/ Прочитано:

1.653

СУДЕЊЕ „Керозин“: Проговорија петте возачи на цистерните — тврдат дека немало нерегуларности при испорачките на нафтата

Вторник, 6 август 2013 – Судскиот процес продолжи со исказот на петте обвинети возачи на цистерни. На момент збунети, дел од нив тивко и кратко раскажаа во што се состоела нивната дејност во фирмите „Алма комерц“ и „Алма шпедиција“. Тврдат дека ниту знаат што е тоа злосторничко здружување, а камоли да се дел од такво нешто. Некои од нив, како што посочија, биле во работен однос само еден месец пред да ги притворат. Го објаснија мерењето на нафтата и мазутот, велат дека немало проблеми со количините кои тие ги испорачувале, а негираа и менување на регистерските таблички на цистерните.

Предметот за акцијата „Керозин“ опфаќа вкупно 16 лица кои се товарат за повеќе кривични дела: злосторничко здружување, злоупотреба на службена положба, фалсификување на исправа, перење на пари и други приноси од казниво дело, даночно затајување, и давање и примање поткуп. Освен Ангел Пецов, неговата сопруга и син, обвинението ги опфаќа и сопствениците на фирмите кои ги помагале наводните финансиски малверзации на „Алма-комерц“, испорачателите на нафтата – возачите на цистерните, но и вработени во оштетените иституции – котлари, домари и сл., кои биле задолжени да вршат прием или контрола на испорачките. Измамата била направена на тој начин што се користеле идентични цистерни на кои им биле заменувани табличките, односно оние со нафтата која требала да биде испорачана се заменувале со други, кои имаат помалку нафта од потребното, се наведува во обвинителниот акт.

Според полицијата, за да го продаде неиспорачаното гориво, „Алма – комерц“ соработувала со фирми од Косово и Бугарија кои им издавале фиктивни фактури за испорака на гориво.

Се калкулира со бројка од 160 оштетени јавни институции, меѓу кои Владата, Царинската управа, УЈП, министерства, општини, здравствени установи, градиники. Според наводите на МВР, Буџетот бил оштететен за   речиси два и пол милиони евра.

Тек на рочиштето

17:15 – Судскиот процес продолжува утре, 07.08.2013 во 09.30 часот, исказ е предвидено да дадат останатите обвинети.

15:50 – Последен за денеска, исказ даде обвинетиот Горан Јанев, кој за разлика од другите обвинети возачи на цистерни вршел испорака на мазут.

„Не ми е јасно што е тоа злосторничо здружување, а камоли да сум направил такво нешто“, рече обвинетиот.

Тврди дека со обвинетиот Темов немал контакт, па оттука не му давал ни наредби.

Објасни дека мазутот се разликува од нафтата, па затоа и мерењето е поразлично, како и истоварањето.

На „Алма-шпедиција“  директор е Љупчо Пецов, а на „Алма комерц“, Анѓел Темов, рече Јанев. Не знаеше да каже каква и била улогата на Мариче Пецова, но рече дека ја гледал во дворот на фирмите.

Запрашан дали во неколку наврати им однел помалку мазут од предвиденото на неколку институции, најпрвин потврди, но откако одбраната приговараше дека прашањето не е поставено јасно, па на обвинетиот му беше предочен тој дел од обвинението, тој го негираше ова.

Стана збор и за испораката на мазутот до ЈЗУ Општа болница Куманово, каде 16 тона пред да бидат испорачани биле точени од „Окта“, а 4 тона од резервоарите на „Алма шпедиција“, за кој обвинетиот рече дека се чувале како резерва.

Зборуваше и за пломбите кои се ставале на цистерните, заради, како што рече сигурност. Обвинетиот на неколку пати во својот исказ потенцираше дека се’ што правел било по наредба на надредените.

„Во Окта кога идете ви даваат пломба, по наредба на Љупчо Пецов потоа ја поставував“, наведе Јанев.


15:35 – пауза од 10 минути.


14:50 – Обвинетиот Александар Анѓелов, како возач на цистерна  во фирмата на Пецови имал работен стаж од два месеци, вели дека бил викнат „на испомош“. Како и другите обвинети ги негира кривичните дела што му се ставаат на товар.

Тврди дека тој најчесто не правел истовар бидејќи немал искуство, па наместо него, тоа го правел обвинетиот Љупчо Темов.

„Додека истовараше, некогаш го чекав во возилото со кое тој доаѓаше, а некогаш идев со него. Имаше ситуации кога доаѓаше со друг камион  и јас се враќав, што правел тој потоа не знам“, рече обвинетиот.

Според обвинетиот, Темов ги организирал обвинетите каде да ја испорачуваат нафтата.  Вели дека никогаш немало проблем во испорачките кои тој ги правел.

Го потврди истото како и претходните во однос на мерењето, испратниците, а негираше и менување на регистерски таблици на цистерните.

14:20 – Обвинетиот Митко Делков, кој како возач во „Алма шпедиција“ работел само еден месец пред да го притворат, беше многу пократок од своите колеги.

