дека Гиновски бил долгогодише пријател само со четвртообвинетиот Љупчо Темов, додека другите обвинети воопшто не ги познава. Одбраната побара ослободителна пресуда.

Бранителот на единствениот обвинет кој ја призна вината, 15-обвинетиот Славчо Милошески, побра условна казна за својот клиент. Милошевски, како вработен во една од оштетените институции призна дека примил помалку нафта од предвиденото со договорот за јавна набавка и дека за тоа примил поткуп од 45.000 денари.

„Обвинетиот уште во фаза на истражна постапка го призна извршувањето на кривичното дело за кое се обвинува и пред овој суд изрази жалење и каење. Од тој аспект одбраната нема никаква забелешка на обвинителниот акт и сосема логично – поради ваквата состојба очекуваме обвинетиот да биде прогласен за виновен“, истакна бранителот додавајќи дека немаат приговор ни на тоа од обвинетиот да се одземат средстава кои според наводите ги примил како поткуп.

Според одбраната преку случајот на Милошески може да се види дека понекогаш и добар човек, кој не е криминогена личност, како и татко – може да падне на искушение.

„Обвинетиот жали за срамот и економската штета што му ја нанесе на семејството, како и за срамот кој му го нанесе на правното лице каде беше вработен. Доказ дека Славчо не е криминогена личност е неговото кристално минато. Тој нема направено ниту еден сообраќаен прекршок. Како бранител убеден сум дека со условната казна би се оствариле целите на казнувањето“, рече бранителот додавајќи дека Милошовски никого не обвинува од останатите обвинети, ниту пак некого брани, но дека не знае кој го издал налогот за да се уплатат средства за поткуп на неговата сметка.

Игор Арнаутовски, бранителот на  16-обвинетиот Љупчо Трпевски, истакна дека не постои доказ  кој ги поткрепува наводите во обвинтелниот акт, а особено доказ кој потврдува дека тој примил поткуп во висина од 60.000 денари со цел во СУГС Браќа Миладиновци, каде обвинетиот е вработен, да се испорача помалку нафта од предвиденото .

Според бранителот, снимките потврдуваат дека Трпевски и по приемот и по точењето ја мери нафтата.

„Ако на ова се додадат и околностите за личноста на обвинетиот, неговата дисциплина, како и тоа дека тој е вратен на работа по укинувањето на притворот, секаква санкција би била неправедна!“, подвлече адвокатот Арнаутовски.

Ангел Пецов: Обвинетиот кој ја призна вината зборува невистини

По бранителите, завршните зборови ги дадоа и сите шеснаесетмина обвинети.

Првообвинетиот Ангел Пецов, сопственик на фирмата „Алма комерц“, ги отфли наводите на Обвинителството дека тој е организатор на злосторничко здружување. Тврди дека е обвинет за нешто што не го сторил.

„Јас како сопруг, родител и роднина на некои од вработените, никого не сум договорал да созададеме злосторничко здружување“, рече обвинетиот, запрашувајќи каков е тој родител  кој би го вклучил своето дете во криминални дејствија.

Истакна дека „Алма комерц“ е реномирана фирма која опстојува повеќе од 20 години и во која секогаш се работело во согласност со законот.

Порача дека ниту снимките, ниту снимените телефонски разговори не докажуваат ништо.

„Мене, Ангел Пецов, ме нема на ниту една снимка, освен на една на која се гледа дека седам во скопско кафуле со некои луѓе. Зарем во оваа во демократска држава е забрането да седиш на кафе со кого сакаш?“, праша обвинетиот.

Го отфрли и обвинението за даночно затајување.

„Јас во текот на постапката не слушнав ниту еден релевантен доказ против мене, а и не може да има бидејќи не сум сторител на кривично дело“, рече првообвинетиот Ангел Пецов.

Се осврна и на исказот на обвинетиот Милошески, кој ја призна вината. Според него, исказот на овој обвинет се базира на лаги. Обвини дека Милошески е коцкар и дека тој и неговиот бранител сакале делото да го префлат на лице кое сега е починато. Тврдеше дека  ова му го соопштиле нему, но тој наводно ги осудил за ваквата помисла.

Неговата сопруга, второобвинетата Мариче Пецова, не можеше да ги задржи солзите при давањето на завршниот збор.

„Очигледно е дека е неосновано обвинението дека сум создала злосторничка група со мојот брачен другар и мојот син“, рече Пецова.

Таа ја раскажа историјата на фирмата „Алма комерц“, истакнувајќи  дека заедно со својот сопруг ја создавале со многу труд и дека истата работела беспрекорно во согласност со законските прописи. Посочи дека е основач на фирмата и оттука, како што рече, нема ништо чудно во тоа што се интересила за работењето на истата. За телефнските разговори рече дека се работи за нормална комуникација со вработените.

„Наместо да бидам наградена за трудот кој сум го вложила во таа фирма, признание кое го добив како жена во 1995 година, јас денес добив кривични дела. Нашиот имот не е стекнат со кривично дело“, потенцираше обвинетата.

„Јас сум мајка на три деца, баба на три внучиња. Како е можно мајка да им го стори ова на своите деца и своите внуци?!, додаде Пецова.

Третообвинетиот, Љупчо Пецов, син на Ангел и Мариче, како и неговите родители во својот завршен збор наведе дека тие не се злосторничка група.

„Јас сум исто така родител и не можам да разберам како би можело татко ми Ангел и мајка ми Мариче од мене да направат член на криминална банда. Ние не сме криминална банда“, рече обвинетиот.

Според него, голем дел од доказите прибавени со ПИМ се толкувани од  Обвинителството многу слободно. 

„Снимките на кои пијам кафе со одредени лица се толкуваат како криминално дејство. Телефонските разговори со родителите исто така. Со кого да разговарам ако не со нив?!“, праша третообвинетиот. 

Негираше исто така дека давал поткуп.  „Не гледам точно на кого сум му дал поткуп, колку сум му дал, во каква валута?“, истакна Љупчо Пецов. Додаде дека на државен службеник никогаш ниту дал, ниту земал пари. 

„Верувам во оваа институција и сметам дека ќе донесе правична пресуда“, заклучи третообвинетиот.

Работевме по налог на претпоставените, тврдат возачите

Четвртообвинетиот Љупчо Темов рече дека не се чувствува виновен во однос на кривичните дела кои му се ставаат на товар. Во својот завршен збор појасни дека не бил дел фирмата „ Алма комерц“ и оттука дека нема никаква врска  со нејзиниот управител  Ангел Пецов, туку дека возел цистерна за фирмата „Алма шедиција“. 

„Јас работам за „Алма шпедиција“ и управител ми е Љупчо Пецов. Не сум организирал злосторничко здружување како што е наведено во обвинителниот акт“, рече обвинетиот.

Тврди дека како возач немал интерес да испорачува помалку нафта.

„Количините беа контролирани од посебни комисии“, истакна Темов додавајќи дека е несновано обвинет.

Возачите Маријан Пецов, Митко Делков, Горан Јанев останаа на завршниот збор на нивниот бранител, додавајќи дека работеле по налог на претпоставен и дека не се виновни.

„Го ценам и почитувам овој Суд. Верувам во неговата праведност и се надевам дека истиот ќе ги види грешките на Обвинителството наведени во обвинителниот акт. Го молам судот да земе предвид дека сум бил многу кратко возач и сум работел по наредби на претпоставените“, рече обвинетиот Александар Ангелов.

Според Ангелов, тоа што неговото име  фигурира во тендерската документација е направено без негова дозвола. 

„Не знаев дека моите  податоци се користат. Не знаев колкава количина товарев, ми беше забрането од претпоставените да проверувам. Пецов Зоран ми беше претпоставен. Работев привремено за 14.000 денари додека да најдат возач со соодветна дозвола“, рече обвинетиот.

 Наведе дека не криел цистерни, ниту заменувал регистарски таблички. Меѓу другото истакна дека не му е јасно како можно тој да ја злоупотребувал службената должност, а тоа да не е случај со неговиот претпоставен Зоран Пецов.

„Во целост го негирам обвинението и сметам дека се темели на претпоставки. Тврдам дека сум невин и барам од Судот да ме ослободи од обвинение“, подвлече Ангелов.

За десеттообвинетиот Александар Велјановски обвинението е нелогично. Во својот завршен збор тој го објасни работењето на неговата фирма „Бољшој крик“, како и соработката со другите фирми. Тврдеше дека немало никакви нерегуларности во работата на неговата фирма, односно дека никогаш не издавал фиктивни фактури за потребите на „Алма комерц“ с0 цел да го прикрива вишокот нафта.

„Го м0лам овој Суд при донесувањето на одлуката да цени дека не сум осудуван досега, дека сум татко на едно дете. Долгото време поминато во притвор влијае на мојот брак, на моето семејство“, заклучи Велјановски.

Останатите шестмина обвинети, вработени во оштетените институции, немаа што да додадат кон завршните зборови на нивните бранители, освен што побараа од Судот да ги ослободи од обвинение. 

По цели 8 месеци главниот претрес денеска заврши, објавата на одлуката е закажана за следната недела – 16 април (среда) во 10 часот.

Предметот за акцијата „Керозин“ опфаќа вкупно 16 лица кои се товарат за повеќе кривични дела: злосторничко здружување, злоупотреба на службена положба, фалсификување на исправа, перење на пари и други приноси од казниво дело, даночно затајување, и давање и примање поткуп. Освен Ангел Пецов, неговата сопруга и син, обвинението ги опфаќа и сопствениците на фирмите кои ги помагале наводните финансиски малверзации на „Алма-комерц“, испорачателите на нафтата – возачите на цистерните, но и вработени во оштетените иституции – котлари, домари и сл., кои биле задолжени да вршат прием или контрола на испорачките. Измамата била направена на тој начин што се користеле идентични цистерни на кои им биле заменувани табличките, односно оние со нафтата која требала да биде испорачана се заменувале со други, кои имаат помалку нафта од потребното, се наведува во обвинителниот акт.

Според полицијата, за да го продаде неиспорачаното гориво, „Алма – комерц“ соработувала со фирми од Косово и Бугарија кои им издавале фиктивни фактури за испорака на гориво.

>> Повеќе за предметот прочитајте тука.

(Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk)