/ Прочитано:

4.474

(ФОТО) СУДЕЊЕ „Ликвидација“: Oдбраната го „ликвидираше“ обвинителниот акт

Петок, 9 август 2013 – Со многу критики од одбраната кон обвинителниот акт и укажувања на пропусти во процедурите, денеска стратуваше судскиот процес за акцијата „Ликвидација“. Обвинетите меѓу кои судии, обвинител, адвокат, новинар, ја раскажаа нивната страна на приказната. Мошне жестоко, со нагласен емотивен набој тие ги бранеа своите позиции, тврдат дека не ги сториле кривичните дела упатени на нивната сметка. Бранителите велат дека немале увид во голем дел од доказите насочени против нивните клиенти. 

Фото: Академик / Наке Батев

Тек на рочиштето

18:25 – Заврши распитот на обвинети. Бранителите, но и самите обвинети, повторно на крајот од претресот побараа укинување на притворот или замена со куќен. Адвокатите истакнаа дека притворот им пречи во спремање на одбраната. „Бидете хумани и пуштете нѐ“,  му се обрати обвинетиот Сашко Лазаров на судскиот совет. 

Судскиот процес продолжува на  2 септември во 10 часот, предвидено e да проговорат сведоците.

17:30 – Обвинетиот Јане Павловски – Тица ја потврди приказната на врховниот судија и адвокатот, дека имале средба во „Романтик“и дека станувало збор Лазаров да биде ангажиран како адвокат на обвинетите во Ореше, но тој одбил. 

Фото: Академик / Наке Батев

16:50 – Адвокатот и поранешен судија во велешкиот Суд, Сашко Лазаров тврди дека е невин и дека сакал само да му помогне на Николовски.

Објасни дека во неговата адвокатска кариера се забележани само неколку кривични предмети, бидејќи негова определба била стопанското право.

„Немав ни свест ни волја да сторам противзаконито посредување. Јас пред да се нафатам да работам на одреден предмет, нормално дека ќе се распрашам, ќе  се информирам, ќе чукнам и кај судија“, рече Лазаров потенцирајќи дека сепак не се нафатил да работи на случајот кој му бил предложен.

„Ако кривичното дело „противзаконито посредување“ е давање на општи информации, тогаш цела Македонија треба да е во притвор“, додаде Лазаров во своја одбрана.

Потврди дека со Николовски се долгогодишни пријатели, а со Павловски дека освен средбата во Романтик, немале никаков друг контакт.

Барајќи да му се укине притворот, Лазаров се осврна на условите во КПУ затвор „Скопје“.

„Скапуваме во ќумези, условите во „Шутка“ се нечовечки, пијам 16 апчиња, не знам што пијам… Мене ако ме прашувате веќе сте ме казниле и на сето ова имам дадено гаранција од 600.000 евра дека нема да побегнам од државата“, вознемирено објасни адвокатот.

16:10Борис Николовски, 72-годишниот пензиониран врховен судија кој е обвинет дека заедно со Јане Павловски – Тица и адвокатот Сашко Лазаров посредувал кај обвинителот Ефремов на обвинетите во „Ореше“ да им биде укинат притворот, вели дека не знае зошто го обвинуваат, ниту пак знае нешто за предметите кои се споменуваат.

Тој не негира дека тројцата имале средба во ресторанот на Лазаров „Романтик“, но наспроти обвинителството тврди дека средбата имала за цел Лазаров да биде ангажиран како бранител на браќата Георгивески, но адвокатот не се нафатил.

За Лазаров посочи дека му е долгогодишен пријател, за Павловски дека го запознал во еден наврат.

Пензионираниот судија, кој според зборовите на неговиот бранител имал беспрекорна судиска кариера, го праша судскиот совет, дали ова е круната за она што го допринел за македонското судство.

15:20 – Петтоoбвинетиот, обвинителот во „Ореше“ Ивица Ефремов, во целост го отфрли обвинителниот акт. На Ефремов инаку му се суди за влијание во предмет поврзан со недозволено поседување и тргување на оружје: наводно по барање на обвинетиот Зафиров се обидел да влијае кај својата колешка од велешкото Обвинителство, Славица Темелковски, таа да поднесе обвинителен акт без предлог за продолжување на мерка притвор.

„Едно и единствено е вистина со што се согласувам во целост, а тоа дека ние, осумте обвинети не сме банда или група. Од самото обвинение се гледа дека ниту еден доказ не е ист. Ако обвинителството ги почитуваше одредбите од ЗКП, ќе се водеа посебни постапки и истите денеска ќе беа завршени. И денеска не можам да утврдам каква е мојата поврзаност со останатите обвинети“, наведе Ефремов.

Обвинетиот смета дека посебните истражни мерки се прибавени со грубо кршење на ЗКП и како такви не смеат да се применуваат.  Како и бранителите и тој со замерки за делото „противзаконско посредување“.

„74 дена сум во притвор и за целото време во Кривичниот законик го барам делото за кое сум обвинет. Не знам за кое дело одговарам“, истакна обвинителот.

Во голем дел се осврна на сведокот на обвинителството, неговата колешка Темелковски со која се познава 20 години.

„Некој да чува пораки стари 4 години со цел на некому подоцна да наштети, тоа е злосторството со патолошки димензии. Цел Велес знае за каков човек се работи“, обвини Ефремов истакнувајќи дека тој комуницирал со неа „од жал“.

За себе вели дека никогаш не извршил влијание или било какво посредување, но тврди дека Темелковски тоа го правела.

Смета дека СМС пораките се извадени од контекст и дека треба да се прибават и нејзините одговори кон него. Нагласи дека кога ќе дојдат на ред сведоците, ќе се разоткријат многу нешта.

Во однос на најденото оружје во неговиот дом, рече дека дел за кој има и дозвола му припаѓа на неговиот татко, а дел на неговиот брат, но дека до моментот на претресот не знаел дека  во нивната заедничка куќа се чува оружје.

14:40 – Видно вознемирен, со солзи во очите, новинарот Томислав Кежаровски, кој е четвртообвинет бидејќи во два последователни броја на ревијата „Репортер 92“, објавени кон  крајот на 2008 година, наводно го открил идентитетот на заштитениот сведок во „Ореше“, го даде својот исказ.

„Само си ја вршев работата, а сега сум регистриран како криминалец. Небаре, сум државен непријател број еден. Обвинет сум за јавно искажан збор, а јас само сакав информацијата за лажен сведок да ја направам достапна за јавноста“, му се обрати Кежаровски на судскиот совет.

Истакна дека ниту се заканувал некому, ниту рекетирал некого. Притворот го окарактеризира како крвнички.

„Не е потребно човек да е правник за да ја види апсурдноста на обвинението“, потенцираше Кежаровски.

„Со моето апсење се загрози слободата на медиумскиот простор. Грешката со сведокот Златко Арсовски – „Бреза“ е направена многу порано пред да го објавам името. Преку случајот „Ореше“ требаше да се открие гнилоста на институциите. Кривичната пријава и обвинението за мене се неприфатливи и се демонстрација на лицемерство, со цел да се прикрие што точно се случило“, додаде новинарот на „Нова Македонија“.

Тој тврди дека во однос записникот од истрагата, кој бил оставен во локална трафика, добил анонимен повик.

Прашањето на одбраната, дали некој на Кежаровски му се заканувал пред да му биде одредена мерката притвор, судот не го дозволи.

Адвокатот на обвинетиот, Филип Медарски посочи дека не му биле дадени на увид текстовите на неговиот клиент. По ова следеше прашање од судскиот совет до Кежаровски, дали тој чува примероци од „Репортер 92“, на што тој одговори дека ниту имал увид,  ниту пак знае дали има примероци бидејќи се работи за текстови од пред 5 години.


14:05 – Пауза од 30 минути.

За време на паузата, изјава за новинарите даде адвокатот Александар Тортевски.

„Во многу наврати не се дадоа докази, не се даваа докази на увид, не ни се дадени ниту наредбите за посебни истражни мерки, односно следење на комуникациите за да видиме дали се спроведени законски, а еве само ќе ви кажам еден пример: најголем дел од спроведените мерки се снимки без аудио запис. Значи сама снимка кога двајца луѓе разговараат да се достави до судот како доказ без да има аудио запис за да се види содржината на разговорот дали е нешто противзаконски или не, тоа е апсурд“, изјави Тортевски.


13:15 – Поранешниот истражен судија Валентин Зафиров, посведочи дека токму тој му го одредил статусот на загрозен сведок на лицето Златко Арсовски, но тој се сомнева дека бројот од мобилниот телефон, кој стоел на судскиот записник, бил негова сопственост и побара од судот да изврши проверка во „Т-мобиле“.

„Во тој момент тој беше загрозен сведок, доколку му бил пробиен идентитетот, тој не требал да стане заштитен сведок“, рече Зафиров.

Според обвинителството, на 6 ноември 2012 година, обвинетиот во улога истражен судија, без знаење и овластување на Одделението за заштита на сведоци отишол во затворот во Штип, каде загрозениот сведок, два дена претходно бил пренесен од затвор „Скопје“ Скопје.

Според кажувањата на Зафиров, тогашниот началник на велешката Државна безбедност му открил дека „Бреза“ се наоѓа во КПУ „Штип“.

„Тој што мене ми кажал дека сведокот е во Штип, тој треба да одговара“, потенцираше обвинетиот.

„Обвинението го отфрлам по сите наводи, бидејќи тоа е намерна или ненамерна конструкција и законите кои треба да се применат, воопшто нема да се применат“, истакна поранешниот истражен судија.

Бранителот на Зафиров, скопскиот адвокат Љубомир Михајловски, рече дека истражниот судија, на одбраната не и дал увид во многубројни докази обезбедени со примена на таканаречените посебни истражни мерки, а побара да изврши увид и во наредбите со кои се дозволува реализирање на таквите мерки. На ваквиот приговор се надоврзаа и останатите бранители.

На прашање на судот, одговори дека ги познава сите обвинети, со исклучок на Јане Павловски – Тица, на новинарот Томислав Кежаровски кој го побарал пред да го разрешат од функцијата истражен судија, со цел да го праша кој му го дал записникот од истрага, како и пензионираниот врховен судија Борис Николовски за кој слушал дека е човек со исклучително судиско реноме.

12:56 – Обвинетиот Сабедин Џини-Хофман го потврди исказот на Танев дека во еден наврат барал услуга од судијата за да може да се кандидира за градоначалник, но како што истакна не ја добил. Негира дека примил поткуп.

12:02 – Првообвинетиот, судијата Иле Танев го отфрли обвинението како неосновано.  Во однос на првото обвинение дека преку обвинетиот Сабедин Џини-Хофман побрал поткуп од 2.000 евра за да гласа за укинување на притвор во еден предмет, истакна дека како претседател на Кривичен совет не само што не влијаел врз неговите колеги, тие никогаш не ги укинувале одредените мерки притвор, туку само ги продолжувале.

Тврди дека со Хофман имал контакт кога тој во еден наврат побарал да му бидат избришани казните за да може да се кандидира за градоначалник на Општина Чашка, но до такво нешто не дошло.

Танев кој е судијата кој на два пати донесе осудителна, а во третиот наврат ослободителна пресуда за обвинетите во случајот „Ореше“, исто така е обвинет за злоупотреба на службената положба. Тој наводно ја искинал доставницата за пресудата за „Ореше“ и залепил нова со нов невистинит датум, со цел обвинителот Илија Ефремов да поднесе жалба за висината на казната иако рокот за поднесување на истата истекол, со што им ги повредил правата на обвинетите браќа Љупчо и Ордан Георгиевски.

Според Танев, ваквото обвинение, судија да одговара за доставница е парадокс „и ќе влезе во аналите на судството“.

„Јас сум првиот судија во велешкиот Суд кој го има највисокиот безбедносен сертификат. Тоа значи дека сум ги минал сите проверки и дека јас можам да разгледувам документи за кои никој во оваа судница не смее да знае. И сега, јас треба да одговарам за доставница која била ставена на судски предмет. Судија да одговара за судска доставница е вистински парадокс. Сега не ми судите мене туку на целокупното судство“, порача Танев.

Во текот на исказот на обвинетиот, се појавија дополнителни нејаснотии околу одреден предмет споменат во обвинението, за кој не се доби одговор зошто воопшто е споменат.

11:50 – Обвинителката Лиле Стефанова го прочита обвинителниот акт. Oсуммината обвинетите се товарат за: злоупотреба на службената положба и на овластувањата, примање поткуп, неовластено одавање информации и податоци за сведоците, соработниците на правдата, жртвите што се јавуваат во својство на сведоци и нивните блиски лица, противзаконско посредување и недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материјали.

10:50 – На самиот старт од главниот претрес бранителите со приговори за обвинителниот акт или поконкретно за наведеното дело „противзаконско посредување“.

„Сметаме дека дека Основниот суд Скопје 1 не е надлежен да постапува по делото противзаконско посредување“, истакна адвoкатката Валерија Николова.

„Ова дело не постои од 2011 година“, истакна бранителот Јован Јоанидис објаснувајќи дека делото содржано во член 359 од Kривичниот законик (КЗ) моментно носи друг назив. Според адвокатот и дејствата содржани во членот се делумно  променети.

Судот донесе решение со кое ги отфрли предлозите на одбраната со образложение дека стварната надлежност се одредува според најтешкото кривично дело.

„Судот не е врзан со правната квалификација, туку со описот на дејствијата“, рече претседавачкиот судија Дијана Груевска-Илиевска во однос на делото кое обвинителката во својот акт го има наведено како „противправно посредување“,  чиј назив со измените на  КЗ од октомври 2011 година гласи „примање награда за противзаконито влијание“.

10:45 – Судскиот совет утврди дека условите за одржување на главен претрес се исполнети.

10:30 – Најмодерната судница во скопскиот Кривичниот суд, претесна да ги собере сите заинтересирани за случајот, покрај роднините и пријателите на обвинетите, присутни се голем број на медиуми, како и претставници на Американската амбасада, ОБСЕ, Хелсиншкиот комитет, Коалицијата за правично судење. 

(Е.П.)