„Судија тоа што го пишува во обвинението не е точно“, истакна Делков кој во однос на испратниците и мерењето го потврди истото како и претходните обвинети.

Поврди дека во некои моменти се вршело преточување н нафта од една во друга цистерна, но негираше дека некогаш биле менувани регистерските таблички на цистерните. Целта на ваквото преточување, како што објасни било дотур на нафта.

13:40 – По Темов, својот исказ го даде Марјан Пецов, за кој на рочиштето не се утврди дали и е во некаква роднинска врска со првообвинетите, инаку исто така возач на цистерна.

„Не се согласувам со наведеното во обвинителниот акт, бидејќи не сум бил дел од никакаво злосторничко здружување, ниту па знам што е тоа.  Едноставно сум си ја вршел работната задача“, истакна петтообвинетиот.

Според неговите зборови, за возачите одговорен бил Љупчо Темов.  На истото прашање од судот, дали го познава обвинетиот Велјановски, рече дека се познаваат од основно училиште. Во однос мерењето, исто како и Темов, тврди дека нафтата била проверувана и од самите нарачатели, односно комисии, а понекогаш наводно биле присутни директори или други вработени во институциите.

Рече дека го познава Анегел Пецов, бидеќи се работи за мал град и сите меѓусебно се познаваат.

На прашање на одбраната дали има и друг начин да се измери нафтата, објасни дека и на самите цистерни има бројчаник за мерење, а според неговото кажување, комисијата го проверувала количеството понекогаш и на овој начин.

Доколку некоја институција имала поголема побарувачка, се случувало да и се доставува нафта и на два пати, а тоа како што наведе да се евидентира во една испратница.

Тврди дека никогаш не менувал регистерски таблички на цистерни.

Не знаеше да каже во која фирма бил вработен, не ги знаел сите вработени, а како што посочи понекогаш биле викани луѓе и по потреба.


13:30 – Пауза од 5 минути.


11:50 – Претресот стартуваше со исказот на четвртообвинетиот, Љупчо Темов кој возел цистерна за „Алма – шпедиција“ речиси 3 години, колку што постои и фирмата. Во истрага се бранел со молчење, денеска рече дека го прочитал обвинителниот акт, но дека не се согласува со напишаното.

„Доколку било така, како што пишува, сигурно ќе било забележано уште при првата испорака на нафтата“, се обрати Темов во судница.

Посочи дека кога им била испорачувана нафтата на клиентите подлежела на повеќе контроли. Не негира дека имал телефонски разговори со другите возачи, но дека истите биле во рамки на работните обврски. Наведе дека Ангел и Љупчо Пецов ги познава како директори и сопственици на фирмите „Алма Комерц“ и „Алма – шпедиција“. За Мариче Пецова рече дека работела во една од фирмите, но дека немал контакт со неа.

Тврди дека возачите немале шеф, но дека тој ги земал налозите. На прашањето на судскиот совет, дали го познавал обвинетиот Александар Велјановски, рече дека имале контакт бидејќи тој претходно работел во реонот на Куманово, исто така со нафта.

Пред да ја испорачаат нафтата, објасни дека ја точеле од „Окта“, „Црна Река“, а во  некои случаи и од резервоари на „Алма – шпедиција“. Испратниците, како што рече, ги пополнувале возачите на самото место на истовар, содржеле: датум, количината на нафтата која што се испорачувала, име и презиме на тој што ја доставувал, како и на оној што ја примал нафтата и вршел контрола. На прашање на судијата, дали во испратницата биле евидентирани и возилата, односно цистерната со која се вршела испораката, рече дека такво нешто никогаш не запишувале. Испратниците, тврди дека потоа ги доставувале во фирмата.

Според исказот на обвинетиот, нафтата ја мереле и самите клиенти, најчесто на вага во други фирми кој што го вршат и тоа во склоп на нивната дејност. На прашањето дали имало рекламација во врска со испорачките на нафта во кумановското  училиште „Наце Буѓони“, одговори потврдно, но напомена дека тоа се случило само еднаш.

Ги опиша и цистерните, според неговите зборови имало и помали и поголеми цистерни. Во случај кога една цистерна не можела да дојде до субјектот, од причини како тесни улици, тогаш, како што рече, нафтата се претурала во две помали цистерни.

„Летно време ги товаравме цистерните помалку бидејќи горивото се шири, а зимно во полн капацитет“, појасни обвинетиот.

На прашање на адвокатот Донче Наков, дали и како фирмите од кои тие ја набавувале нафтата ја мереле, одговори дека едните ја мереле со мерачи, а другите со вага.  Наведе дека постојат испратници и за ова.

Неговиот бранител, пак, адвокатот Мирослав Вуиќ го праша дали присуствувал на вештачење на цистерните извршено од страна Министерството за економија, на што обвинетиот рече дека ниту бил, ниту е запознаен со вакво нешто.

11:45 – Судскиот совет утврди дека условите за одржување на главен претрес се исполнети.

(Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk)