/ Прочитано:

1.769

СУДЕЊЕ „Метастаза“: Судењето се одложи, првообвинетиот повторно го нема

Четврток, 28 јуни 2012 година – Рочиштето беше одложено поради отсуство на двајца обвинети, меѓу кои повторно првообвинетиот Сашо Јосимовски. Бранителот на првообвинетиот, адвокатот Стеван Павлевски, не можеше да одговори каде е Јосимовски бидејќи не можел да оствари контакт со него. Судијата ќе ја проверува недостапноста на Јосимовски и ако сеуште не е пронајден, судот ќе му ги одземе гаранциите и повторно ќе го притвори. Останаа уште 14 обвинети да го дадат својот завршен збор пред да се донесе пресудата за случајот„Метастаза“. Обвинетите  кои веќе даваа завршен збор, негираа дека се криминалци. Сметаат дека Обвинителството нема докази против нив.

Средина: првообвинетиот Сашо Јосимовски, десно: адв. Стеван Павлевски (фото: Војкан Миленковиќ)

Според обвинението по предметот за случајот Метастаза“, доктори и службеници од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) и нивни посредници, за пари им посредувале на барателите на пензии да се стекнат со правото на користење на инвалидска пензија. Членовите на лекарските комисии и посредниците наводно барале од 1500 до 4000 евра. За секој барател сумата била различна во зависност од тоа каква документација треба да се извади. Групата дејствувала 2 години, а докторите и посредниците наводно заработиле 165.000 евра и го оштетиле Фондот на ПИОМ за 53.000 евра.

 >> Предметот за случајот „Метастаза“ проследете го тука.


Тек на рочиштето

10:30 – Судијата утврди дека законските услови за одржување на рочиште не се исполнети поради отсуство на обвинетите Сашо Јосимовски и Фиданчо Трајановски. На прашањето на судијата Ѓоко Ристов, каде е првообвинетиот, неговиот бранител Стеван Павлевски одговори дека не може да оствари контакт со својот клиент бидејќи не знае каде се наоѓа. Судијата се изјасни дека ќе наложи органите на прогон да ја проверат неговата достапност и доколку сеуште не е достапен ќе нареди да му се одземат гаранциите и ќе го врати во притвор. Обвинетиот Фиданчо Трајановски го оправда отсуството со медицинска документација бидејки бил болен. Следната главна расправа е закажана за  03.07.2012 година во 11 часот.

10:20 – Рочиштето почна.