/ Прочитано:

1.580

СУДЕЊЕ „Монструм“: Обвинет тврди дека полицискиот спровод се однесува нехумано

Среда, 4 септември 2013 – Доказната постапка продолжи со сведочењето на мајката на обвинетиот Сејди Рами која во судница се појави по предлог на обвинителството. Таа скоро еден час зборуваше за нивното семејно стебло, имотот во село Брест, секојдневието на нејзиниот син како и за роднинската врска со нивното пошироко семејство. Обвинетиот Фејзи Азири на судијата му се пожали за како што го нарече нехуманото однесување на полицискиот спровод кој во судница го спроведува од битолскиот затвор. Родителите на жртвите, пред судот рекоа дека не очекуваат во брзо време крај на судската постапка. 

Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Рами Сејди, Хаки Азири се обвинети за тероризам, според обвинителството тие на  на 12 април 2012 година во очи Велигден со цел да влеат страв кај македонското население и да се загрози безбедноста на земјата, со вкупно 21 истрел од калашников и пиштол ги усмртиле на лице место петте рибари кои ги затекнале кај Смилковското езеро. Обвинетите Африм Исмаиловиќ и Алил Демири кои најпрвин беа во бегство, се наоѓаат во притвор на Косово поради нелегално поседување на оружје, моментно се чека на нивната екстрадиција – им се суди во отсуство.

Согласно наводите во обвинителниот акт, Смиљковското езеро како место на злосторството е избрано поради тоа што обвинетиот Фејзи Азири бил концесионер на имотот близу до езерото, па нему му бил познат теренот. Фејзи Азири, Сејди Рами, Агим Исмаиловиќ и уште 3 непознати лица, пред 12.04.2012 година го разгледувале теренот. Регистрирале колку лица доаѓаат, од која националност се, на која возраст, кога доаѓаат и кога си одат од езерото. Договорот паднал убиството да се случи на кобниот Велики четврток. Како што се договориле, Алил Демири заедно со браќата Исмаиловиќ околу 19 часот дошле на езерото. Демири носел пиштол, а браќата автоматски пушки. Демири со пиштолот испукал 8 куршуми, а браќата Исмаиловиќ 13, сите во истиот  момент упатени кон 4-те момчиња. Куршумите завршиле во нивните тела, ги усмртиле на лице место. На само 50 метри случајно се затекнал рибарот Борче Стефковски, обвинетите го забележале, во него пукале со 5 куршуми додека тој бегал кон своето возило.

>> Предметот целосно можете да го проследите тука. 

Тек на рочиштето

13:50 – Во врска со последниот уапсен, Сами Љута, кој е осомничен дека чувал стража додека останатите обвинети ги вршеле убиствата кај Смилковци, адвокатот на обвинетите, Насер Рауфи, вели дека треба да се почека да заврши истрагата.

„Од истрагата  и од обвинителот ќе зависи дали тој треба да се приклучи кон постапката во овој тек или процесот да почне од почеток. Според мене нема докази ниту за овој обвинет. Судот нè ни дозволува ниту увид во автомобилот „опел омега во кој како што тврдат беа најдени ДНК-докази што ги поврзуваат обвинетите со убиствата“, изјави бранителот на обвинетите Рауфи, на излегување од судот.

13:45 – Следното рочиште продолжува на 24 и 25 септември во 10 часот со изведување на писмени докази.

13:00 – Откако сведокот заврши со својот исказ, обвинетот Фејзи Азири стана и му се обрати на судијата.

„Сакам да ви кажам дека сум разочаран бидејќи ме опоменувате за мобилниот, а воопшо не сте се изјасниле за моите многубројни поплаки во однос на нехуманото однесување на полицискиот спровод. Лисиците ги стегаат пресилно, имам дури рани на рацете, а денеска бев седнат на подот на полициското комбе, а задното седиште беше празно. Наредниот пат, на следниот главен претрес, можеби ќе не врзат на полициското комбе и влечејќи ќе не донесат до тука, дури од Битола. Мислам дека ова е нехумано однесување, два часа се возам седнат на метална шипка на подот на комбето“, рече обвинетиот Азири.

Исто така тој се пожали зошто судијата не ја дозволил посетата на претставници на Црвениот крст во битолскот затвор. Судијата му одговори дека ја дозволил посетата, но тие ја одбиле бидејќи не им одговарале условите за посета на притворени лица согласно Законот за кривична постапка. Во однос на спроводот, судијата одговори дека ќе разговара со директорот на битолскиот затвор, но обвнетиот Азири појасни дека тие два часа се во рацете на специјалните единици заждолжени за нивната безбедниост и дека директорот не е надлежен за нивното однесување.

12:30 – Главниот претрес го отвори мајката на обвинетиот Сејди Рами. Таа скоро еден час говореше за семејното стебло, роднините, нејзиното потекло и потеклото на нејзиниот сопруг, за имотот во село Брест, за секојдневието на нејзиниот син итн..

12:20 – Судскиот совет утврди дека условите за одржување на главен претрес се исполнети. Во судницата беа присутни дел од родителите на убиените момчиња. Претседателот на судскиот совет, Ивица Стефановски рече дека во ќелијата на обвинетиот Фејзи Азири е најден мобилен телефон, па го опомена обвинетиот да го почитува редот во затворот. Обвинетиот Азири рече дека телефонот не е негов, туку на неговот цимер.

>> „Монструм“ далеку од завршница — освен екстрадицијата, извесно е дека и Сами Љута ќе го врати судењето на почеток